за

Новиот Ford Mondeo за прв пат достапен и во хибридна верзија

новиот форд мондео, ford mondeo

Несомнено е дека појавувањето на новиот Mondeo ќе предизвика големо раздвижување во класата. Испораката во Европа почнува во октомври, нарачките стартуваат веднаш.

Компанијата Ford од денес почнува со примање нарачки за моделските верзии на новиот Mondeo со средно и високо ниво на опрема. Марката со сината слива во маската најавува врвна динамика на новиот модел, иновативна технологија, висок квалитет на изработка и софистициран дизајн. Во почетокот од комерцијализацијата Mondeo ќе биде достапен во повисоките нивоа на опрема, вo верзиите Trend и Titanium, и за прв пат ќе се нуди и во верзија со хибриден погон. Почетното ниво Ambiente и врвното ниво Business Edition ќе ја комплетираат понудата во почетокот на следната година, кога ќе бидат понудени и дополнителни бензински и дизел мотори, како и верзија со погон на сите тркала. Понудата од каросериски верзии останува непроменета, со класична лимузина, комбилимузина и комби.

Mondeo е прв европски модел на Ford што ќе ја користи новата глобална платформа CD, вклучувајќи нова интегрална задна оска за повисок комфор и поголема динамика во возењето. Премиера во Mondeo ќе доживее и системот за интерактивна контрола на динамиката, односно можност за избор на комфорна, нормална и спортска програма за возење.

На стартот ќе бидат достапни 1,5 и 2,0 литарските бензинци од генерацијата EcoBoost, а од почетокот на следната година ќе се придружи и трицилиндарскиот 1.0 EcoBoost, како погонска единица што досега трипати ја има освојувано наградата на светски мотор на годината. Понудата на дизели ќе ја сочинуваат 1,6 и 2,0 литарски мотори EcoNetic. Лимузинската верзија на Mondeo премиерно ќе се нуди и со хибриден погон, со посебно развиен дволитарски бензинец и електромотор, заедно со литиум јонски батерии со капацитет од 1,4 киловатчасови. Mondeo Hybrid е прво хибридно возило што Ford ќе го произведува во Европа.

Новитети има и во осветлувањето. На списокот на опции ќе се нудат диодни светла за сите функции на осветлување, со приспособување на аголот и интензитетот на светлосниот сноп според условите на возење. Системот за самостојно паркирање е надограден со можност за попречно паркирање и визуелно и акустично предупредување од наидување на други возила или присуство на пречки при излегување од паркинг. Останатите системи за асистенција се самостојно запирање при детектирање на опасност од судир при брзини до 40 km/h, како и активен систем за следење лента, со автоматски зафат во управувањето и враќање на возилото во лента.

Деби во европската понуда на модели на Ford доживуваат и безбедносните ремени со интегрирана воздушна перница за задната клупа, коишто значително го намалуваат напрегањето на телото при судир, благодарение на пектратно поголемата површина на ременот што го прима оптоварувањето. Во комфорната опрема следуваат електромотор за местење на воланот со меморија на положба – според Ford, првпат во класата – како и мултиконтурни седишта со масажа, електромотор за капакот на багажникот и загреван волан.

Системот за поврзување Sync 2 доаѓа во комбинација со дисплеј на допир со пречник од 20 сантиметри, за ракување со телефонот, радиото, климатизацијата и навигацијата, секако со поддршка на гласовна команда. Експертизата на Ford на ова поле напредуваше далеку, така што навигацијата може да ги прикаже најблиските ресторани со едноставна гласовна команда, на пример „гладен сум“. Можноста за програмирање на клучот MyKey е веќе позната во марката и нуди ограничување на одредени функции на возилото заради безбедност.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Осомничениот за кражба на болничките акти на Шумахер пронајден мртов

Mercedes го тестира кабриолетот од класата S