за

Премиера на лимузинскиот Ford Focus на салонот во Њујорк

Комбилимузината во Женева, лимузината во Њујорк. Таму каде што се најпопуларни одделните каросериски изведби на Focus, таму истите и се претставуваат. И нашиот вкус е како американскиот.

На салонот во Њујорк (18-27.4.) им претстои светска премиера на лимузинската изведба на новиот Ford Focus и на верзијата со електричен погон, откако на салонот во Женева веќе беа прикажани комбилимузината и комбито Tourer. Првите пазари во Европа ќе ги добијат новите моделски изведби на Ford Focus во третиот квартал од годинава.

Focus влегува во втората половина од моделскиот циклус со темелно освежен дизајн на каросеријата и подобрени детали во речиси сите подрачја од возилото. Спортскиот карактер на компактот на Ford се нагласува со новата форма на хаубата, заедно со редизајнираната маска и предни светла. По бројните критики околу ракувањето е сменета и средишната конзола, а внесени се и нови комфорни ставки во опремата, меѓу другото и волан со можност за греење. Со нови материјали и бои во кабината е постигнат поубедлив впечаток за квалитет.

Ford дополнително ги зголеми производствените капацитети во осумте фабрики во светот, во кои што се прозведува бестселерот – меѓу другото, Focus е најпродаван автомобил во 2013 година на глобално ниво. Во фабриките во Сарлуис (Германија), во САД, Кина, Русија, Тајланд, Виетнам, Тајван и Аргентина, годишно ќе се произведуваат по 1,5 милион примероци од Focus. Од воведувањето на првата моделска серија во 1998 година досега, од наследникот на Escort се произведоа преку 12 милиони примероци.

Актуелниот модел моментно се нуди на нашиот пазар со акциска цена од 11.990 евра за комбилимузината со 5 врати, во верзија со еднолитарскиот Ecoobost, кој двапати е одликуван како „Светски мотор на годината“. За популарната лимузина со четири врати се доплаќа 400 евра.

ford focus 42

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

И Renault Captur ќе пушти нога за фестивалот на танцот во Скопје

Македонска премиера на Porsche Macan на модната недела во Скопје