118
17 shares, 118 points

Во Brabus не ги двојат автомобилите на малечки и големи, без разлика што култното име на тјунерската сцена секогаш асоцира прво на баснословно скапите и надмоќни лимузини. Од специјалистот од германскиот Ботроп пристига навиена верзија на Smart Fortwo, под ознаката Brabus Ultimate 125.

„Суперавтомобилот“, како што Brabus го нарекува овој двосед со 125 КС и крајна брзина од 175 километри на час, ќе се изработи во серија од 125 примероци. Новата верзија ја продолжува традицијата што започна во 2004 година со претставувањето на Ultimate 101. Исто како и подоцнежните Ultimate 112, R, stуle и 120, овие лимитирани серии се распродадоа за миг.

Ковани бандажи од 18 инчи и цена од 50.000 евра, најмалку

Ultimate 125 е прва верзија од новата генерација на smart fortwo. За бојата на каросеријата решава купувачот, а може да се избере и верзија Widestar со проширена каросерија и ковани бандажи Brabus Monoblock Y од 18 инчи. Кожата во кабината исто така може да биде во било која боја што ќе ја одбере купувачот. Оттука не изненадува цената: 49.980 евра за „купето“ и 52.800 евра за кабриолетот.

Brabus Ultimate 125 00001

Примерокот со сериски број 001/125 ќе се појави на салонот во Женева, во тиркизна боја, задолжително со каросерија Widestar, бандажи Monoblock Y со девет краци и гуми 205/35 R 18 напред и 235/30 R 18 назад. Со 7,1 килограми, овие бандажи се меѓу најлесните 18-ки на пазарот. На вака дотераниот пакет се надоврзуваат спортско подвозје од Brabus, како и преден спојлер, прагови и заден дифузор изработени од полиуретан.

Brabus Ultimate 125 00002

Назад работи трицилиндарец со турбонатполнење и 0,9 литри – од Renault. За потсетување, новите Smart Fortwo и Forfour се развиени заеднички со Французите, чојшто модел од оваа соработка е Twingo. За дополнителната моќ од 35 КС наспроти стандардната верзија се грижат преработен вшмукувачки систем, поголем интеркулер и зафати во електрониката на моторот. Покрај 125-те КС, за автомобил од оваа класа убедлив впечаток остава и вртежниот момент од 200 њутнметри при 2.000 вртежи.

Крајна брзина од 175 километри на час – лимитерот не дозволува повеќе

Оваа моќност се пренесува до задните тркала преку менувач со двојна спојка, исто така со преработена електроника во Brabus. Спринтот до сто трае 9,2 секунди, крајната брзина е ограничена на 175 km/h. За звучниот ефект се грижи специјален спортски издув од благороден челик, со три хромирани издувни цевки.

Brabus Ultimate 125 00004

Експонатот за Женева има кабина и седишта обложени со скапата мастик-кожа, која самата вреди колку обичен Smart. Повеќе детали во кабината се лакирани во бојата на каросеријата, вклучувајќи ги и рачките на воланот. Педали од благороден челик и рачка на менувачот од алуминиум се подразбираат, исто како и праговите или велурните патосници со логото на тјунерот.

Клима-уред, радио и систем за навигација се стандард. Нивната цена е „безначајна“ покрај останатите и многу посуштински ставки на Brabus Ultimate 125.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

118
17 shares, 118 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *