за

Олдтајмери во коишто најмногу вреди да се инвестира

Mercedes 300SL е еден од олдтајмерите чијашто вредност допрва ќе расте

Вложувањето во олдтајмери во последнава декада носи поголема заработка отколку тргувањето со стар накит или уметнички дела. Но, правилниот избор е најважен. Британски експерт ги препорачува овие пет стари автомобили, предвидувајќи им голем раст во вредноста во претстојните години.

Заработки неколкукратно повисоки од првичното вложување во стар автомобил не се невообичаени во последниве десетина години. Олдтајмерите станаа едни од најпривлечните инвестиции во луксузната сфера, засенувајќи ги традиционалните скапоцени предмети, како накитот или уметничките дела. Во последните 12 месеци, единствено благородните вина имаат постигнато поголем раст на вредноста (зголемување од 24%) отколку олдтајмерите од марките Porsche, Ferrari или Mercedes.

Британецот Дарен Селиг, еден од најценетите познавачи на пазарот на олдтајмери и сопственик на компанијата JBR Capital, издвојува пет историски модели, за коишто се очекува најголем процентуален раст на вредноста во претстојниот период. Вредноста на Mercedes 300SL од генерацијата R107 од 1989 година, моментно достигнува околу 35.000 фунти. Селиг е воедно и досетлив бизнисмен. Неговата компанија нуди лизинг за олдтајмери, што помага пазарните зделки во оваа сфера да бидат достапни за поширок круг на „бизнис-ентузијасти“.

Уште пред отплатата на лизингот е можно возилото да оправда инвестицијата

Родстерот со потенцијал да стане вреден олдтајмер, може да се „дозволи“ на 48 месечни рати во износ од околу 400 фунти. Плус, депозит во висина од 7.000 фунти. Секако дека на крај остануваат уште петнаесетина илјади евра за возилото да премине во сопственост на корисникот на лизингот. Но, за четири години е можно вредноста на 300SL да го надмине целиот износ на лизингот. Можно, но не и сигурно.

https://www.facebook.com/jbrcapital/posts/803189976515619

Во последните дванаесет месеци наголем раст на вредноста постигнуваат таканаречените модерни класици, односно автомобилите од периодот меѓу 1980-та и 2000-та година. Селиг: „Тоа се автомобили од постерите, автомобили што ги краселе ѕидовите и во повеќето случаи се прославиле на телевизија или на филмовите. Тие се барани од купувачите што сега можат да го остварат својот сон.“

Ова се петте олдтајмери (и идни олдтајмери) што ги издвојува Дарен Селиг:

Mercedes 300SL (R107) од 1989 година

Актуелна вредност: 35.000 фунти

1989 Mercedes 300SL (R107)

Процената на Дарен: „Ова е одличен автомобил за тие што сакаат да станат колекционери на класици. Популарноста ја има стекнато во тв-сериите и за него постои голема побарувачка. Вредноста му расте во последниве години и нема знаци дека тоа ќе престане. Ова е потценета убавица за викенд-тури со спуштен покрив.“

Ferrari F355 Berlinetta (1998 година)

Актуелна вредност: 70.000 фунти

Ferrari F355

Процената на Дарен: „Како наследник на многупати критикуваниот 348, Ferrari F355 беше побрз и подобар воп секој поглед. Во купе-изведбата, со традиционален мануелен менувач на Ferrari со отворена менувачка кулиса, тој е буквар за модерен класичар. За парите може да се купи Ferrari F430 од 2005 година, но стилот на F355 ќе го вивне неговиот статус во претстојните години.“

Aston Martin Vanquish S (2007 година)

Актуелна вредност: 170.000 фунти

2007 Aston Martin Vanquish S

Процената на Дарен: Како последен автомобил од фабриката на Aston Martin во Њупорт Панел и ѕвезда во филмот „Умри друг ден“ од 2002 година, од филмскиот серијал за Џејмс Бонд, Vanquish навистина е посебен. Нашиот избор е Vanquish S, расна машина за 200 милји на час, од когошто се изработени помалку од 1.100 примероци. Тој не е евтин, но веруваме дека е модерен класичар во развој.“

Porsche 997 Turbo S (2012 година)

Актуелна вредност: 90.000 фунти

2012 Porsche 997 Turbo S

Процената на Дарен: „Моделите на Porsche со воздушно ладење забележаа огромен раст во вредноста во последните десет години, а сега фокусот е на специјалните модели со водено ладен мотор. Еден од нив е 997 Turbo S. Произведен во релативно мала серија, тој комбинира 530 КС со променливост во секојдневието – тоа е суперавтомобил со високи перформанси којшто нуди голем потенцијал за инвестирање.“

BMW Z8 (2000 година)

Актуелна вредност: 200.000 фунти

2000 BMW Z8

Процената на Дарен: „Инспириран од сензационалиот BMW 507 од 1950-те години, Z8 е еден од најубавите модели што BMW ги има произведено и модел за когошто сега постои огромен интерес. Под хаубата се наоѓа истиот V8 како во E39 M5, додека ентериерот е ремек дело во поглед на квалитетот и стилот. Вредноста се удвои во последната декада.“

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Auto Bild со детали за новиот BMW i8 Spyder

Јужна Кореја е светски шампион во субвенционирање на електричните автомобили