162
22 shares, 162 points

Зачувувањето на животната средина за нашиве е мистерија како што е стакленото шише за Бушманот во „Кога боговите паднаа на теме“. Разликата е тоа што во оваа комедија никој не се смее.

Да ги поздравиме консеквенците од континуираното загадување на животната средина со едноминутно недишење. Подобро би било народот да можеше да го задржи здивот уште подолго. До последниот здив, веројатно. Така никој не ќе мораше да се соочува со неприродната катастрофа на воздухот што за белја ни е толку неопходен. Народот ќе си умреше од недишење, место од дишење загаден воздух. Вината ќе беше во народот, а не во тој што си го отрул народот.

Нечистиот воздух е повеќе кобен од која било природна катастрофа

Ова што мораме да го вдишуваме, затоа што такви нé дал Создателот, кобно е повеќе од секој земјотрес, заразна епидемија, суша, пожар, од каква било природна катастрофа – затоа што е неприродно, предизвикано од неукост и простотилак. Македонската престолнина со 80 микрограми честички помали од 10 микрони на метар кубен е во одбрано друштво со градовите Машад во Иран, Бангалор во Индија, Акра во Гана и Јангон во Мијанмар. Тоа се податоците што Светската Здравствена Организација официјално ги има регистрирано за 2008 година. Пред шест години! Уште тогаш постоеле предзнаци за катастрофата што сега нé погодува со сета своја жестокост.

Светските метрополи со десет милиони жители се почисти

Ако некој и натаму се обидува да го протолкува ова малку воздух што ни останало во воздухот како последица од цивилизацискиот развој и масовната урбанизација, еве ги за споредба градовите што напредувале најдалеку во тој поглед: Париз има 38 микрограми PM10 наспроти нашите 80, Рим има 44, Москва 33, Берлин 26, Њујорк 21. И соседите умеат да ја негуваат културата на дишење: Белград диши 43 микрограми PM10, Атина 41, Софија 68.

Секоја чест на храброста на министерот за животна средина Абдилаќим Адеми да признае дека загадувањето на воздухот во Скопје потекнува од сообраќајот, место од нашите два или три индустриски капацитета, како и од авто сервисите што за греење согоруваат старо масло. Еден ден ќе го славиме овој човек како херој на спасот поради искреното лоцирање на изворот на проблемот. Требаше да се додаде само уште едно: Проблемот потекнува од рапидното зголемување на возниот парк со користени возила што не ги исполнуваат актуелните еколошки норми.

Познавачите предупредуваа за загадувањето уште во 2009 година

Тоа што ни се случува не е ништо поразлично од предвидувањата што познавачите од областа на автомобилизмот ги искажаа уште кога беа кренати сите можни рампи за увозот на користени автомобили во 2009 година, особено вклучувајќи ги еколошките рампи. За една година беа увезени 51.399 користени возила, во 2011 година следеа уште 34.326, во минатата 28.546, а во оваа исто така ќе бидат близу 30.000 користени автомобили. Паралелно се увезуваа и товарни моторни возила, автобуси и минибуси. Но, возилата беа толку евтини, што беше тешко да се одолее. Ете зошто биле евтини!

Во годините кога кај нас се кренаа рампите за старите автомобили, во Германија и во уште неколку земји што чистотата на своите автомобили не ја ценат според сјајноста на лакот се спроведуваше акција за замена на старите возила преку субвенционирање на набавката на нови. Државата им исплаќаше по 2.500 евра на сопствениците на стари возила што на пазар не вредат ниту третина од тоа, со цел да се поттикне повлекувањето на загадувачите од сообраќајот и да се продолжи со спроведување на заштитата на животната средина. Исти такви акции се спроведуваа и во други држави во ЕУ.

Европа ги шверцуваше старите возила место да ги претопи

Кусо време откако заврши оваа акција, во влијателните јавни гласила во Европа проструи веста дека најголемиот дел од овие возила, место под преса, па во топилница, завршиле надвор од границите на ЕУ – или блиску до нејзините граници. На Европејците им беше поевтино легално да ги шверцуваат старите возила отколку да ги претопат во нивната изворна форма. Со топењето ќе се потрошеше многу од скапоцената енергија, а ќе се ослободеа и тони јаглероден двооксид. Заштита на животната средина пред сé. Во еколошки совесната Европа, секој индустриски субјект има одредено количина на СО2 што смее да ја испушти. Кој има потреба да испушти над дозволеното, мора претходно да го обезбеди правото за тоа, односно да плати. Затоа беше решено – овие возила мора да отидат колку е можно подалеку. Настрана криминалот што стока со нулта вредност преку ноќ доби нова вредност. На економистите им се крева коса на глава од помислата.

0,14 грами честички PM10 не е исто со 0,005 грами

На тој начин нашиот регион се преплави со евтини користени автомобили. Тоа што за Европејците беше евтино затоа што никој не го сака, поради загадувањето, за нас стана евтино што секој го сака. За споредба, нормата Euro 2 од јануари 1996 и нормата Euro 5 од септември 2009, за возила со дизелски мотор: 0,97 грами хидрокарбонати и азотни оксиди на километар наспроти 0,23 микрограми, 2,72 грами јаглероден моноксид на километар наспроти 0,5 грами и 0,14 грами честички РМ10 на километар наспроти 0,005 грами! Драстична разлика.

