192
24 shares, 192 points

Најдобрите инженери во светот секоја година се собираат на симпозиумот на мотори во Виена. Според експертите, овие технологии ќе го означат развојот на автомобилските мотори во иднина.

Строгите закони за заштита на животната средина веќе неколку години им задаваат тешки маки на производителите на автомобили. Додека купувачите и натаму бараат уште поголеми, покомфорни и посилни автомобили и преферираат спортски теренци, производителите се обврзани драстично да ја намалат потрошувачката на гориво на своите возила до 2020 година – и уште повеќе во периодот потоа – со цел да ги исполнат строгите норми и да избегнат плаќање еколошки пенали кон Европската Комисија. На 36-от симпозиум за мотори во Виена се наѕираат најважните технологии со коишто производителите ќе ја постигнат огромната заштеда во гориво во следните години. Во продолжение се најважните трендови на австрискиот симпозиум.

По „даунсајзинг и даунспидинг“ следува „рајтсајзинг“

motor 20 tfsi audiВремето на бескомпромисното смалување на моторите полека завршува. Новата формула гласи „Rightsizing“, односно постигнување на оптимална работна зафатнина на моторот соодветно на големината и намената на возилото. Мотори со три, четири, шест и осум цилиндри со помош на еднократно или повеќекратно турбонатполнење ќе ја постигнуваат потребната моќност. Обични мотори без турбонатполнење во иднина ќе се користат само во најмалечките и најевтините возила. Притисокот на впрскување на горивото во турбомоторите ќе се зголеми драстично, со цел да се постигне уште поефикасно согорување на смешата од гориво и воздух. Овој притисок кај бензинските мотори наскоро ќе се зголеми на 350 бари, додека кај дизелите со моќност од преку 300 КС може да се очекуваат вредности и до 3.000 бари. Пример за „рајтсајзингот“ веќе понуди Audi, којшто на симпозиумот премиерно го прикажа новиот дволитарски TFSI со 190 КС и потрошувачка под 5,0 литри, наменет за новиот Audi A4.

Напон од 48 волти

Повеќето производители и добавувачи веќе со децении се занимаваат со воведувањето напон од 48 волти. Со постојаното натрупување на моќни компјутери, системи старт-стоп и разни системи за асистенција, се зголемува и потребата од струја на автомобилите. Постоечката мрежа од 12 волти е недоволна за многубројните сервомотори и за масовната електрификација. Во тој поглед, мрежата под напон од 48 волти значително ќе им ја олесни работата на електрониката и електриката во возилата. Може да се реализира дури и електричен погон на турбокомпресорите.

Напонот од 48 волти ќе овозможи доволно струја и за „електрични“ турбокомпресори: Прототипот RS5 TDI на Audi, со мрежа од 48 волти
Напонот од 48 волти ќе овозможи доволно струја и за „електрични“ турбокомпресори: Прототипот RS5 TDI на Audi, со мрежа од 48 волти

Хибриди со надворешно полнење на батериите

Автомобилите со хибриден погон минаа тешки времиња, но затоа, иднината ветува многу. Возилата почнувајќи од средната класа па нагоре, во иднина нема да се замислат без хибриден погон. Јапонските производители на автомобили Toyota и Honda ја презедоа и успешно ги реализираа пионерските задачи, Toyota_Prius_Pluginза сега да им биде многу полесно на производителите од Европа, САД и Азија да напредуваат со рапидно темпо и да се изедначат со двете марки-предводници. Во следните години постепено ќе исчезнат „обичните“ хибридни возила, коишто за разлика од „плагин-хибридите“, не можат да ги наполнат батериите на домашен приклучок за струја или на јавен полнач. Според тоа, иднината јасно им припаѓа на овие „плагин хибриди“, коишто само со енергијата во батериите можат да минат до педесетина километри – и потоа да продолжат во комбинирана работа. Дизел-хибридите, исто така ќе исчезнат од пазарот.

Исклучување на цилиндрите и променливи одови на вентилите

Идејата со исклучувањето на цилиндрите воопшто не е нова и веќе со децении е неразделна тема од симпозиумот во Виена. Целта е „просторот за согорување“ да се сведе на минимум во услови кога моторот работи под ниско оптоварување, односно вози со постојано и умерено темпо. Тоа може да се постигне на два начина: Со исклучување на цилиндрите или со променливи одови на вентилите. Новитет на оваа тема е варијабилната компресија. Во следните години ќе се појават современи мотори коишто ќе ја менуваат компресијата според оптоварувањето. Ford претстави иновативен систем за исклучување на цилиндрите во познатиот трицилиндарски бензинец. Овие системи досега функционираа само кај моторите со парен број цилиндри. Новиот мотор W12 со зафатнина од шест литри на концернот Volkswagen исто така ќе користи исклучување на цилиндрите и иако ќе располага со преку 600 КС и ќе се вградува во врвните модели на Audi или Bentley, во просек ќе троши помалку од десет литри бензин.

Автоматски менувачи

Моделите од средната класа па нагоре во иднина ќе возат само со автоматски менувачи. Повеќето експерти ценат дека автоматските менувачи што совршено се приспособени на моторот се идеален спој со современите турбомотори. Mercedes моментно е на девет степени, а чекорот го следат и специјализираните производители Aisin, ZF и Borg Warner. „Рекордерскиот“ десетстепен менувач со двојна спојка на Volkswagen, преставен претходно на симпозиумот, нема да го означи и крајот на додавањето „нови“ степени. Експертите сметаат дека бројот на степени ќе се комплетира со додавање на екстремно кус прв степен за теренските возила, како и со екстремно продолжен степен за возење по автопат. Но, развојот ќе се одвива и во спротивниот правец. Електромоторите во хибридните погони ќе придонесат за намалување на скапите дополнителни преносни односи во менувачите, затоа што ангажирањето на електромоторот во помош на бензинскиот мотор го прави непотребно префрлувањето во степен подолу, при престигнување или забрзување.

Намалување на триењето во моторите

Моторите со внатрешно согорување имаат исклучително ниска ефикасност. Една третина од енергијата што се ослободува во нив се губи преку топлина, додека друга третина се губи во триење. Само една третина се користи за фактичкиот погон на возилото. Инженерите веќе интензивно работат на натамошно усовршување на моторите во поглед на намалување на внатрешното триење. Тоа значи дека идните мотори ќе искористувааат поголем дел од енергијата на горивото. За тоа се користат високотехнолошки лежишта, најсовремени средства за подмачкување и нови материјали, коишто до пред неколку години беа достапни единствено во вселенските летала.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

192
24 shares, 192 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *