за ,

Норвешка нарачува 240 Renault Kangoo на струја за разнесување пошта

Како светски лидер во електричниот погон, Норвешка го прави следниот чекор и нарачува 240 примероци од Renault Kangoo Z.E. што ќе се користат за разнесување пошта. Ова е една од најголемите нарачки на електромобили.

Норвешката пошта нарача 240 примероци од електричниот Renault Kangoo Maxi Z.E. Со досег меѓу 80 и 125 километри во реални услови на возење, Kangoo Maxi Z.E. може да ги извршува вообичаените дневни тури во поштенската достава без потреба од пауза за полнење на батериите. Доставното комби со погон на струја ќе се користи првенствено во урбаните средини.

renault kangoo posten (1)Поштата во Норвешка веќе располага со возен парк од 900 електрични возила, вклучувајќи автомобили, велосипеди, квадрицикли и трејлери. Цел на компанијата е до 2020 година да ја намали емисијата на СО2 на својот возен парк за 40 проценти. Норвешката држава во последните години силно ја стимулира продажбата на електрични возила преку субвенции. Дури 20 проценти од вкупната продажба на возила во скандинавската држава во текот на 2015 година отпаѓа на возила со погон на струја. До 2020 година низ Норвешка ќе циркулираат 200.000 електрични возила, што ќе претставува 10 проценти од вкупниот возен парк во државата.

Електричните возила во Норвешка се ослободени од ДДВ и од годишни трошоци за регистрација, како и од плаќање паркинг, патарини и превоз со траект. Гамата од електрични возила на Renault во Норвешка се состои од ZOE, Kangoo Z.E., Kangoo Maxi Z.E. и Twizy.

Според Меѓународната комисија за енергетика, со 7 милиони електрични возила во светот до 2020 година ќе се заштедуваат 400.000 барели нафта дневно.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Lada 4×4 Urban: Руска машинка за градски бунтовници

Во Audi може да се направи и компјутерска томографија