за

РСБСП: Најголеми грешки што возачите ги прават при возење во зима

Советот за безбедност на сообраќајот подготви неколку препораки со коишто потсетува дека возењето во зимски услови крие многубројни опасности, на коишто треба да се внимава додека се патува по снежни и замрзнати патишта.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ја продолжува зимската кампања со совети за возачите, овојпат посочувајќи на најчестите грешки што возачите ги прават при зимско возење и се доведуваат во опасност себеси и останатите учесници во сообраќајот. Тоа што не треба да се заборави е дека возењето во зимски услови, по снежни и замрзнати патишта, бара големо внимание и претпазливост.

Според РСБСП, при возењето во зимски услови е потребно да се внимава на следново:

Пребрзо возење при условите на патот

Сообраќајните знаци за ограничување на брзината кои се поставени на улиците и патиштата се наменети за возење во идеални временски услови, сув асфалт и чисти страници на коловозот. Возачите имаат лоша навика да возат секогаш со брзина еднаква или малку поголема од пропишаната. РСБСП советува, штом ќе наидете на влажен коловоз и на намалена видливост, веднаш да ја намалите брзината. Во лоши временски услови е потребно подолго време додека возачот реагира, а соодветно на тоа е подолг и патот за запирање на возилото. Навидум чист или сув коловоз не треба да наведува на опуштено и брзо возење. Секојдневно се случуваат сообраќајни незгоди поради губење контрола над возилото на подмрзнат дел на патот, кој некогаш се забележува тешко. Затоа брзината треба да се намали навреме. Забрзувањето и забавувањето во зима треба да се прави постепено и внимателно.

Недоволно простор за маневрирање

Патот на запирање на снежни или на замрзнати патишта е подолг за четири до десет пати отколку на сув пат и поради тоа треба да се предвиди повеќе простор за запирање и маневрирање. Никогаш не се обидувајте камионите и другите тешки возила да ги престигнете оддесно – на камионите им треба многу поголем простор да запрат и имаат голема „слепа точка“ на десната страна. Затоа секогаш треба да се остава поголем простор меѓу возилата, особено од тешките возила.

Не се одржува безбедно растојание од останатите возила

При возење во зимски услови, се препорачува оддалеченоста меѓу возилата да се зголеми трипати за да се осигура минимален пат на запирање од осум секунди, односно доколку се возите со брзина од 20 km/h, одалеченоста од возилото напред мора да биде четири должини на возилото, односно дванаесет должини доколку се вози со 50 km/h.

Не се внимава на патот пред себе

Секогаш бидете фокусирани на патот, на возилото и на случувањата во сообраќајот. Не се фокусирајте на неважни делови од возилото пред вас или на делови од околината коишто не се поврзани со случувањата во сообраќајот. Можноста за правилно реагирање на евентуален проблем на патот или во сообраќајот зависи од фокусираноста, будноста и концентрацијата.

Погонот на сите тркала не треба да ја зголемува самодовербата

Точно е дека возилата со погон на четири тркала се побезбедни и имаат подобри перформанси во услови на снег, дожд или мраз затоа што дополнителната тракција овозможува подобро забрзување или извлекување од снег. Но, тоа не дава право за побрзо возење, бидејќи тракцијата зависи од контактот меѓу гумите и патот. Затоа е подобро е да се намали брзината.

Возење под стрес

Дали сте се нашле во ситуација кога сте зад воланот и сте смртно преплашени од ситуацијата со која не можете да се соочите? Дали нагло сте притиснале на сопирачката кога возилото почнало да лизга? Лизгањето е страшно, но паниката прави само полошо. Маневрирајте опуштено, сопирајте полека, фокусирајте го погледот на патот каде што сакате да се движите и бидете нежни со возилото.

Изведување повеќе маневри истовремено

Голема грешка. Не изведувајте повеќе маневри во исто време – прво забавете нежно и полека, а потоа завртете го воланот во саканата насока и на крај полека забрзајте. Потсетување: Комбинација од нагло сопирање и маневрирање со воланот е еднаква на лизгање.

Неподготвеност за реалните опасности

Многупати сме изненадени од првиот снег и од условите на патот кои ни ги прикажуваат ТВ каналите, но никој не претпоставува дека баш него може да му се случи да заглави во снег, да го завее снежна бура или пак со возилото да излизга од патот. Во тој случај, најдобро е да се остане во возилото. Повикајте помош на патот на телефонскиот број 196 и во меѓувреме вклучувајте го моторот во времетраење од 10 минути на секој еден час, за топлината да се одржува во кабината. Користете го сетот за итни ситуации (екстра топла облека, ќебе, флаширана вода, комплет за прва помош, лопата, хартиени крпи, синџири, кабли). Секогаш имајте полна батерија на телефонот пред да појдете на пат.

Овој едукативен текст е во рамките на Зимската кампања која што РСБСП ја реализира со поддршка од МотоЦентар – Прв избор за гуми.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

XC60 е најпродаван Volvo, но големиот XC90 ги носи рекордите

Стари батерии од Nissan Leaf ќе обезбедуваат струја за Амстердам Арена