Ако порано не пречеше толку непочитувањето на актуелните еколошки норми за автомобилите, особено покрај фактот што сеуште се продаваа значително повеќе нови отколку користени возила, со рапидното зголемување на возниот парк во последните години почна уште поинтензивно да се чувствува проблемот. Илјада возила што се над разумните норми се многу помалку од десет или сто илјади возила загадувачи.

Кога нееколошко возило се одржува нередовно загадува уште повеќе

Сите бевме задоволни и благодарни што добивме евтини „мерцедеси“ и „бемвејци“, а дополнително беше благодарна и државата, затоа што со зголемениот возен парк и соодветно зголемената потрошувачка на гориво се обезбедуваа и повеќе пари за плати за државните службеници. И плус за уште некој трошок. Но, трошоците станаа проблем за сопствениците. Одржувањето на „евтините“ возила е скапо. Кога возилата не се одржуваат редовно и правилно, состојбата на техниката се влошува и натаму не може да се очекува дека возилото ќе ги исполнува еколошките норми со кои што излегло од фабрика. Настрана тоа што нашите користени возила уште долго пред да се одомаќат имаат излезено од сите норми.

Место големи и најстари лимузини можеа да бидат понови и помали модели

Катастрофата можеше да се избегне доколку при увозот на користени возила беа поставени построги ограничувања во поглед на еколошките норми, а особено класата на возилата. Место Mercedes стар дваесет години, можеше за истата пазарна вредност да се олесни влезот за возила од помалите класи, кои ќе беа од поново годиште, со поактуелни еколошки норми, поевтини за одржување, па и со пониска потрошувачка на гориво, а оттаму и со помало загадување на средината. Едноставно, логично, требаше само да се слушаат советите од познавачите на сферата.

Без разлика што поголемите и помалите службеници во моментов интензивно сурфаат на интернет за да дојдат до информации дека во Лондон на пример е забрането во центарот на градот да влегуваат возила со несоодветна еколошка идентификација, решението на нашиот проблем не е подалеку од решението на Европејците и другиот свет освестен за тоа дека треба да се заштитува животната средина, место човекот да се заштитува од животната средина. Во секој случај, нема да биде ниту евтино, ниту едноставно да се „извадиме“ од оваа катастрофа.

Ограничувањето на брзината е најбрза и најефикасна мера

Прво, државата треба да обезбеди субвенции за замена на старите возила, разграничувајќи ги матичните и увезените стари возила, и воедно да воведе повисоки еколошки такси при регистрација на старите возила. Второ, потребно е да се одреди бенефицирана класа на возила, односно возила чии што емисии на штетни материи се под одреден лимит, за коишто ќе да постои дополнително олеснување при купувањето и при регистрацијата. Секако, неопходно е да се воведат и рестрикции во користењето на автомобилите. Ограничувањето на брзината на возење е една од најефективните и најбрзи мери за пречистување на воздухот. Тоа не значи да се вози со нормални 50 или 60 километри на час место со вообичаените 80 или 100, туку со 30 или 40 километри на час. На тој начин ќе се поттикне и користењето на јавниот сообраќај. Ако толку сме приврзани кон автомобилите, зошто кога ќе отпатуваме во странство прифаќаме да се возиме во градски сообраќај, место културно и достоинствено да си изнајмиме лимузина?

Европа нека ни обезбеди 20 милиони евра годишно за чистење

Најевтиното ново возило на македонскиот пазар моментно чини 7.000 евра. Со субвенција може да се дојде до вредност од 5.000 евра или помалку. Доколку со субвенција од 2.000 евра, на пример, годишно се заменуваат 10.000 стари возила со нови, државата ќе треба за тоа да обезбеди околу 20 милиони евра. Проблем е единствено тоа што парите за субвенциите ќе бидат пари од народот. Или можеби е подобро овие 20 милиони евра да ги обезбеди автомобилски чистата Европа. Истата онаа што легално ги шверцуваше „претопените“ стари автомобили?


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

162
22 shares, 162 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

One Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Choose A Format
Personality quiz
Series of questions that intends to reveal something about the personality
Trivia quiz
Series of questions with right and wrong answers that intends to check knowledge
Poll
Voting to make decisions or determine opinions
Story
Formatted Text with Embeds and Visuals
List
The Classic Internet Listicles
Countdown
The Classic Internet Countdowns
Open List
Submit your own item and vote up for the best submission
Ranked List
Upvote or downvote to decide the best list item
Meme
Upload your own images to make custom memes
Video
Youtube, Vimeo or Vine Embeds
Audio
Soundcloud or Mixcloud Embeds
Image
Photo or GIF
Gif
GIF format

Notice: ob_end_flush(): failed to send buffer of zlib output compression (0) in /home/automedi/public_html/wp-includes/functions.php on line 3743