166
21 shares, 166 points

Статистиката за европскиот пазар за првите шест месеци од 2015 покажува голем раст во продажбата на кросоверите и спортските теренци од сите класи, на сметка на минивановите.

Кросоверите и спортските теренци од сите класи и сите сегменти ги заменија вановите. Според продажната статистика за првите шест месеци од 2015 година за европскиот пазар, интересот за вановите се намалил за 13 проценти, со 582.000 продадени примероци, наспроти 657.000 примероци во истиот период лани. Купувачите почесто се решаваат да купат кросовер или спортски теренец место модели како Opel Meriva или Citroen Picasso.

Затоа пак, сите модели од сегментот на кросоверите и спортските теренци, почнувајќи од Renault Captur па сé до BMW X5, во првото полугодие забележале раст во продажбата од 18 проценти, со вкупен волумен од близу 1,6 милион примероци. Продажните бројки понатаму откриваат дека во моментов 21 процент од купувачите на нов автомобил во Европа се решаваат за теренец или кросовер, наспроти 20 проценти лани или 17 проценти во 2013 година. Сите пет сегменти на кросовери и СУВ пораснале над просекот на целиот пазар: Сегментот на малечки СУВ/кросовер (Renault Captur) во првите шест месеци од годинава пораснал за 35,8%, компактните СУВ и кросовери (Nissan Qashqai) се продале во бројка повисока за 13,1%, големите теренци и кросовери (Hyundai Santa Fe) се во плус од 25,8%, исто како и компактните модели до премиум сегментот (Audi Q3) со 20,7% и големите теренци (BMW X5) со раст во продажбата од 10,1%.

Renault Espace од пионер меѓу вановите стана следбеник на трендот на кросовери

Преку примерот на Renault најдобро се огледуваат промените што во меѓувреме се случија на европскиот пазар. Француската марка долго време го негуваше сегментот на вановите, почнувајќи уште од револуционерните Espace и Twingo, предводејќи ги и продажбата и трендовите. Првиот рапиден чекор беше замената на малечкиот ван Modus со Captur. Резултатот ги надмина и најоптимистичките очекувања. Captur инстантно се искачи на првото место во продажбата во својот сегмент.

Renault Espace
Renault Espace

Истата промена лани се случи и кај легендарниот Espace, кој во новата генерација повеќе не се појавува како ван, туку како кросовер, повеќе ориентиран како спортски теренец отколку како ван. Продажбата на Espace оттогаш порасна за 61 процент, наспроти сегментот на претходникот кој забележа пад од 11 проценти. Тоа е јасен доказ дека вкусовите и барањата на европските купувачи се менуваат, напуштајќи ги вановите и префрлувајќи се кон кросоверите и теренците.

Целиот европски пазар на автомобили ги надмина очекувањата на пазарните аналитичари, забележувајќи раст од 7,8 проценти, со 7,34 милиони продадени примероци. Од вкупно 24 сегменти од коишто се состои автомобилскиот пазар, дури во 13 сегменти е постигнато зголемување во продажбата што е повисоко од пазарниот просек. Четири други сегменти исто така имаат раст, во рамките на просекот, додека седум сегменти се во минус во првите шест месеци од 2015 година.

Годишната продажба на електрични возила во Европа веќе се движи кон 100.000 примероци

Интересот на европските купувачи се зголемил најмногу за електричните автомобили. Нивната продажба во првото полугодие е во плус од 57 проценти, со 43.023 продадени примероци. Сепак, електричните автомобили и натаму имаат ниско учество во пазарот, со 0,58 процент. Трендот е нагоре и во иднина се очекува уште поголем раст во продажбата на овие возила. Лани, нивниот удел изнесувал 0,47 процент. Најпродаван модел е Nissan Leaf, пред Renault Zoe и Tesla Model S.

Во продажбата се најзастапени возилата од сегментот на градските автомобили, каде што продажбата ја предводи Ford Fiesta. Во првите шест месеци, овој сегмент се зголемил за 6,8 проценти, на 1,48 милион примероци. Следат компактите, со раст од 9,9 проценти и вкупно 1,34 милион примероци. Разликата меѓу овие два сегмента постојано сенамалува и во моментов изнесува 140.000 возила, наспроти 173.000 возила во првото полугодие лани. Најголеми губитници и натаму се кабриолетите од големоволуменските марки, чија што продажба се намалила за дури 27 проценти наспроти првото полугодие лани.

Продажба по сегменти во првото полугодие од 2015
Сегмент Промена во споредба со јан.-јун. ‘14
Електрични возила +57%
Малечки кросовери и СУВ +36%
Големи кросовери и СУВ +25%
Премиум компактни кросовери и СУВ +21%
Премиум мини +19%
Компактни кросовери и СУВ +13%
Средна класа +12%
Автомобил-ван +11%
Премиум средна класа +11%
Премиум големи кросовери и СУВ +10%
Компакти +9,9%
Премиум кабриолети +9,9%
Премиум купеа +9,3%
Пазарен просек +7,8%
Мини +7,4%
Луксузни модели +7,1%
Градски автомобили +6,3%
Премиум компакти +5,6%
Премиум виша класа -4,2%
Премиум висока класа -7,2%
Купеа -8,0%
Големи минивани -11,0%
Компактни минивани -11,0%
Малечки минивани -12,0%
Кабриолети -27,0%

 


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

166
21 shares, 166 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *