140
19 shares, 140 points

Бестселерот на Volkswagen и на Европа утре ќе се појави пред светот во освежено издание, по четири години од премиерата. Во дизајнот на каросеријата не се очекуваат промени, но затоа се поголеми промените во погонот, системите за асистенција и во кокпитот, кадешто ќе работи голем дисплеј по пример на виртуелниот кокпит на Audi.

На секои четириесет секунди се продава по еден Volkswagen Golf, каде било низ светот. Така е уште откако Volkswagen го претстави својот спасител, но и автомобилот што го означи почетокот на комплетно нова класа возила, компактната класа. Најголемата доблест на Golf е неговата бескласност. Со 33 милиони примероци, Golf е најпродаваниот модел со знакот на Volkswagen.

Класичната комбилимузинска изведба на Golf, заедно со комбито Variant и ванот Sportsvan, од утре стартуваат во освежено издание, а првите испораки ќе следат во март. Во изгледот на „новиот“ Golf од седмата генерација речиси нема промени. Моделите ќе се распознаваат од сегашните единствено по браниците и во предните светла со диодна техника. Во каросеријата нема интервенции, затоа што тоа повлекува изработка на нови калапи, а тоа чини милиони евра.

Нов бензинец од 1,5 литар и 150 КС во замена за 1.4 TSI

Најважните промени се случуваат под хаубата. Новитет во понудата од бензинци е 1,5-литарскиот мотор од генерацијата EA 211 evo, со турбонатполнење и 150 КС, како замена за постоечките мотори 1.4 TSI. Овој мотор ќе биде достапен и во верзија со 130 КС. Дизелите од 1,6 и 2,0 литри остануваат во понудата, но имаат претрпено значајни преправки за подобрување на емисијата и потрошувачката.

Од средината на следната година за издувот на 1,5-литарскиот бензинец ќе се нуди и филтер за честички, исто како кај дизелите – емисијата на неразградливи честички кај бензинците со директно впрскување е повисока отколку кај класичните мотори. Овој филтер подоцна ќе биде достапен и за останатите бензинци во понудата.

Volkswagen Passat Active Info Display

Голем напредок ќе се случи и во внатрешноста. За првпат во Golf ќе работат виртуелни инструменти, по пример на Passat. Возачот ќе има избор од повеќе различни конфигурации на приказ на информации на дигиталната табла со инструменти што ќе се нуди со доплата. Повеќе занимација ќе има со големиот дисплеј во средишната конзола, со пречник од 9,2 инчи, резолуција од 1280 х 640 точки, но и со можност за ракување преку гестикулација.

Ракување преку движење на прстите пред дисплејот во средишната конзола

Во концептот e-Golf Touch, Volkswagen веќе покажа како ќе функционира овој дисплеј. Во исто време на големиот дисплеј ќе се прикажуваат различни видови информации во полн обем, на пример навигација и радио. Нови можности за поврзување со преносни уреди и користење на истите веќе се подразбираат.

Volkswagen e-Golf Touch

Електричната верзија на Golf ќе добие нови батерии со поголема енергетска густина, коишто според најавата од салонот во Париз ќе овозможат досег до 300 километри. Нивниот капацитет ќе изнесува 37 амперчасови, место 25. Volkswagen не планира натамошни зафати во погонската спрега на e-Golf, затоа што на преодот во следната деценија следи сериската верзија на концептот I.D. Кога овој модел ќе стартува со продажба, повеќе нема потреба од електрична верзија во моделското семејство на Golf.

Наспроти тоа, плагин-хибридот GTE ќе се нуди и во следната генерација на Golf, првенствено за кинескиот пазар, кадешто се планира и негово производство.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

140
19 shares, 140 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *