за

Нема опасност од новото разладно средство

Поголемиот број производители одбива да го користи новото разладно средство за клима уреди 1234yf, поради опасноста од пожар. Opel тестираше и утврди: Опасност не постои.

Околу новото разладно средство веќе подолго време се води жешка дискусија меѓу производителите на возила и законодавците. Opel изврши тестирање на новиот Mokka за да докаже дека нема причина за опасност.

При судирот во пречка при брзина од 50 километри на час, како што и се очекуваше дојде до истекување на разладното средство, но тоа не предизвика палење на возилото или создавање на течна киселина. Претходно, тестирање во симулирани услови на судир спроведе и Mercedes, на кое што се покажа дека сепак постои опасност од новото средство што го заменува старото средство 134а. Повеќето германски марки, меѓу кои Audi, BMW, Porsche и Volkswagen, исто така гледаат со недоверба во новото средство.

Повеќето производители на возила се залагаат за заеднички развој на клима уреди кои што се базирани на СО2-техника. До постигнувањето на сериската зрелост на новата техника е потребен период од уште три до четири години.

Дотогаш, 1234yf ќе биде единственото дозволено разладно средство за производителите на возила. ЕУ го забрани средството 134а да се користи во новите модели поради штетноста врз животната средина, по што авто концерните се сложија да го користат 1234yf како замена. Единствено германските производители одбија да го користат средството.

Новиот мини теренец Mokka е единствениот модел на Opel за кого што важи обврската за користење на 1234yf. Другите нови модели, како кабриолетот Cascada и малечкиот Adam, исто како и идната генерација на Corsa, ја минаа хомологацијата уште пред воведувањето на забраната за 134a. Истото важи и за другите модели од новите генерации, VW Golf VII исто така користи 134а.

Постои неизвесност околу тоа како германските производители ќе се справуваат со забраната за користење на 134а. Mercedes категорично одбива да го користи средството 1234yf и бара посебна регулатива со која што ќе се дозволи средството 134a да се користи и во следниот период. За производителите што нема да ја почитуваат забраната следуваат санкции, во форма на парични казни или одземање на типската хомологација на возилата кои имаат клима уред што работи со 134а.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Уште посупериорен Superb

Москва заглавува најмногу