197
24 shares, 197 points

На Volkswagen му се заканува казна во висина од десетици милијарди поради манипулација со издувните гасови. Но, манипулацијата е вообичаена практика во целата бранша и се применува дури и при официјалното мерење на потрошувачката. Ова се триковите.

Volkswagen ги мамеше американските власти за животна средина користејќи специјален софтвер за дизел моторите во неговите возила на пазарот во САД да прикажат пониска емисија на штетни материи од реалната. Во практика, штетната емисија е за неколкупати повисока од дозволените концентрации во издувот.

Трикот е перфиден, но тоа не е ништо ново. Производителите користат најразлични трикови особено при мерењето на потрошувачката според нормираниот циклус NEDC и го прават тоа сосема легално. Разликата меѓу лабораториските и реалните вредности се фрапантни. Возачите во меѓувреме се снајдоа и на интернет мрежата можат да се најдат повеќе блогови на кои што се објавуваат вредностите добиени при секојдневното возење. Токму на овие блогови може да се види вистинската разлика со декларираната потрошувачка од производителот.

Во продолжение прочитајте кои се триковите што ги користат производителите на автомобили за да прикажат пониски вредности на потрошувачката, а со тоа и пониска емисија на штетни материи?

Полн акумулатор

Во секој автомобил со мотор со внатрешно согорување постои алтернатор што дел од енергијата на моторот ја претвора во струја. Таа се чува во акумулаторот, за сите електрични потрошувачи, почнувајќи од стартерот, па сé до клима-уредот, да имаат на располагање струја во секое време. Некои автомобили преку режимот на возење и сензори за движење препознаваат кога се поставени на динанометар и наједноставно го исклучуваат алтернаторот.

На овој начин се заштедува најмалку половина литар гориво на 100 километри. Покрај тоа, акумулаторот пред тестирањето се полни до 100 проценти, што е реткост во практиката, но затоа придонесува за дополнителна заштеда.

„Отворени“ сопирачки

Сопирачките облоги ги допираат сопирачките дискови минимално дури и кога возачот не го притиска педалот за сопирање. Ова дополнително триење во одредена мера ја зголемува потрошувачката на гориво. Поради тоа, сопирачките облоги се одвојуваат на поголемо растојание од дискот за време на тестирањето, за да се избегне и тоа минимално триење. Ваквата манипулација во секојдневното возење би предизвикала слабеење на дејството на сопирачките, а со тоа и загрозување на безбедноста во возењето.

Помалку опрема во возилото

Колку е пониска тежината на возилото, толку е пониска и потрошувачката на гориво. Поради тоа, производителите обично ја ставаат моделската изведба со најмалку опрема на пробните валци во лабораторијата. Некогаш се отстрануваат дури и седиштата. Преку систематското намалување на тежината се постигнува намалување на потрошувачката меѓу два и 11 проценти, во зависност од возилото.

Тестирање при повисока температура

Загреан мотор работи поефикасно од незагреан мотор. Температурата на средината исто така влијае врз потрошувачката на гориво. Според прописите, мерењата на пробни валци мора да се извршуваат при температура на средината меѓу 20 и 30 степени Целзиусови. На производителите им е од интерес да го загреат просторот на максималната дозволена температура. Разликата во потрошувачката меѓу мерење на 20 и на 30 степени изнесува од 1,5 до два проценти. За споредба, просечната годишна температура на територијата на цела ЕУ изнесува помалку од 10 степени Целсиусови.

Специјални лесноодни масла

Со користење на лесноодни моторни масла со највисок квалитет се постигнува значително намалување на потрошувачката на гориво. Законите не пропишуваат од каков вид треба да биде маслото во моторот. Поради тоа, производителите користат специјални и скапи масла, за да постигнат натамошно намалување на потрошувачката. Овие масла со екстремно висок квалитет се толку скапи на пазарот, што никој производител не ги применува за своите возила од големосериското производство.

Намалување на моќноста на моторот

Јавна тајна меѓу автомобилските инженери и процесните техничари е дека големите производители на автомобили ја програмираат електрониката во возилата посебно за секоја држава, заради задоволување на тестовите на издувни гасови во одредената држава. За циклусот на возење NEDC што е пропишан во ЕУ, карактеристични се бавни забрзувања и ниска крајна брзина од 120 километри на час. Производителите можат да ја оптимираат електрониката во моторите за на тестот да се постигне максималната ефикасност. Но, овие услови на возење се далеку од секојдневието.

Приспособувањето може да се изврши преку чип, исто како што тоа се практикува и при таканареченото чип-тјунирање, но со друга цел. Во случајот на Volkswagen, оваа манипулација продолжила чекор подалеку. Кај дволитарскиот дизел е користен софтверски прекинувач, кој препознава кога возилото се наоѓа во циклус на тестирање. Во тој случај, електрониката на моторот префрлува на режим на работа со сиромашна смеша и намалена моќност. Во моментов се проверува дали манипулацијата е извршена директно во фабриките на Volkswagen, или делот е испорачан од добавувачот. Bosch во меѓувреме реагираше и тврди дека тој нема преземено манипулација со софтверот. Тоа секако ќе биде дел од истрагата.

Скусување на работата во место

Системот старт-стоп покажува особена ефективност во лабораториските услови. Во нормираниот циклус на возење според NEDC, возилото мирува во 20 проценти од времетраењето на тестот. Наспроти тоа, системот старт-стоп се активира поретко во секојдневието. Во студените зимски месеци се случува системот да го изгасне моторот само во исклучителни случаи, затоа што моторот не се загрева доволно при возење на куси растојанија. Колкав е ефектот од оваа техника за заштеда на гориво може секогаш да се провери на патниот компјутер, кој покажува вредност меѓу половина и еден литар гориво на час, секогаш кога моторот работи во место.

Роботи зад воланот

Циклусот на возење што е пропишан според директивите на ЕУ дозволува одредени толеранции. На тој начин се зема во предвид човечкиот фактор и се дозволуваат остапувања во брзината од +/- 2 километри на час, односно отстапување во времето од +/- 1 секунда. Производителите не пропуштаат да го искористат тоа и ангажираат специјално обучени возачи, па дури и роботи, со цел толеранциите да се искористат максимално. Така се постигнува натамошна заштеда од 1,5 процент.

Возење во повисок степен на пренос

Во циклусот се пропишуваат степенот на пренос и времето кога треба да се префрли во друг степен на пренос. Но, толеранции постојат и тука. Возењето во првиот степен на пренос може да се избегне и се практикува рано префрлување во повисок степен. Производителите особено внимаваат на оптималното префрлување во повисок степен и постигнуваат заштеда и до шест проценти.

Висок притисок во пневматиците

Кога гумите се напумпани на висок притисок се намалува и отпорот при тркалање. Покрај тоа, се користат и пневматици со исклучително низок отпор при тркалање, што повторно носи голема заштеда во потрошувачката.

Нема отпор на воздух

Воздушен отпор не постои на пробните валци, односно истиот се симулира преку додавање тежина во возилото. Тоа е сепак далеку од реалните вредности на отпорот на воздухот.

Минимално „изместени“ лабораториски инструменти

Толеранции се дозволени и во поглед на мерната точност на лабораториските инструменти. Со мудро користење на овие толеранции, може да се постигнат до 2 проценти заштеда.

Дотерување на мерните резултати

Според прописите за процесот на тестирање, добиените вредности на емисијата на СО2 можат да се намалат за најмногу 4 проценти по завршувањето на мерењето. Секако дека производителите ја искористуваат и оваа шанса.

 


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

197
24 shares, 197 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *