за

Потрошувачката на гориво расте, производителите наведуваат нереални вредности

Разликата меѓу фабричката и реалната потрошувачка не се сменила ниту во минатата година. Пораснала и просечната потрошувачка на гориво. Тоа е резултатот од последното глобално истражување.

Огромните разлики меѓу вредностите што производителите на автомобили ги наведуваат во официјалните технички податоци и вредностите на потрошувачката на гориво што возачите ги добиваат во секојдневието не се смалиле ниту во минатата година. Фрапантен е и податокот дека се зголемила просечната потрошувачка на новите модели на автомобили од сите марки.

Тоа се резулатите од истражувањето на британска агенција специјализирана за мерење на потрошувачката на гориво, којашто речиси сите производители на возила ја ангажираат за интерни мерења и која располага со обемни податоци за најголемиот дел од актуелните модели. Разликата меѓу потрошувачката што се мери според пропишаните норми и реалните вредности на потрошувачката во минатата година изнесувала во просек 21 процент, мерено кај сите марки и модели. Во 2014 година, оваа разлика изнесувала 22 проценти, една година пред тоа 19 проценти, а во 2012 година само 14 проценти. Агенцијата не ги објавува податоците за одредени марки и модели, затоа што станува збор за доверливи информации.

Во минатата година се влошила и просечната потрошувачка на гориво на сите тестирани возила. Според фабричките податоци, сите актуелни модели лани потрошиле во просек по 4,23 литри гориво на 100 километри, а една година претходно само 3,99 литри. Соодветно на тоа пораснале и вредностите на реалната потрошувачка, од 5,23 во 2014 година на 5,5 литри лани.

Причината за порастот може да се бара во фактот што лани се продадени повеќе возила со поголеми мотори и повисока потрошувачка отколку во 2014 година, а тоа пак во одреден дел е резултат и од драстичниот пад во цените на нафтата. Од друга страна, расте и бројот на возила со таканаречени „downsizing“ мотори, односно со намалена работна зафатнина или број на цилиндри и турбонатполнење како компензација за тоа. Овие мотори на производителите на возила им обезбедуваат примерни вредности при хомологацијата на новите модели и почитување на строгите норми за издувни гасови, но во реалноста трошат многу повеќе од фабрички декларираните вредности.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот Porsche Boxster со турбо и со четири цилиндри

„Унимогот“ на Шварценегер ја набилда цената на Ebay