за ,

Откаченото видео на Volkswagen и приколката во рикверц: Во што е финтата?

Рекламно видео за системот на Volkswagen што го олеснува возењето со приколка во рикверц предизвика гигантски интерес на мрежите. Како е можно цел град да се извози брзо и течно во рикверц со приколка?

Volkswagen во последниве месеци е изложен на голем индустриско-политички притисок околу емисијата на дизелите, но мора да им се признае на луѓево за тоа што барем ја задржуваат смислата за хумор. Бизнисот мора да врви, рекламите мора да ги продаваат автомобилите. Норвешката филијала на Volkswagen штотуку објави видео со кое што се рекламира системот за олеснување на возењето со приколка во рикверц. Со овој таканаречен Trailer Assist, интелигенцијата на техниката може самостојно да ги води возилото и приколката во рикверц. Возачите што имаат искуство во таква ситуација, знаат какво измачување претставува тоа.

https://youtu.be/mxr83Vkrh00

Но, очигледно е дека не станува збор за монтажа, туку за реалност, затоа што на повеќето сцени во видеото се забележуваат зачудени или насмеани изрази на лицата на минувачите. Passat Variant со приколката пред него врви прво низ катна гаража, потоа по улиците на Осло, па дури има и сцена кога Passat престигнува колона возила – и сето тоа се случува во рикверц.

Можете да претпоставите за што станува збор? Видеото за снимањето на спотот ја открива тајната. Приколката не е приколка, туку е маскиран автомобил, со три тркала и со возачко седиште, волан, и секако, мотор. Поголемиот дел од каросеријата на оригиналниот автомобил е отстранет, а околу тоа што останало се поставени ѕидови од плексиглас, покриени со специјална бела фолија, за возачот да гледа околу себе. Слично функционираат и огледалата во полициските кабини за сослушување.

https://youtu.be/iWfKj187-4A

Сега е многу појасно како е можно „возачот“ толку вешто да маневрира со приколката возејќи во рикверц во сите можни ситуации. Не е возачот во Passat тој што управува, туку невидливиот возач во приколката, односно во автомобилот маскиран во приколка. Но, и возачот во Passat нема лесна задача. Тој добива информации за правецот на возење преку радио врска од возачот во „приколката“. Големата брзина и безгрешноста во целото возење сведочат дека зад овој потфат за помнење стои обемна вежба.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Роботи самостојно ќе ги крпат дупките во асфалтот

Милион фунти за возење во стилот на Џејмс Бонд