за ,

Прво возење на Renault Twingo (2. дел): Што нуди конкуренцијата?

Француското мини ги предизвикува сите во класата, од оние најевтините, до оние најтрендовските. Како новиот Twingo се снаоѓа против конкуренцијата проверете во следниот преглед.

Голема раздвиженост се чувствува и во класата на малечките автомобили, во класата што производителите до пред само неколку години беа присилени да ја „заборават“, поради малата заработка, а многу почесто и губиток. Малечките автомобили мора да ги задоволат истите норми за безбедност како поголемите автомобили и воедно да ги исполнат строгите еколошки норми, што прави нивната техника и развој да чинат исто како кај моделите од следната класа.

Откако француско-јапонското трио на Citroen, Peugeot и Toyota докажа дека математиката сепак може да успее и во оваа класа со претставувањето на првата генерација на C1/108/Aygo, кога повеќе страни ќе ги споделат трошоците за развој и производство, следуваше вистинска ренесанса на класата на малечките. Меѓу првите што понудија технички зрели минија од новата генерација реагираше Kia со новиот Picanto, а веднаш потоа следуваше и концернот Volkswagen, исто така со триото модели Up/Mii/Citigo. Наскоро следува и моделот на Opel во оваа класа, Karl.

Италијанците отсекогаш го негувале овој сегмент и речиси не почувствуваа ништо од новите правила на пазарот, па ја понудија новата и совршена генерација на Panda, а истото важи и за специјалистот Suzuki. Последен член е новата генерација на Twingo, наследникот на култниот мини-ван од 1990-те години – и на „подзаспаниот“ модел од втората генерација. За впечатоците и сите детали од првото возење на Renault Twingo можете да прочитате тука.

Citroen C1 VTi 68
Почеток на продажба во јули 2014, цена во Македонија: – ; Мотор и погон: 3 цилиндри, 12 вентили, 998 ccm, 69 КС при 6000/min, 95,5 Nm при 4800/min, 5-степен менувач; Димензии и тежина: 3466х1615х1460 mm, меѓуоскино растојание 2340 mm, круг на вртење 9,6 m, багажник 196/780 литри, празно возило 915 kg, дозволена тежина 1240 kg, носивост 325 kg; Перформанси: 157 km/h, 0-100 km/h за 14,3 s, потрошувачка (град/пат/просек) 5,0/3,6/4,1 l/100 km, резервоар 35 литри

citroen c1 2 gen

Citroen го претвори моделот од втората генерација во малечок стилски автомобил со впечатливи детали во дизајнот, по пример на Fiat 500 и Opel Adam. Исто како и во претходната генерација, C1 е технички идентичен со Peugeot 108 и Toyota Aygo. Комфорот на подвозјето е значително подобрен, а под хаубата работат новите трицилиндарски мотори на PSA со 69 и 82 КС. Моделот уште не е стартуван со продажба на нашиот пазар, кај Автонова уште фигурира моделот од претходната генерација.

Fiat Panda 1.2 8V
Почеток на продажба во март 2012, цена во Македонија: 9.690 евра (за ниво Pop, состојба 07/2013); Мотор и погон: 4 цилиндри, 8 вентили, 1242 ccm, 69 КС при 5500/min, 102 Nm при 3000/min, 5-степен менувач; Димензии и тежина: 3653х1643х1551 mm, меѓуоскино растојание 2300 mm, круг на вртење 9,3 m, багажник 225/870 литри, празно возило 1015 kg, дозволена тежина 1420 kg, носивост 405 kg; Перформанси: 164 km/h, 0-100 km/h за 14,2 s, потрошувачка (град/пат/просек) 6,7/4,3/5,2 l/100 km, резервоар 37 литри

111214_F_Panda_02

„Мечето“ на Fiat ги задржа гените на претходникот којшто беше прогласен за автомобил на годината во Европа и без потреба од воведување нова револуција се подобри во сите подрачја. Италијанците по традиција се моќни кога станува збор за автомобилите од оваа класа, па тоа не е исклучок и во новата, поголема Panda. Производството се пресели од Полска во фабриката во Помиљано д’Арко под Везув, кадешто на времето се произведуваше славната Alfasud. Основниот модел уште вози со мотор од генерацијата Fire со 69 КС и два вентила по цилиндар, додека поскапите модели го имаат двоцилиндарскиот TwinAir. Исто како и во претходните генерации, Италијанците го нудат моделот и во верзија со погон на сите тркала.

