140
19 shares, 140 points

Кога некој ќе ги види тркалата на возилово, може да помисли дека се работи за дефект. Но, тука е иновацијата. Добавувачот ZF разви возило што свртува круг таму каде што никое друго не може.

Секој возач се нашол во ситуација да го „потцени“ кругот на вртење на својот автомобил. И токму кога возачот ќе помисли дека свртувањето ќе му се посреќи во само еден потег, браникот ќе загребе на тротоарот. Потоа следи враќање во рикверц, па потценувачки погледи од возачите што чекаат „пречката“ да им се тргне од патот, па проверка дали нешто е изгребано… Сето тоа е минато со концептниот автомобил AUV што го разви добавувачот ZF.

Предните тркала на Advanced Urban Vehicle се вртат за 75 степени, насроти 40 до 50 степени кај обичните возила
Предните тркала на Advanced Urban Vehicle се вртат за 75 степени, насроти 40 до 50 степени кај обичните возила

Воланот на овој AUV или Advanced Urban Vehicle се врти речиси до бескрај и кога тој конечно ќе дојде до крајната положба, возилото излегува од паркингот со тркала завртени безмалку под прав агол, како да е скутер. За да заврти половина круг, на концептниот автомобил на ZF му е доволна обична маалска улица со две ленти. Ниту Smart не може да заврти во толку тесно.

Тоа го овозможува новиот вид на систем за управување што ZF за првпат го вгради во овој прототип. Модифицираната предна оска мекферсон поседува дополнителна попречна водилка и предните тркала имаат агол на вртење од 75 степени, место стандардните 40 до максимално 50 степени. Кругот на вртење на AUV изнесува 6,5 метри и тоа е светски рекорд за автомобил со оваа големина. На Volkswagen Polo за тоа му се потребни четири метри повеќе, па дури и моментно „најсвртливиот“ сериски автомобил во светот, Smart Fortwo, заостанува со 6,95 метри.

„Напредното градско возило“ може да се паркира и преку далечинска контрола

Кога се гледа отстрана, AUV изгледа како Lada со откачени погонски зглобови, но сé е во ред со тркалата на возилото. Паркирањето на овој начин станува детска игра. Како добавувач на системот за паркирање на новата серија 7 на BMW преку далечинска команда, ZF се погрижи истиот систем да го вгради и во малечкиов автомобил, за целата приказна со паркирањето да биде уште поспекталуларна.

При барање паркинг, ултразвучните сензори прво одредуваат дали има доволно простор кога ќе се најде слободно место за паркирање. Потоа треба да се притисне копче и возилото почнува да се паркира – во само еден потег. Притоа е сеедно дали возачот е зад воланот, на тротоарот или каде било во близина, сé додека постои безжична мрежа меѓу возилото и далечинската контрола, која во случајов е дисплејот на паметниот телефон или на таблетот.

„Облакот со информации“ има безбедносна функција користејќи ги податоците од другите возила што се поврзани во мрежата

ZF подготви уште неколку технолошки премиери во малечкиот автомобил. Во обрачот на воланот е вграден малечок екран, кој што треба да претставува замена за скап проекциски дисплеј, или сензори вградени во воланот, кои што кај идните автономни возила ќе препознаваат дали рацете на возачот се на воланот. Дури и „клаудот“ или „облакот со информации“ наоѓа примена во идните возила, според техничарите на ZF. Кога возачот со 80 километри на час е залетан таму каде што сите други возат со 60 километри на час, системот PreVision Cloud Assist читајќи ги анонимните профили што се запишани во „облакот“ препознава дека станува збор за потенцијално опасна ситуација и соодветно го предупредува возачот да ја намали брзината, односно ги активира другите системи за асистенција, на пример, самостојното запирање при случај на опасност од судир.

Во задната оска се вградени два електромотора со по 55 КС, кои работат независно еден од друг
Во задната оска се вградени два електромотора со по 55 КС, кои работат независно еден од друг

Додека сите овие системи проработат во возилата, ќе биде потребно уште малку време. Колку и да се чини дека новото управување на ZF е едноставно и може веднаш да почне да се применува во автомобилите од градската класа, без премногу да влијае врз цената на возилото, на техничарите ќе им бидат потребни уште две до три години развој на технологијата. Новото управување не може да се вгради туку така, затоа што поради големиот агол на свртување на тркалата станува премногу тесно во просторот за мотор и најдобро е ако тој се пресели назад во багажникот. Во моментов постојат само три модели на малечки автомобили со заден мотор што би можеле да го користат системот: Renault Twingo и конструкциски идентичните Smart Fortwo и Smart Forfour.

Во иднина и малечките возила ќе имаат интелигентен погон како Honda NSX

Затоа, ZF има уште подобро решение и предлага место обичен мотор да се користи неговиот модул од два електромотора интегрирани во задната оска, Electric TwistBeam. Електромоторите со моќност од по 55 КС се вградени веднаш покрај тркалата, а просторот меѓу нив може да се искористи за поставување на батериите за електричниот погон. На тој начин се решава проблемот со ограничениот простор во малечките автомобили, но во исто време се постигнува и поголема динамика во возењето. Со можноста секој од двата електромотора да се контролира посебно, може да се постигне различна брзина и да се дистрибуира различен вртежен момент до задните тркала, со што се подобрува стабилноста – слично како кај новиот Honda NSX.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

140
19 shares, 140 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *