за

Синтетски горива за спас на моторот со внатрешно согорување

синтетски горива

Според Матијас Висман, првиот човек на германската автоиндустрија, уште е неизвесно на кој погон ќе му припадне иднината. Моторите со внатрешно согорување можат да бидат чисти кон животната средина, но условот е да се користат синтетски горива.

Големите автонации не сакаат да ја препуштат својата водечка улога во технологијата на моторите со внатрешно согорување. САД уште во 1990-те години се откажаа од идејата да „притиснат“ на електричниот погон, кога му наложија на General Motors да ги повлече и уништи сите примероци од електричниот GM EV1 од пазарот. Актуелната дизел-афера на Volkswagen не е друго освен судир на политички интереси, иако и таа не е без основа.

Технологијата за синтетски горива постои, проблем е „само“ цената

Во последно време им станува сé потешко на политичарите и на шефовите на големите концерни да го оправдаат останувањето во игра на моторите со внатрешно согорување. Според Матијас Висман, претседател на германската автоиндустрија, „денес никој не може со сигурност да потврди кој погон ќе се пробие во иднината.“ На 14-от Конгрес за квалитет на германската автоиндустрија, Висман искажа голем оптимизам за конвенционалниот погон. Бензинските и дизел моторите би можеле да им конкурираат на почистите видови погон, доколку се применуваат синтетски горива. „Технологијата за Е-горивата постои, останува само прашањето, како овие погонски горива кои се неутрални за климата да се произведуваат по конкурентна цена,“ цени Висман.

Предност на синтетските горива е можноста за примена во постоечките возила

Во Е-горивата лежи огромен потенцијал за декарбонизација на сообраќајниот и енергетскиот сектор. Во секој случај, предноста на синтетските горива е во тоа што можат да се применуваат кај постоечките возила со бензински и дизел мотор. На тој начин би се постигнала поголема ефикасност во намалувањето на емисијата на СО2 од сообраќајот.

Пробивот на електричниот погон сепак не може да се негира. Во 2020 година, германската автоиндустрија ќе вложи околу 40 милијарди евра во развој и истражување на електричниот погон. Дотогаш, понудата од модели на германските производители ќе се зголеми тројно, од актуелните 30 на близу сто модели со погон на струја.

Во својот говор на Конгресот, Висман искажа задоволство од успехот на германските автомобили на најголемите пазари за електричниот погон. Во Норвешка, уделот на германските автомобили во електро-секторот изнесува 58 проценти, во Западна Европа 52 проценти, додека во Германија 64 проценти.

Претседателот на германската автоиндустрија очекува уделот на електричните возила во вкупниот број новорегистрирани автомобили во Европа да се движи меѓу 15 и 25 проценти до 2025 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

ЕУ бара вградување мерачи за потрошувачка во сите возила

лондонските автобуси кафе

Кафе како погонско гориво за лондонските автобуси