за ,

Париз 2016: Електромобилноста во речникот на Mercedes се води како EQ

EQ – тоа се двете букви под коишто Mercedes ја претстави својата нова марка за електромобилност, чиешто име треба да асоцира на IQ, односно на „електрична интелигенција“. Како најава за новата автомобилска ера, на салонот во Париз е претставена студијата на спортски теренец под ознаката „Generation EQ“.

Благодарение на приспособливата архитектура на батериите, двата електромотора можат да достигнат моќност до 300 киловати, односно 408 КС, којашто се пренесува на патот преку погон на сите тркала. Максималниот вртежен момент достигнува 700 њутнметри. Со оваа моќност, Generation EQ забрзува до сто за помалку од пет секунди. Mercedes ветува досег до 500 километри.

Кокпитот ќе биде заеднички за сите модели во електричната марка на Mercedes и целосно е ослободен од класични прекинувачи и копчиња. Во двата краци на воланот се вградени сензорски полиња што реагираат на допир и самите се поставени во дисплеи од органски светлечки диоди OLED. Во зависност од менито, во овие дисплеи се прикажуваат соодветните икони и знаци. Преку допирање на дисплеите, возачот може да се движи низ различни менија и преку кусо притискање да го потврди изборот.

Mercedes-Benz Generation EQ

На широкоаголниот екран од течни кристали со приказ во висока резолуција и дијагонала од 24 инчи се прикажуваат сите важни информации за возењето, како брзината, досегот, патниот компјутер, како и навигациските карти. Возачот може сам да избира дали на екранот ќе се прикажуваат само најнеопходните информации заради оптимална прегледност, или на истиот ќе се прикажува целосниот обем на информации.

Камери место ретровизори, сензорски полиња место рачки во вратите

Место обични ретровизори, Generation EQ располага со камери за прикажување на сообраќајот зад возилото, коишто ја прикажуваат сликата на дисплеи вградени во вратите. Внатрешните рачки за отворање на вратите и прекинувачите за електриката на прозорците исто така се заменети со сензорски полиња на допир. Кабината со четири седишта е воедно изведена и со мошне промислена светлосна архитектура.

Mercedes-Benz Generation EQ

Дел од напредниот технолошки пакет во возилото е технологијата Car-to-X, за комуникација со патната инфраструктура и останатите возила, како и со навигациски систем базиран врз картите на Here, коишто Daimler ги откупи заедно со Audi и BMW.

[FAG id=25608]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Porsche 911 GT3 Cup: Нов мотор за најпродаваниот тркачки GT во светот

Париз 2016: Mitsubishi GT-PHEV го прикажува идниот Outlander