за

Првиот автомобил на Џон Ленон оди на аукција

Џон Ленон беше револуционер во музиката. За автомобилите, тој имаше помалку забелешки, тој го избираше само најгламурозното и најскапото. За неговиот прв автомобил сега ќе наддаваат најбогатите колекционери.

На врвот на кариерата, Ленон и Макартни пееја „Бејби, можеш да го возиш мојот автомобил“. Но, под голем знак на прашање е дали тие и во секојдневниот живот биле толку дарежливи. Секој член на „славната четворка“ поседуваше завиден возен парк. Херојот на работничната класа, Џон Ленон, долго време одбиваше да ја означи кариерата со скап и впечатлив автомобил. Кога тој го положи возачкиот испит во 1965 година, на 25-годишна возраст, веста се најде на насловните страници во целиот свет.

Само неколку часови по проширувањето на веста, дилерите од Лондон ги довезоа своите најблагородни модели да дефилираат пред домот на Ленон, импровизирајќи салон за скапи автомобили. Ленон ги разгледуваше моделите на Maserati, Ferrari, Aston Martin и Jaguar, за на крајот да се реши за еден од најелегантните автомобили во тоа време, за Ferrari 330 GT во сина боја, по цена од 6.500 британски фунти.

Ferrari не е баш најпогоден за почетници зад воланот. Купето има четирилитарски V12 со 300 КС. За забрзување до сто, на 330 GT потребни му се помалку од осум секунди, а крајната брзина изнесува 230 km/h. По две години и 32.000 километри, Ленон се раздели од својот прв автомобил. Страста кон автомобилите продолжи и тој постојано го обновуваше возниот парк. Еден од највпечатливите модели на музичарот беше Rolls-Royce Phantom V, бојадисан во хипи-стил. Шестметарскиот крстосувач со тежина од три тони беше опремен како најлуксузно, со радио телефон, моќно озвучување, телевизор и ладилник. Задната клупа се претвораше во кревет.

Потоа, Ленон се снабди со шарено Mini и со снежно бел Mercedes 600 Pullman. По нарачка на легендата на Битлсите, место бар, на задната клупа беше вграден во тоа време најмодерниот аудио систем.

Првиот автомобил на Ленон, Ferrari 330 GT, повеќе пати го менуваше сопственикот, но и бојата. По 20 години од продажбата на возилото, GT се појави лакиран во црвена боја. Тогашниот сопственик подоцна го врати возилото во оригиналната состојба и имаше план да го даде на наддавање преку ауциската куќа Бонамс. Во последната минута продавачот се откажа од збогувањето со вредниот олдтајмер.

Овојпат возилото сигурно ќе се појави на аукцијата, на 12-ти јули, за време на одржувањето на Фестивалот на брзината во Гудвуд. Според експертите на ауциската куќа, новиот сопственик ќе го добие возилото за 260.000 евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Chrysler го одбива сервисниот повик на 2,7 милиони возила

Бизнисот со фалсификувани авто делови вреди 10 милијарди евра