за

Купувачите помалку се интересираат за кожен ентериер

Range Rover Velar без кожен ентериер

Светот се менува, пазарот бара чесни понуди, производи со претставка био, се преоѓа на вегетеријанска исхрана. Тоа влијае и врз нашите автомобили. Кожен ентериер повеќе не е задолжителна ставка кај скапите автомобили.

Близу еден век ги двои Rolls-Royce од златните дваесетти и последниот Audi A8. Возилата се неспоредливи. Но, едно нешто не се сменило. Мирисот на кожа во кабината. Во целата историја на автомобилизмот, кожата е обележје на луксузот. Колку е полуксузен автомобилот, толку повеќе кожа има во кабината. За актуелниот Phantom да се обложи целосно со кожа, потребно е да се одерат барем десетина телиња.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Вредностите се менуваат. Во последниве години се купува со повеќе разум и поголема свест. Производителите на автомобили мораат да го следат трендот и бараат нови материјали во замена за кожата. Пример за тоа е Audi e-tron Sportback Concept. Првпат кај студија на луксузен автомобил од оваа марка се случува кожата да отсуствува во ентериерот. Место тоа се користи иновативен и благороден материјал врз основа на бамбусови влакна. Тоа е добро за еко-имиџот на електричните автомобили и има шанси идејата да се примени во серискиот модел што ќе следи наскоро.

Скапи дизајнерски платна во замена за кожен ентериер

Истото се случува и во Range Rover. Британците се верни на традицијата и нема да се решат на радикален чекор со целосно откажување од кожен ентериер. Но, новиот Velar е прв модел на Range Rover за когошто може да се избере платно за седиштата. Тоа не е со цел купувачот да заштеди, затоа што нема разлика во цената. На тој начин благородната марка се приклучува на трендот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

На производителите сепак нема да им биде лесно за скапоцените платна да бараат иста доплата како за кожата. За таа цел, тие се повикуваат на надворешна помош. За седиштата во Range Rover Velar може да се нарача платно што е специјално изработено од данскиот производител на мебел Kvadrat. Тоа му дава дополнителна тежина на „новиот“ материјал. Доплатата за ентериерот со потпис од данските специјалисти чини исто колку за поскапите кожени изведби.

Tesla мораше да отстапи под притисок на организацијата Peta

Калифорнискиот електро-специјалист Tesla имаше жесток напад од организацијата за заштита на животните Пета, којашто бараше во Model X да се вградува „вегански“ ентериер. Бидејќи петицијата имаше бројни потписници, производителот мораше да направи отстапка и понуди верзија од Model X во којашто не се вградува ниту парче кожа. Седиштата се обложени со платно, воланот и вратите се изработени со вештачка кожа.

Трендот на „избледување“ на луксузниот имиџ на кожата уште се развива и ќе минат уште долги години додека купувачите навикнат на изборот на поквалитетно платно во замена за кожата.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

јавниот превоз во германија приход

Јавниот превоз во Германија остварил приход од 17,5 милијарди евра

тест на зимски гуми адак 2017

Тест на зимски гуми на клубот АДАК: Евтините марки подобри од скапите