за

Новиот BMW X5 стартува со продажба во Македонија

BMW X5 premiera MK

Во впечатлив амбиент, со ѕидови од коцки мраз и под поларна светлина, во салонот на М Кар имаше премиера новата генерација на BMW X5, под слоганот „Шефот се врати“

Четвртата генерација на BMW X5 во петокот имаше македонска премиера во салонот на М Кар. Знаменосецот во понудата од СУВ-модели на BMW – до пристигањето на X7 – во новата генерација порасна за 4,2 сантиметри во меѓуоскиното растојание, за 3,6 сантиметри во должина, во ширина за 6,6 сантиметри и во висина за околу два сантиметри. Багажникот располага со зафатнина меѓуи 645 и 1.860 литри. Највпечатлив белег во предниот дел од возилото се големите бубрези на марката коишто се врамени во едноделна рамка. Диодните светла се испорачуваат како стандардна опрема. Ова е прв модел на BMW каде што може да се нарачаат бандажи од 22 инчи.

BMW X5 premiera MK5am#

Инструментите и средишниот дисплеј имаат нов дизајн. Од дополнителната опрема се нудат мултифункциски седишта, држачи за чаша со ладење и греење, стаклен покрив, динамично светло во кабината, забавен пакет за задната клупа со дисплеи од 10,2 инчи или специјална изведба на некои од командите во стакло.

Во понуда се наоѓа и трет ред седишта, како и прекривка за багажникот којашто со електромотори се вовлекува во подот. Задниот капак и натаму е дводелен. Во комбинација со опционалниот комфорен пристап, сега двата дела се отвораат и затвораат автоматски. Доколку се доплати и за пневматска амортизација, задниот дел од каросеријата може да се спушти заради полесно товарање.

Врвот во моделската понуда на BMW X5 за европскиот пазар му припаѓа на дизелот со 400 КС

При стартот на продажбата ќе се нудат три шестцилиндарски мотори. Осумстепениот автоматски менувач Steptronic е стандард. Бензинецот во xDrive 40i постигнува 340 КС и вртежен момент од 450 њутнметри. Трилитарскиот дизел во xDrive30d располага со 265 КС и 620 њутнметри. Врвот привремено му припаѓа на M50d со 400 КС и 760 њутнметри. Надвор од европскиот пазар се нуди и моделска верзија на BMW X5 со осумцилиндарец со 462 КС.

BMW X5 premiera MK7am#

Првпат во модел од X-семејството на BMW се нуди пакет за терен. Возачот може да вклучува четири режими за возење по различни терени, односно по песок, карпа, чакал или снег. Секоја програма автоматски ги приспособива растојанието од подлогата, работата на погонот на сите тркала, чувствителноста на педалата за гас и контролата на менувачот, како и работата на програмата за стабилност.

Систем што го враќа возилото по истиот пат како што е паркиран

Од системите за асистенција се нудат приспособлив темпомат со самостојно поаѓање и запирање во застој, самостојна корекција на правец и следење лента, асистенција при префрлување во друга лента, предупредување при возило во мртов агол, за возило што наидува при излегување од паркинг и слични напредни системи. Интересна е функцијата на асистентот за рикверц, кој го изведува возилото од паркинг по истиот пат по којшто е паркирано.

BMW X5 premiera MK9am#

Премиера во BMW X5 има таканаречениот оперативен систем 7.0, како одговор на MBUX на конкурентот Mercedes, со најразновидни можности за приспособување и поврзување. Стандарно се испорачува „Live Cockpit Professional“ со дигитални инструменти и со средишен дисплеј од по 12,3 инчи. Функциите може да се вклучуваат преку копчињата на воланот, преку контролерот iDrive, средишниот дисплеј или преку говор и гестикулација.

BMW X5 е воедно и првиот модел на баварската марка, кој може да се отклучува и стартува преку телефон, со помош на дигиталниот клуч на BMW.

[FAG id=35941]

BMW продаде над 300.000 хибриди и електромобили

Шеста генерациска смена за серијата 3 на BMW

На овој BMW Z4 само небото му е граница

Хибридниот BMW X5 вози 80 километри на струја

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тест на зимски гуми АДАК 205-55-16

Тест на зимски гуми на клубот АДАК: Димензија 205/55 R16 H

Ford Focus test 1.5 ecoboost st-line

Добриот стар Ford Focus, ама нов