Hyundai i10 1.0
Почеток на продажба во ноември 2013, цена во Македонија: – ; Мотор и погон: 3 цилиндри, 12 вентили, 998 ccm, 67 КС при 5500/min, 95 Nm при 3500/min, 5-степен менувач; Димензии и тежина: 3665х1660х1500 mm, меѓуоскино растојание 2385 mm, круг на вртење 9,56 m, багажник 252/1046 литри, празно возило 1008 kg, дозволена тежина 1420 kg, носивост 412 kg; Перформанси: 155 km/h, 0-100 km/h за 14,9 s, потрошувачка (град/пат/просек) 6,0/4,0/4,7 l/100 km, резервоар 40 литри

hyundai i10_2013_72_03

Корејската марка ветува повеќе простор и повеќе луксуз во новиот i10, којшто имаше премиера на салонот во Франкфурт во минатата година. Во споредба со претходникот, новиот i10 е понизок, поширок и подолг, во корист на повеќе простор и комфор во кабината. Со доплата се достапни и опции како греење на воланот и на седиштата. За погонот се гриќат два нови мотора: Трицилиндарец со 69 КС и четирицилиндарец со 86 КС. Новата генерација на i10 уште не е комерцијализирана на нашиот пазар.

Kia Picanto 1.0
Почеток на продажба во мај 2011, цена во Македонија: 9.990 евра (модел 2015, ниво LX); Мотор и погон: 3 цилиндри, 12 вентили, 998 ccm, 69 КС при 6200/min, 95 Nm при 3500/min, 5-степен менувач; Димензии и тежина: 3595х1595х1480 mm, меѓуоскино растојание 2385 mm, круг на вртење 9,8 m, багажник 200/870 литри, празно возило 920 kg, дозволена тежина 1340 kg, носивост 420 kg; Перформанси: 153 km/h, 0-100 km/h за 14,4 s, потрошувачка (град/пат/просек) 5,4/3,6/4,2 l/100 km, резервоар 35 литри

kia_picanto_ser_29

Втората генерација на најмалечкиот модел на Kia дебитираше на салонот во Женева во 2011 година, на заедничка платформа со моделот од посестринската марка Hyundai i10. Новиот Picanto изгледа динамично, кабината е поголема во споредба со претходникот, исто како и багажникот. Моторите се трицилиндарски еднолитарец со 69 КС и четирицилиндарски 1,2-литарец со 85 КС. Picanto поставува високи стандарди во поглед на цврстината на каросеријата, комфорот на подвозјето и воопшто квалитетот на изработка.

Peugeot 108
Почеток на продажба во јули 2014, цена во Македонија: – ; Мотор и погон: 3 цилиндри, 12 вентили, 998 ccm, 69 КС при 6000/min, 95 Nm при 4300/min, 5-степен менувач; Димензии и тежина: 3475х1615х1460 mm, меѓуоскино растојание 2340 mm, круг на вртење 9,6 m, багажник 196/780 литри, празно возило 915 kg, дозволена тежина 1240 kg, носивост 325 kg; Перформанси: 160 km/h, 0-100 km/h за 14,3 s, потрошувачка (град/пат/просек) 5,0/3,6/4,1 l/100 km, резервоар 35 литри

peugeot 1403694988_108_1406_055

Паралелно со техничките близнаци Toyota Aygo и Citroen C1 следуваше и моделска замена на најмалечкиот модел на Peugeot. Новиот Peugeot 108 за разлика од нив има повеќе воздржан дизајн на каросеријата, во стил на поголемите браќа од сопствената марка, но и натаму изгледа привлечно. Кабината е доволно просторна за модел од оваа класа, единствено треба да се биде подготвен на цени од преку 10.000 евра за малку поопремените изведби на моделот. Колку точно ќе изнесува цената на македонскиот пазар ќе се знае по комерцијализацијата.

Renault Twingo
Почеток на продажба во септември 2014, цена во Македонија: – ; Мотор и погон: 3 цилиндри, 12 вентили, 999 ccm, 71 КС при 6000/min, 91 Nm при 2850/min, 5-степен менувач; Димензии и тежина: 3595х1647х1557 mm, меѓуоскино растојание 2492 mm, круг на вртење 8,6 m, багажник 174/980 литри, празно возило 939 kg, дозволена тежина 1359 kg, носивост 420 kg; Перформанси: 151 km/h, 0-100 km/h за 16,0 s, потрошувачка (град/пат/просек) 5,6/3,9/4,5 l/100 km, резервоар 35 литри

renault twingo 139047824

Renault ги матираше конкурентите со заедничкиот развој на новиот Twingo со партнерот Daimler, односно со неговата марка-специјалист за мини автомобили, Smart. Задниот погон му дава ексклузивност на Twingo, но е основа и за многу предности во конструкцијата на возилото. Просторната понуда е солидна, возните својства и комфорот се на врвот во класата. На солидната техничка основа се надоврзуваат и дизајнерските црти на култниот Renault 5, што внесува умерен ретро-елемент во појавата на Twingo. Французите нудат и многу можности за внесување личен печат во стилот на возилото, што му гарантира на Twingo култен статус кој би можел да го надмине и оној на моделот од првата генерација.

Seat Mii 1.0
Почеток на продажба во мај 2012, цена во Македонија: 10.121 евра (модел 2015, ниво Reference); Мотор и погон: 3 цилиндри, 12 вентили, 999 ccm, 60 КС при 5500/min, 95 Nm при 3000/min, 5-степен менувач; Димензии и тежина: 3557х1645х1478 mm, меѓуоскино растојание 2420 mm, круг на вртење 9,8 m, багажник 251/951 литри, празно возило 929 kg, дозволена тежина 1290 kg, носивост 361 kg; Перформанси: 160 km/h, 0-100 km/h за 14,4 s, потрошувачка (град/пат/просек) 5,6/3,9/4,5 l/100 km, резервоар 35 литри

seat mii 17

Според зборовите на дизајнерот Алехандро Месонеро-Романос, „Mii дише во духот на Барцелона, неговата татковина“. Во реалноста, малечкиот Seat изгледа едноставно, но симпатично. Заедно со Skoda Citigo, шпанското мини е втор модел на база на Volkswagen Up. Во техниката не постојат никакви разлики меѓу тројцата браќа, моделите се разликуваат само во изгледот на носот. Во цените на моделите од трите марки има само незначителни разлики.

Skoda Citigo
Почеток на продажба во јуни 2012, цена во Македонија: 9.240 евра; Мотор и погон: 3 цилиндри, 12 вентили, 999 ccm, 60 КС при 5500/min, 95 Nm при 3000/min, 5-степен менувач; Димензии и тежина: 3563х1641х1489 mm, меѓуоскино растојание 2420 mm, круг на вртење 9,8 m, багажник 251/951 литри, празно возило 929 kg, дозволена тежина 1290 kg, носивост 361 kg; Перформанси: 161 km/h, 0-100 km/h за 14,4 s, потрошувачка (град/пат/просек) 5,6/3,9/4,5 l/100 km, резервоар 35 литри

skoda Citigo__7315

Моделот што кај Volkswagen ја носи ознаката Up, односно Mii кај Seat, во чешката марка е Citigo. Најголемите разлики во споредба со германскиот брат се сведуваат на поголемата маска напред и замената на стаклениот заден капак со постабилен метален капак, во согласност со посветеноста на Skoda да нуди практични решенија во секојдневието. Разликата во цената со Seat Mii и Volkswagen Up изнесува околу 1.000 евра, при споредливо ниво на опрема и идентична техника.

Suzuki Alto
Почеток на продажба во април 2009, цена во Македонија: 7.700 евра; Мотор и погон: 3 цилиндри, 12 вентили, 996 ccm, 68 КС при 6000/min, 90 Nm при 3400/min, 5-степен менувач; Димензии и тежина: 3500х1600х1470 mm, меѓуоскино растојание 2360 mm, круг на вртење 9,0 m, багажник 129/774 литри, празно возило 930 kg, дозволена тежина 1250 kg, носивост 320 kg; Перформанси: 155 km/h, 0-100 km/h за 14,0 s, потрошувачка (град/пат/просек) 5,2/3,8/4,3 l/100 km, резервоар 35 литри

suzuki alto 1093476

Седмата генерација на моделското име што постои во понудата на Suzuki уште од 1979 година е поголема од претходникот, особено во висината на просторот за глава. Техничката основа потекнува од Wagon R+, а цената од 7.700 евра е еден од најсилните атрибути на Alto, особено ако се земе во предвид и богатото ниво на опрема веќе во основниот модел. Позицијата на најевтин модел и најисплатлива инвестиција во оваа класа може да ја загрози единствено новата генерација под променето моделско име – Suzuki Celerio.

