за

Ова се десетте најпродавани градски автомобили во Европа

Моделите од класата на Polo и Fiesta уште држат најголем дел од пазарот во Европа. Тоа наскоро ќе се смени и лидерството ќе го преземат малечките кросовери. Моментно води Fiesta и тоа главно поради еден пазар.

Ford Fiesta е најпродаван градски автомобил на европскиот пазар и тоа не е ништо ново. Истото важи и за второпласираниот Volkswagen Polo, кој со 81.054 продадени возила во првото тромесечје од годинава заостанува само 3.000 примероци зад конкурентот од Келн. Најголем пораст во продажбата меѓу водечката десетка има постигнато седмопласираната Skoda Fabia, којашто во периодот од јануари до март постигнала за 34% поголема продажба во споредба со истиот период лани. Наспроти тоа, пазарот покажува негативен интерес за новата Opel Corsa, којашто со продажба намалена за 6 проценти е на четвртото место, зад Renault Clio. Пријатно освежување е присуството на Dacia Sandero во Топ 10, со подобра продажба од Citroen C3 или Seat Ibiza.

Најпродавани 10 градски автомобили во Европа во првиот квартал од годинава

  Марка и модел Продажба Промена во %
1 Ford Fiesta 84.150 -4
2 Volkswagen Polo 81.054 3
3 Renault Clio 77.762 -3
4 Opel Corsa 74.049 -6
5 Peugeot 208 68.900 13
6 Toyota Yaris 53.024 4
7 Skoda Fabia 42.927 34
8 Dacia Sandero 41.816 12
9 Citroen C3 35.956 15
10 Seat Ibiza 32.703 0

Пазарните аналитичари предвидуваат дека ерата на градските автомобили наскоро ќе премине во нова ера на малечките кросовери, кои се во постојан пазарен подем. Веќе од следната година ќе почнува да опаѓа уделот на класичните градски автомобили, чијашто продажба годинава се предвидува да достигне 3,2 милиони возила, за потоа до 2022 година нивната продажба постепено да се намали на 2,7 милиони возила.

Малечките кросовери постигнале раст во продажбата од 27 проценти

За споредба, градските автомобили во првиот квартал од годинава забележаа пораст од само проценти во продажбата, наспроти 27-те проценти на малечките кросовери. Последниве се во освојувачки поход на пазарот уште од 2011 година, кога нивната европска продажба достигнуваше 168.000 возила. Лани, во сегментот на малечките кросовери и спортски теренци се продале 1,04 милион автомобили. Оваа бројка ќе се зголеми двојно до 2022 година, со пристигањето на новите модели од Seat, Skoda и Volkswagen, како и од корејските Hyundai и Kia.

Овој тренд секако дека им одговара на производителите, затоа што кросоверите и спортските теренци се поскапи во споредба со класичните градски автомобили. Според пазарните истражувања, купувачите во Италија, Германија, Шпанија и Франција би платиле и за една третина повеќе за мини кросовер.

Отсуствуваат нови генерации модели, марките се ориентираат на кросовери

Друга причина за стагнацијата во сегментот на градските автомобили е отсуството на нови модели. Лани, единствен новитет во сегментот беше Suzuki Baleno. Од постоечките модели псотојано се изведуваат поскапи и поексклузивни изведби, како што е случајот со Ford Fiesta ST. Ваквата стратегија на Ford донесе одлични резултати на британскиот пазар, кој моментно е најголем пазар за моделот и воопшто најголем пазар за автомобили од овој сегмент во Европа, со 167.191 продадени примероци во првото тромесечје. Секој четврти автомобил во класата е Fiesta, а дури 43 проценти од вкупните продажби на моделот во Европа во првото тромесечје се постигнати токму на британскиот пазар.

По земји, се разликува уделот што го постигнуваат градските автомобили. Од купувачите во Грција, дури 37% се решаваат за автомобил од оваа класа, по што следат Романците со 34% и Португалците со 30 проценти. Понатаму следат Франција (29%), Србија (29%), Данска (28%), Италија (26%), Словенија (25%), Чешка (25%) и Словачка (24+).

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Honda NSX во тркачка двојка ќе напаѓа на Пајкс Пик

Продажен бум на српскиот пазар на автомобили: Раст од преку 30%