за

Првиот Golf на струја возеше уште пред 40 години

Погонот на батерии во Volkswagen има традиција од преку четири децении. Уште од првата генерација на Golf беше изработена мала серија примероци со погон на струја. Голем број од овие возила денес се во приватна сопственост и се користат секојдневно. Во меѓувреме, Volkswagen ја подготвува и следната генерација електромобили, поточно, цело семејство модели со досег до 600 километри и автономна технологија.

Новиот e-Golf и концептните автомобили I.D. и I.D. BUZZ докажуваат дека иднината му припаѓа на електричниот погон. Но, почетоците се направени пред многу години. Во Volkswagen постои долга традиција во развојот на погонот на иднината. Пред повеќе од 40 години во Волфсбург се развиваа возила со алтернативен погон, од коишто потоа беа изработувани мали серии. Сето тоа искуство им користи на денешните техничари.

Volkswagen Elektro Transporter T2

Кога „електричниот транспортер“ беше претставен на салонот во Франкфурт пред 40 години, како прв модел со електричен погон од сериско производство на Volkswagen, публиката реагираше зачудено. „Нула литри на 100 километри“ гласеше слоганот со когошто се рекламираше специјалната изведба на Volkswagen T2 при салонската премиера.

Volkswagen Elektro Transporter T2

Во тоа време горивата беа скапа и недостапна стока. Volkswagen направи чекор пред своето време и пред конкуренцијата. Додека останатите производители зад затворени врати се занимаваа со алтернативните погони, Volkswagen веќе го имаше електричниот погон во продажба. Бројките беа повеќе од скромни. Од електричниот транспортер T2 се изработија 120 примероци. Ниту перформансите не беа особено убедливи. Со досег меѓу 50 и 80 километри и електромотор со трајна моќност од 22 КС, транспортерот беше ограничен на градска достава.

Новите размислувања дадоа крила на електромобилноста

Како што е вообичаено за големите идеи, електричниот транспортер од раните денови и останатите возила со електрифицирана погонска спрега беа создадени од нужда. Во 1970-те години во Германија, исто како и во целиот свет, постоеше недостиг од бензин, на станиците за горива се создаваа долги колони, во неделите не се возеше – сето тоа наведе возаите да почнат да размислуваат поинаку.

https://automedia.mk/objavi/26284

Уште пред првата нафтена криза во 1973 година и ценовните шокови што таа ги донесе, мал десетчлен тим од инженери на Volkswagen започна да работи на електрична верзија на Transporter. Наелектризирани од визијата за чист и тивок вид на мобилност во потенцијална иднина, којшто не користи фосилни горива, овие инженери се впуштија во предизвикот.

Volkswagen Transporter беше совршена основа за електричниот погон

Од технички аспект, T2 беше совршена основа за електричниот погон, со доволно простор за тогашните габаритни и тешки батерии. Оловните акумулатори тешки 850 килограми „легнаа“ совршено под товарната платформа на T2 и истите можеа едноставно да се остранат со помош на вилушкар.

Но, развојното одделение на Volkswagen претходно имаше стекнато искуство со друго возило. Во 1976 година беше изработена електрична верзија од Golf I, со електромотор со 27 КС на местото на бензинецот со 75 КС, во комбинација со серискиот четиристепен менувач. „Јас возам на струја“ пишуваше отстрана на овој Golf I, којшто однадвор речиси и не се разликуваше од верзиите со обични мотори.

Еден час полнење батерии и паркирање за половина германска марка уште во 1970-те

Оловните акумулатори кои ја испорачуваа неопходната енергија без сместени под подот на багажникот. Уште тогаш се размислуваше за мрежата од полначи, која што и денес е често дискутирана тема. Идејата беше полначите да се интегрираат во часовниците за паркирање. Еден час полнење и паркирање на место резервирано за електрични автомобили тре баше да чини 50 фенинзи.

https://automedia.mk/objavi/27105

Електричниот Golf беше уникат. Подоцна, во 1981 година беше изработена серија од 20 примероци од Golf I CitySTROMer за тестирање во возниот парк на компанијата за електродистрибуција RWE. Вкупно се изработија 25 примероци, кои со досегот од 60 километри беа меѓу првите електрични возила со четири седишта и секојдневна применливост. Со дополнување на батериите беше можно дневно да се изминат и до сто километри. До 1986 година, електричниот Golf се користеше за тестирање на различни конфигурации на батерии и електромотори.

Volkswagen Golf EcoStromer (II)

Golf и во следните генерации се користеше како главна основа за развој и тестирање на електричниот погон во Volkswagen. Во 1985 година, врз основа на втората генерација на моделот беше изработен CityStromer, со 31 КС и крајна брзина од 100 километри на час. Изработен во серија од 70 примероци, тој исто така послужи за тестирање во возниот парк на големите компании за електродистрибуција. Модифицирана изведба од електричниот Golf е појави и на трките во „Grand Prix Formula E.

Volkswagen Golf EcoStromer (III)

Напредокот продолжи во 1993 година, кога во соработка во Siemens беше развиен Golf III CitySTROMer, за првпат со трифазен место монофазен електромотор. Ова е првиот електричен автомобил на Volkswagen од сериско производство, којшто беше достапен во слободна продажба. При постојана брзина од 50 km/h, погонот веќе дозволуваше до 90 километри со едно полнење на батериите. Тоа беше одушевувачка вредност за тоа време, особено покрај оловните акумулатори со тежина од 300 килограми, но и со капацитет зголемен на 180 Ah. Полнењето до 80% од капацитетот траеше еден и пол час.

Volkswagen Golf EcoStromer (III)

Батериската техника тогаш не се користеше во денешниот обем и беше пеколно скапа. Со продажна цена од 49.500 германски марки, Golf III CitySTROMer беше повеќе од трипати поскап од слично опремен Golf III со обичен мотор и цена од 19.975 германски марки. Меѓу 1992 и 1996 година се произведоа само 120 примероци од овој модел. Секако дека цената беше главниот ограничувачки фактор за електромобилноста. Покрај тоа, ефикасноста на батериската техника и на полнењето заостануваа далеку зад денешната техника. Во возилото сепак беа вградени неколку нови технологии, како рекуперацијата на енергијата при сопирање, којашто е стандард во денешните возила.

Volkswagen Golf EcoStromer (III)

Трите генерации на електричниот Golf не постигнаа комерцијален успех, но се заслужни за техниката што денес се користи во електричните возила. За техничката зрелост на електричните првенчиња од Волфсбург говори и фактот што голем број од тогашните тест-возила денес се наоѓаат во приватна сопственост и се користат секојдневно.

Студиските возила го назначуваа патот кон иднината

Бројни студии со електрифицирана погонска спрега произлегоа од развојното одделение на Volkswagen. Во 1987 година беше претставен дизел-електричен Golf-Elektrohybrid, во 1991 следеше Chico со двоцилиндарски бензинец и електромотор од 6 киловати како бустер, потоа се појави футуристичкиот Nils, а по него и подвижната лабораторија XL1.

Долго години по техниката созреа и пазарот за електричните возила, кога Volkswagen реши да стартува со големосериско производство на моделите e-up! и e-Golf. Компактот со погон на струја со последното моделско освежување вози до 300 километри со едно полнење. Четирите декади развој резултираа и со плагин-хибридите Golf GTE и Passat GTE.

Volkswagen I.D. Buzz

Како изгледа иднината на електричниот погон во Volkswagen? Во Волфсбург веќе се работи на следната генерација модели со погон на струја, односно на комплетно семејство електрични модели, базирани на новата техничка платформа за електричниот погон. Планот е продукцијата до 2025 година да достигне еден милион електрични возила и Volkswagen да прерасне во светски лидер во продажбата на погонот на струја.

Volkswagen I.D.

Конкретни најави за идните модели дадоа студиите I.D. и I.D. BUZZ. Третиот модел во серијата ќе биде прикажан на салонот во Шангај. Покрај тоа што поставуваат нови стандарди со досегот од 600 километри, овие возила се одликуваат и со способност за автономно возење, како и комплетно поврзување со интернет услуги и асистенција.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тест на летни гуми на клубот АДАК: Димензија 215/65 R16 H

Осумгодишник ја позајмил колата на татка си до сендвичара