за ,

На оваа тркачка патека 90 години се вози „туристички“

тркачка патека, Нордшлајфе, Нирбургринг

На легендарниот Нирбургринг има веќе девет децении откако секој може со својот автомобил да си приреди тркачко задоволство. Предизвикувачката тркачка патека сокриена во густа шума е туристичка цел на автомобилските ентузијасти.

Некои ја нарекуваат Зелениот Пекол. За некои други, таа е Нордшлајфе или Северен Јазол. Трети немаат име за неа, но ја сметаат за најдобрата тркачка патека во светот. Покрај толку многу прекари и епитети, мора да станува збор за нешто посебно. Веќе 90 години наназад, секој може да се пушти по долгиот курс на Нирбургринг и да си ја приреди трката на животот.

Ретко постои друго место во светот кадешто може да се дозволи задоволството со тјунирана Corsa да се престигне Lamborghini или Porsche. Дури и без рекламниот слоган е јасно дека ова е „најубавото парче асфалт меѓу северниот и јужниот пол“. Патеката долга 20,8 километри, приближно колку делницата од Гостивар до Стража, со своите 73 свијоци ги привлекува автомобилските ентузијасти од сите краишта низ светов.

Возила со регистерски таблички од Велика Британија, Скандинавија, Русија или од Блискиот Исток, доаѓаат тука да го почувствуваат тркачкиот адреналин. Акцијата се случува секојдневно за време на сезоната од пролет до есен. Повеќе од 800 часови годишно. Честопати се случува по „Зелениот пекол“ истовремено да јурат преку 100 возила.

Сер Џеки Стјуарт: „Кој не се одушевил од Нирбургринг, не возел доволно брзо“

Главното правило што мораат да го почитуваат туристите-тркачи е да не престигнуваат оддесно. Некои се подготвени и за вистинска трка со своите приватни автомобили, со шлем на глава и заштитен кафез во кабината. Нешто што може да се смета како задолжителна опрема во последните години е борд-камера, за документирање на целиот потфат.

Porsche 911 GT3 за дванаесет секунди побрз на Нирбургринг

Забава има и за љубителите на брзините што повеќе сакаат да го препуштат воланот на професионален тркач и да ја следат акцијата од совозачкото седиште. Тоа е таканаречениот ринг-такси. Одвреме навреме по патеката се појавува и жолт камион, за извлекување на излетаните возила.

Нирбургринг моментно прославува 90 години откако патеката е отворена за овие туристички возења – во деновите кога не се одвива официјален натпревар. Круг по патеката чини 25 евра во работните денови, односно 30 евра во викендите.

Почнуваме !!!! Прв тренинг Nürburgring 🏁😜

Posted by Igor Idze Stefanovski on Thursday, May 25, 2017

Не е ретка глетка кога вистинските ентузијасти пристигаат на германската патека со својот скапоцен автомобил качен на приколка. Некои ги испраќаат тркачките болиди вредни милиони евра во бродски контејнер. Постои и можност за изнајмување гаража, кадешто вредни автомобили чекаат сопственикот да сврти круг по Нирбургринг.

Буквално на сите намерници им е овозможено да ја користат патеката, којашто моментно е во сопственост на Виктор Каритонин, руски милијардер од фармацевтската бранша. Неколку компании изнајмуваат возила. Девет од десет корисници на овие рантакар-тркачи се странци.

Сите на тркачка патека, од суперавтомобили до поштенски комбиња

Нирбургринг има и темна страна. Зелениот пекол, колку што е популарен и посакуван за ентузијастите, толку е и кобен. Не е претерано кога Нордшлајфе се цени како најопасна тркачка патека во светот. Причина за кобните незгоди честопати се големите разлики меѓу обичните автомобили и суперспортските машини со 500 коњски сили, кои на одредени делови од патеката достигнуваат 250 километри на час. Лани на патеката загинале две лица, 18 биле потешко повредени, 43 полесно.

Carspotter #qualmedie ist am Nürburgring unterwegs! Die Insekten 😳#bugatti #chiron #bugattichiron #nürburgring #nordschleife

Posted by Matthias Malmedie on Thursday, June 22, 2017

На патеката секогаш има на располагање по едно амбулантно возило, еден дежурен лекар и хеликоптер. Постојано се вршат преправки за подобрување на безбедноста, со проширување на зоните за излетување и со додавање заштитни огради.

Нирбургринг е туристичко одредиште и за тие што воопшто немаат намера да седнат зад воланот. Голем број камп-приколки и возила се распослани околу патеката и ја следат возбудата по асфалтот. Семејства со дечиња спокојно се залегнати на пикник зад оградите на Нирбургринг и од безбедна далечина гледаат како суперскапите суперавтомобили дрифтаат по патеката. Нирбургринг дефинитивно е феномен.

На оваа тркачка патека 90 години се вози „туристички“

На одбележувањето на 90-та годишнина од отворањето на патеката беа поканети најголемите имиња од светот на мотоспортот. Посебна чест имаше Сер Џеки Стјуарт, трикратен шампион во Ф1 и воедно кум на Зелениот Пекол. Британската тркачка легенда, на 78-годишна возраст, ја отвори изложбата „Ринг-маркс. По трагите на легендите“.

Таа ќе биде трајна поставка на патеката, со историски вредни автомобили. Меѓу нив се Kompressor-Mercedes Typ S со когошто Рудолф Карачиола победи на Нирбургринг на 19-ти јуни 1927 година, како и Benetton-Renault B195, болидот со когошто Михаел Шумахер ја освои првата шампионска титула.

Неколку видеа што верно ја отсликуваат атмосферата во Зелениот пекол

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Audi A8, Audi prologue

Колку „Prologue“ се крие во новиот Audi A8

Шефот на Continental открива зошто производителите мамат за чистотата