Suzuki Celerio
Почеток на продажба во декември 2014, цена во Македонија: – ; Мотор и погон: 3 цилиндри, 12 вентили, 998 ccm, 68 КС при –/min, 90 Nm при -/min, 5-степен менувач; Димензии и тежина: 3600х1600х1530 mm, меѓуоскино растојание – mm, круг на вртење – m, багажник 254/- литри, празно возило – kg, дозволена тежина – kg, носивост – kg; Перформанси: – km/h, 0-100 km/h за – s, потрошувачка (град/пат/просек) -/-/- l/100 km, резервоар – литри

01_celerio_front

Кон крајот на годинава се очекува да стартува продажбата на наследникот на Alto и на нашиот пазар. Според новата стратегија на Suzuki и воопшто во браншата, еден единствен модел да се нуди на глобалниот пазар, јапонците го претставија Celerio на салонот во Женева во март годинава. Дизајнот е многу подопадлив за европскиот вкус, а каросеријата порасна за десет сантиметри, на 3,6 метри, што ги подобрува просторноста во кабината и големината на багажникот. Штедливите мотори и пристапната цена и натаму ќе бидат најсилна страна на минито на Suzuki.

Suzuki Splash
Почеток на продажба во мај 2012, цена во Македонија: 8.900 евра; Мотор и погон: 3 цилиндри, 12 вентили, 996 ccm, 68 КС при 6000/min, 90 Nm при 4800/min, 5-степен менувач; Димензии и тежина: 3775х1680х1590 mm, меѓуоскино растојание 2360 mm, круг на вртење 9,4 m, багажник 178/1050 литри, празно возило 1075 kg, дозволена тежина 1485 kg, носивост 410 kg; Перформанси: 160 km/h, 0-100 km/h за 14,7 s, потрошувачка (град/пат/просек) 5,6/4,2/4,7 l/100 km, резервоар 45 литри

Suzuki_Splash_Facelift_03

Suzuki Splash е единствениот микрован во ова друштво, којшто со неговата цена уште може да влезе во битка со конвенционалната конкуренција. Техничката основа е заедничка со Opel Agila. Под хаубата во основниот модел работи трицилиндарски еднолитарец со 68 КС. Просторноста и приспособливоста на кабината се голема предност на Splash, исто како и штедливоста и противвредноста, имајќи ја во предвид цената од 8.900 евра. Suzuki не планира да понуди наследник на Splash.

Toyota Aygo
Почеток на продажба во јули 2014, цена во Македонија: 9.690 евра; Мотор и погон: 3 цилиндри, 12 вентили, 999 ccm, 69 КС при 6000/min, 95 Nm при 4300/min, 5-степен менувач; Димензии и тежина: 3455х1615х1460 mm, меѓуоскино растојание 2340 mm, круг на вртење 9,6 m, багажник 196/780 литри, празно возило 915 kg, дозволена тежина 1240 kg, носивост 325 kg; Перформанси: 160 km/h, 0-100 km/h за 14,2 s, потрошувачка (град/пат/просек) 5,0/3,6/4,1 l/100 km, резервоар 35 литри

toyota aygo 0128956

Toyota и концернот PSA ја продолжија соработката и во втората генерација на триото Aygo/C1/108. Новиот Aygo доживеа премиера на салонот во Женева во март и исто како претходникот цели на групата купувачи што бараат достапен и штедлив автомобил. Освен на европскиот пазар, Toyota планира да го нуди Aygo и во Индија, Русија, Кина и Јужна Америка. За погонот се движи трицилиндарски бензинец со 69 КС. Моделот стартуваше со продажба на нашиот пазар во средината на септември, прв и единствен од триото.

Volkswagen Up
Почеток на продажба во мај 2012, цена во Македонија: 10.178 евра (ниво Move); Мотор и погон: 3 цилиндри, 12 вентили, 999 ccm, 60 КС при 5500/min, 95 Nm при 3000/min, 5-степен менувач; Димензии и тежина: 3557х1645х1478 mm, меѓуоскино растојание 2420 mm, круг на вртење 9,8 m, багажник 251/951 литри, празно возило 929 kg, дозволена тежина 1290 kg, носивост 361 kg; Перформанси: 160 km/h, 0-100 km/h за 14,4 s, потрошувачка (град/пат/просек) 5,6/3,9/4,5 l/100 km, резервоар 35 литри

DB2012AU00221_SMALL

Германското мини е автомобилот што ја замени водечката позиција на триото Aygo/C1/108 во продажбата и во зрелоста на техниката, откако стартуваше на пазарот во мај 2012 година. Up е развиен според истите стандарди како и сите возила на концернот Volkswagen, без жртвување на квалитетот и издржливоста, и покрај притисокот возилото да остане во ценовните рамки на класата. Најсилна страна на Up е комфорното подвозје, што е реткост во класата. За солидноста на моделот говори и фактот што Volkswagen нуди верзија на Up со погон на струја, како и кросовер изведба Cross Up.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Прво возење на Renault Twingo: Ова малечко е сериозно забавно

Клубовите на Ferrari со спектакуларен поздрав за шефот во заминување