за

Париските улици недостапни за возила постари од 1997 година

Во јули стапи во сила забраната за сообраќање на автомобили постари од 1997 година низ центарот на Париз. Тоа е само почеток. Следат уште поригорозни мерки и повисоки казни.

Возењето автомобил во Франција има свои особености, почнувајќи од многубројните кружни текови, па сé до туркањето на соседните автомобили за да се ослободи простор за паркирање на сопствениот. Од јули, француската престолнина ги пречекува домашните возачи и моторизираните туристи со уште едно изненадување. Уште од ланскиот јули, во градот на светлината е забранет пристапот за товарни возила и автобуси во строго контролираните еколошки подрачја, а од минатиот месец забраната почна да важи и за патничките автомобили.

Во речиси целото централно подрачје, во сите зони што се означени како „Zones à Circulation Restreinte“, повеќе не може да се пристапи со автомобил што е регистриран пред 1.1.1997 година или тоа е можно само ноќе. Според тоа, сите постари автомобили, вклучувајќи ги и бројните и совршено зачувани олдтајмери, што досега беа вообичаена појава и своевиден заштитен знак по улиците низ градот, повеќе нема што да бараат надвор од главната мрежа од сообраќајници низ Париз.

Шест различни бои на вињети, зависно од „црнилата“ од издувот

По завршувањето на преодниот период, од први октомври ќе се наплаќаат казни доколку отсуствува соодветна вињета на автомобилот. Висината на казната за возење без вињета, од први јануари следната година ќе се зголеми од 68 на 135 евра. Целта на градските власти е да ја заштитат светската метропола од прекумерна загаденост на воздухот. Постојат дури шест различни плакети за Париз: Зелена за електрични автомобили со нулта емисија на штетни гасови, а потоа виолетова, жолта, портокалова, црвена и црна за останатите возила, зависно од количината на штетни материи и годината на производство.

Јасна е намерата. Чекор по чекор, со забрана за сообраќање за одредени категории патнички автомобили или временско ограничување на нивниот пристап, постарите автомобили да се отстранат од центарот на Париз. На тој начин ќе се намалува присуството на неразградливи честички (PM) и азотни оксиди (NOx). Дури се размислува од 2020 година во градот да се забранат автомобилите што се постари од 2011 година.

На дизелите со норма Еуро 6 не им се признава „чистотијата“

Вињетата од прва категорија, со виолетова боја, достапна е само за автомобили со бензински мотор и емисија на издувни гасови според нормите Еуро 5 или Еуро 6. Патничките автомобили со дизел мотор што ја исполнуваат нормата Еуро 6, сепак се префрлуваат во втората категорија, со вињета во жолта боја. Тоа открива уште една намера на париските власти, односно постепено истиснување на возилата со дизел мотор од центарот, што на крајот ќе доведе до целосна забрана за дизелот.

Домашните производители негодуваат за оваа одлука, затоа што со децении наназад инвестираа солидни суми во усовршување и „чистење“ на дизелот. Покрај тоа, застапеноста на возилата со дизел мотор е меѓу највисоките во светот.

Забрана од понеделник до петок, од 8 до 20 часот

Париз е прв, но можно е наскоро и останатите француски градови да се придружат. Забраната за пристап во внатрешноста на главниот сообраќаен прстен околу Париз важи за сите автомобили постари од 1997 година и за сите мотоцикли постари од 2000 година, од понеделник до петок, од 8 до 20 часот. Во викендите и натаму ќе важи слободен пристап во центарот на Париз. Прекршоците сепак нема да се казнуваат парично во преодниот период.

Со субвенции за приватните корисници и фирмите, Париз ќе го поттикнува интересот за нови и поеколошки автомобили, односно за користење на одличната мрежа за јавен превоз низ градот, како и возење велосипед. Сопствениците на вредни олдтајмери се загрижени. За нивните возила сепак ќе постои исклучок. Неколку класични модели од француска продукција ќе добијат слободен пристап. Дали оваа привилегија ќе важи и за олдтајмерите од странските марки, уште се размислува.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ford планира целосно автономно возило за 2021 година

uber незгода

Volvo ќе произведува, Uber ќе купува автомобили без возач