за

Новиот Peugeot 3008 доаѓа со електричен тротинет во багажникот

Додека деновиве постепено ќе се разоткриваат сите новитети што Peugeot ги донесува со 3008, еден детаљ не смее да се изостави. Во багажникот на новиот спортски теренец се наоѓа скутер со електричен погон и полнач за него. Има и е-велосипед.

Долго време се чекаше додека Peugeot повторно изненади со нов модел. Покрај многуте иновативни технологии и оригинални пристапи што ги носи новиот спортски теренец 3008, произлезен од досегашниот кросовер со истата ознака, се наоѓа и еден детаљ што навестува нова идеја во урбаната мобилност. За Peugeot 3008 може да се нарача тротинет или велосипед, обата со компактни димензии, благодарение на преклопливата конструкција и обата со поддршка од електромотор. Во багажникот на спортскиот теренец 3008 се наоѓа и посебен држач за овие возила, заедно со полнач, додека истите се наоѓаат во возилото.

Honda прва ја реализираше идејата за поставување велосипед во багажникот на автомобилот. Популарниот модел City во 1980-те години поседуваше посебно место во багажникот предвидено за стилскиот скутер, кој беше замислен да се користи за пристап до деловите од градовите во коишто тоа не е можно со автомобил. Идејата на Јапонците како и вообичаено беше премногу напредна за светот надвор од нивната островска земја и не наиде на особен успех. Подоцна и Ford се обиде да ја заживее идејата за „продолжена индивидуална мобилност“, но и тоа не успеа. Сега е на ред Peugeot, кој има многу поголеми шанси конечно да ја донесе оваа идеја до народот, имајќи во предвид дека името на француската марка се поврзува подеднакво силно и со велосипедите и скутерите.

По цена од околу илјада евра, Французите ќе го нудат електричниот тротинет e-Kick, со досег на поддршка од електромоторот до 12 километри, со брзина од 25 километри на час и со тежина пониска од 10 килограми. За батериите на e-Kick постои посебен полнач во багажникот на 3008 SUV, кој воедно служи и како држач. За велосипедот e-Bike, Peugeot уште должи детали и фотографии.

[FAG id=24423]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Peugeot 3008 се унапреди од кросовер во спортски теренец

Хибриден Peugeot 3008 со погон на сите тркала пристига во 2019