198
78 shares, 198 points

Новите градски власти во норвешката престолнина најавуваат сообраќајна револуција. Тие ќе вложуваат многу пари во патеки за велосипеди и ќе ги забранат автомобилите во центарот на Осло.

Политиката обично ги поставува целите некаде далеку во иднината. Новите градски власти во норвешката престолнина Осло постапуваат различно. Тие планираат значително ограничување на пристапот со возила во центарот на градот веќе во 2019 година. Место автомобили, Норвежаните повеќе ќе ги користат јавните превозни средства и велосипедите.

Од шестотините илјади жители на Осло, само 1.000 живеат во центарот на градот. Но, на тоа подрачје работат дури 90.000 лица и тоа доведува до големо сообраќајно оптоварување. Норвежаните пресметале дека само осум проценти од вкупниот сообраќај отпаѓа на велосипеди. Планот е овој број до 2025 година да се зголеми двојно. За тоа да се постигне, неопходни се големи вложувања. Градските власти планираат во првата фаза до 2025 година да вложат 4,3 милијарди норвешки круни, што одговара на 450 милиони евра. Тоа се по 45 милиони евра секоја година. Во втората фаза, вложувањето во патеки за велосипеди и воопшто во целата инфраструктура за сообраќајот на педали повторно ќе се зголеми, и тоа двојно.

Кога вложуваат толку средства, властите на Осло мора да се сериозни во својот план да го префрлат сообраќајот со автомобили на велосипеди и јавен превоз. Градскиот совет во јануари ќе стартува со финансиска поддршка при набавката на електрични велосипеди. Со овие мери се очекува сообраќајот со автомобили на територијата на целиот град да се намали за 20 проценти до 2019 година, а потоа за уште 10 проценти до 2030 година. Паралелно со проширувањето на мрежата од велосипедски патеки ќе се воведуваат и промени во наплатата на патарина за пристап во градот, којашто во Осло се практикува веќе 25 години. За автомобилите со мотори со внатрешно согорување во иднина ќе се плаќа уште повисока „градска“ патарина. Електричните автомобили веќе се ослободени од секакви давачки.

Трговците и фирмите стравуваат дека овие промени ќе предизвикаат намалување на нивниот промет. Единаесет од 57-те големи трговски центри во Осло се наоѓаат во центарот на градот. Но, досегашните искуства сведочат дека купувачкиот дух не се намалува, туку напротив, луѓето купуваат повеќе.

Ослободувањето на градот од автомобилскиот сообраќај беше главна точка во изборната програма на владејачката коалиција во Осло, на изборите коишто се одржаа во средината на септември. Социјалдемократите, зелените и левицата по цели 18 години ставија крај на владеењето на конзервативците. Граѓаните на Осло на изборите гласаа за центар без автомобили, за слободен простор за движење без смрдеа и врева, за релаксирано возење велосипед по улиците и за користење на метрото. Норвешката престолнина во блиска иднина ќе изгледа како место за одмор.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

198
78 shares, 198 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *