за

Новиот кабриолет на BMW го грее и срцето и грбот

Од следната година, кабриолетот од серијата 3 на BMW ќе се продава под нова бројка, како серија 4. Името не е единствениот новитет во кабриолетот, во него се кријат уште многу изненадувања.

Кога Баварците ќе го пуштат во продажба новиот кабриолет од средната класа во почетокот на следната година, бројката на задниот капак нема да биде единствената промена на возилото. Тоа што порано се водеше како кабриолет од серијата 3, според новата номенклатура на BMW ќе биде кабриолет од серијата 4.

Кабриолетот со четири седишта е поголем од претходникот во должина, во ширина, во растојанието меѓу оските и во ширината на трагата на оските, додека превисите на каросеријата напред и назад сескусени. Видливи траги од усовршувањето на аеродинамиката кај отворениот BMW се таканаречените Air Breather во предните крила, со задача да го намалуваат вртложењето на воздухот околу предните тркала, односно да се намали отпорот на воздух во тоа подрачје. Исто како купеата од серијата 4, кабриолетот е за еден сантиметар поблиску до асфалтот од лимузините од серијата 3.

Техничарите имаат работено многу и на триделниот метален покрив. „Апсорбирачкото небо“ е со функција да ја подобри звучната изолација во кабината. Кога покривот е спуштен под задниот капак, електромоторите го подигнуваат склопениот покрив и го олеснуваат пристапот до багажникот. Оваа помош во багажникот е дел од сериската опрема. Покрај тоа, возачкото седиште има нова конструкција и се мести со помош на електромотори, кои исто така се во сериското ниво. За возачот и совозачот да не мрзнат на ветрот при студено време, во седиштата е вграден вентилатор за топол воздух што ги грее вратот и грбот – конкурентот Mercedes го имаше тоа уште пред години.

Моторите во кабриолетот се истите како во купето. На старот од продажбата ќе бидат достапни бензинските 435i со трилитарски шестцилиндарец со 306 КС и 428i со дволитарец со 245 КС, како и дволитарскиот дизел си 184 КС во 420d. Преносот на сила до задната оска е преку шестстепен мануелен менувач, а со доплата се добива осумстепен автоматик со спортско дотерување. За март 2014 се најавува и верзија xDrive со погон на сите тркала во моделот 428i.

Во германскиот ценовник што е објавен денес, кабриолетот стартува со цена од 40.504 евра без ДДВ, за моделот 428i. Посилниот бензинец 435i чини 45.378, исто така без ДДВ, додека за дизелот се наведува цена од 38.907 евра. Моделот xDrive ќе чини 42.605 евра.

BMW нуди четири линии на опрема за новиот кабриолет: Спортска Линија, Луксузна Линија, Модерна Линија и M Спортски Пакет. Првата линија на опрема чини 3.277 евра (без ДДВ) и содржи бандажи од 18 инчи со двојни краци, натпис Спорт отстрана, задн браник со дифузор во црн сјаен лак, алуминиум на страничните жабри и на рамките на прозорците, црна хромирана издувна цевка, кожени седишта, спортски седишта со греење, црни сјајни лајсни на арматурната табла, спортски волан со кожа опшиена со црвен конец, амбиентално осветлување со променлива боја, спортски инструменти и прекинувач за избор на програми за возење, со дополнителен модус Sport+.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Две класи по иста цена: Fiat Panda против Opel Corsa

Хибридна Mazda3 на салонот во Токио?