149
20 shares, 149 points

Олдтајмерите што уште се произведуваат во оригиналната состојба стануваат сé поретки. Еден од нив е Morgan Plus 4.  Со неколку куси прекини, тој се произведува уште од 1950 година. Британската марка го одбележува јубилејот со специјален модел.

Стандардниот Morgan Plus 4 поседува 156 КС, забрзува до сто за 7,5 секунди и тежи само 927 килограми. Во споредба со него, јубилејниот модел за 65-годишнината доаѓа со дволитарски мотор од Cosworth со 228 КС и со кратенка AR во ознаката на моделот, којашто се однесува на тркачкото одделение на Morgan. Но, со замената на моторот не завршува третманот на јубилејниот Plus 4. Тркачкото одделение го модифицираше водењето на тркалата, монтираше приспособливи амортизери и помоќни сопирачки, вгради диференцијал со покус пренос и целата преработка ја заокружи со суптилни модификации во каросеријата, како на пример канали за ладење на сопирачките.

Само 50 примероци ќе се изработат рачно по цена од 55.000 фунти

Каросеријата е по традиција изработена од алуминиум, којшто кај јубилејниот AR Plus 4 е само полиран и оставен нелакиран, како знак за стремежот возилото да биде колку е можно полесно. Техничарите во исто време работеа и на намалувањето на бучавата преку покривот и неколку подрачја од каросеријата. Во кокпитот е вградена нова арматурна табла. Единствено по диодните светла напред и назад може посигурно да се препознае дека станува збор за автомобил од актуелно производство. Од Morgan AR Plus 4 ќе се произведат, или поточно, рачно ќе се изработат само 50 примероци, понудени на британскиот пазар по цена од 55.000 фунти, односно околу 78.000 евра. За познавачите, тоа е релативно евтина можност да се поседува „нов“ и рачно изработен олдтајмер со техника што датира уште од 1950-те години. Стандардниот Morgan Plus 4 го нуди тоа задоволство уште „поевтино“, за 32.000 фунти.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

149
20 shares, 149 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *