142
21 shares, 142 points

Автономното возење во последно време најавува неколку практични идеи што би можеле навистина да им се допаднат на возачите. Откако мобилниот телефон ќе го скенира отпечатокот од прстот, автомобилот самостојно се упатува кон слободното паркинг-место.

За паркирање на автомобилот, во иднина ќе биде доволен и обичен отпечаток од прст. Кога мобилниот телефон ќе го земе отпечатокот, автомобилот поаѓа самостојно кон слободното паркинг-место. Системот веќе е испробан во катната гаража на музејот на Mercedes во Штутгарт. Техниката е развиена заеднички со Bosch.

Ова претставува доказ дека идејата за автономно возење, на којашто производителите масовно инсистираат, напредува многу побрзо од очекувањата. Од почетокот на следната година, самостојното паркирање преку отпечаток од прст ќе функционира секојдневно во гаражата на музејот во Штутгарт.

Автономното возење има целосна смисла само во комбинација со инфраструктура

Во гаражата се вградени ласерски скенери, коишто го владеат просторот со сантиметарска точност. На секое паркинг-место се поставени црни столбови, коишто препознаваат дали местото е зафатено или слободно. Сензорите комуницираат со автомобилот преку безжична мрежа и го упатуваат до слободното место.

Денес користените лидарски системи се прескапи, но нивната функција во иднина може да се замени со поевтини стерео-камери. Намерата на партнерите Mercedes и Bosch е да докажат дека автономното возење има многу поголема смисла кога се користи и соодветна инфраструктура, покрај техниката што е вградена во автомобилот.

Volvo тестира „самовозечки“ камион за собирање отпад

Потребни се незначителни преправки во техниката што автомобилите веќе ја поседуваат. Услов е возилото да има автоматски менувач и стартување без клуч. На тоа треба да се догради и модул за комуникација, заради воспоставување безчична врска со лидарските сензори и навигацијата.

Паркирање автомобил со автономна технологија заштедува време, а на опараторот на гаражата му носи плус заработка

Катните гаражи што ќе ја користат оваа техника во иднина можат да очекуваат зафатеноста да се зголеми за 20%. Корисниците заштедуваат на време, добиваат на комфор и не се доведуваат во опасност некој да ги нападне во гаражата.

Преку „облак“ може да се обезбедат и дополнителни услуги. Се размислува за достава на купената стока до багажникот на возилото или за миење во времето додека возилото е паркирано.

Додека техниката функционира, сепак ќе минат уште две години. Тогаш ќе се појават првите модели на Mercedes со неопходната техника. Истата ќе се вградува како дополнителна опрема и нема да чини прескапо. Bosch во меѓувреме преговара и со останатите производители.

Посетителите на музејот на Mercedes во Штутгарт ќе можат да го испробаат системот со пилот-автомобилите и да се уверат во неговата делотворност.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

142
21 shares, 142 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *