163
21 shares, 163 points

На рекламниот плакат за годинашниот автосалон во Њујорк е прикажан суперспортски автомобил со 656 коњски сили. Ford GT е главниот носител на имиџот и технологијата на марката од Детроит и симбол за вратената самодоверба на американската индустрија. Но, има и посилни од него. Многу посилни.

Главната атракција на салонот пристигна од Dodge. Таму решија да го крунисаат Challenger Hellcat со уште посилна верзија, со 819 место 717 КС, и со име што не можело да биде повеќе погодено: Demon. Изложениот примерок е изведен како драгстер, со малечки предни тркала и џиновски гуми назад. На посебен настан во предвечерието на салонот, Американците јасно и гласно покажаа кој е новиот светски шампион во забрзување: Demon, на местото на Tesla Model S.

Dodge Demon

Fiat Chrysler е производителот на автомобили што најмногу ќе профитира од владата на Трамп. Италијанско американскиот конгломерат ja постигнува добивката првенствено од продажба на модели со големи мотори, но евтини за производство, како што се Charger и Challenger или теренците на Jeep и пикапите од марката Ram. Трендот на смалување на моторите и воведување турбонатполнење уште нема доспеано на оваа адреса. Понудата од модели ја заокружува Jeep Trackhawk, кој со моторот Hellcat со 717 КС е најбрз Jeep во историјата. Неговата крајна брзина изнесува 290 километри на час.

Lincoln Navigator

Екстреми од поинаков вид се специјалност на Lincoln Navigator, којшто го начна трендот на луксузни теренци, пред тронот да му го одземе Cadillac Escalade. Претходната генерација на овој модел се произведуваше десет години и се продаваше сé послабо и послабо.

Lincoln Navigator

Lincoln со фанфари го одбележа враќањето во игра. Новиот Navigator пристига со кабина просторна колку гарсониера, којашто е средена толку впечатливо што Escalade сега изгледа како најобичен теренец. Според главниот дизајнер Дејвид Вудхаус: Ова е повторното раѓање на автомобилот. Најважно беше да се задржи големината, волуменот на претходникот. Но, Navigator има еден голем проблем. Ford го испорачува само со V6 со турбонатполнење, додека Cadillac му останува верен на моторот V8. Оттаму коментираат: „Во Lincoln мора да се луди.“

Cadillac им останува верен на осумцилиндарците, но дизелите пристигаат како новитет под хаубата

Но, освен на големи осумцилиндарци, во Cadillac играат и на картата на дизел моторите. За следната генерација теренци се предвидени дизел мотори со четири и шест цилиндри – мотори што ќе се вградуваат и во марката Opel, којашто во меѓувреме премина во концернот PSA. Договорите со германската марка остануваат, продолжуваат проектите што се во тек. Вградувањето дизел мотори е важен дел од стратегијата на Cadillac за поголем пробив на европскиот пазар. Од друга страна, моделите со дизел мотор ќе може да се продаваат и на пазарот во САД. Chevrolet и Mazda веќе постигнуваат солидни продажби со горивото што е нетипично за американскиот пазар.

Genesis GV80

Genesis, благородната марка на Hyundai, на салонот го прикажа концептот на теренец GV80, како најава за идниот голем теренец, но и за идниот дизајнерски правец на марката. Маската доби нов изглед, а впечатливи се и двојните предни и задни светла, коишто се поставени едно над друго. Во престижната марка нема потреба да се изработуваат две верзии на светлосните групи, една за основните, друга за поскапите изведби на моделот – сите можат да ги користат карактеристичните диодни светла на концептниот GV80. Наскоро ќе стартува и посебна дилерска мрежа за Genesis.

Genesis GV80

Додека Genesis користи спортска нота и елеганција во стилот на европските марки, престижната марка на Nissan оди на брутален и фалбаџиски изглед со концептот Infiniti QX80 Monograph, кој тешко дека би поминал на пазарот во Европа, но затоа нема да остане незабележан меѓу купувачите од Блискиот Исток и од Русија, исто како и во американската раперска култура – или како ли уште се нарекува сега.

Infiniti QX80 Monograph

Појавувањето на салонот му донесе неочекуван успех на Jaguar. Теренецот F-Pace уште на отворањето на салонот за медиумите ја понесе титулата на „Светски автомобил на годината“, а воедно беше прогласен за најдобро дизајниран автомобил во светот за оваа година. Тоа што Volkswagen Tiguan и Audi Q5 останаа во сенка на британскиот теренец, веројатно се должи на фактот што Jaguar F-Pace на пазарот во САД не чини повеќе од добро опремена верзија на Volkswagen Tiguan.

Volkswagen Atlas

Од Volkswagen Atlas, исто така. Со овој теренец голем колку Audi Q7, но за половина од неговата цена, Volkswagen планира да освојува нови пазарни сегменти. Atlas сепак нема да се продава на европскиот пазар, неговото присуство тука би ја пореметила целата моделска политика на Германците. Шефот на Volkswagen во Америка, Хинрих Вебкен, убеден е дека на неговата марка штотуку ѝ претстојат најдобрите времиња на тамошниот пазар.

Toyota FT-4X

Toyota ја претстави студијата FT-4X, наменета за помладиот возачи, со која што јапонската марка прави отстапка од радикалниот дизајнерски правец и се враќа на поедноставен и редуциран дизајн. Многумина гледаат елементи за идната генерација на RAV4 во студијата од салонот. За погонот не откриваат многу во Toyota. Но, зарем тоа е проблем за пионерот на хибридната техника – на погонот на водород, исто така.

Алтернативните погони и автономното возење се губат некаде во заднина, не само поради тоа што Tesla отсуствува од салонот. Барем студијата на Genesis располага со погон на водород, додека Cadillac најавува стартување со технологијата за автономно возење во скоро време, којашто се води под иметоSuperdrive“.

Додека едните ја прославуваат вредноста на акциите на Tesla, другите се подготвуваат да фаќаат сеир

Берзанската вредност на Tesla во меѓувреме порасна на нивото на General Motors. Тоа ги доведе визионерите на електромобилноста до еурофија. Од другата страна се циниците, кои и буквално подготвуваат пуканки за да уживаат гледајќи како се струполува курсот на акциите на калифорнискиот специјалист за електричен погон.

Mercedes-AMG GT

Mercedes одговори на Demon и Trailhawk со студијата на купе со четири врати AMG-GT, со моќност од преку 800 КС, како и со двете нови варијанти на GLC, чијашто моќност достига 510 КС. Напредокот годинава си зеде починка од салонот во Њујорк. Или можеби тоа е новиот напредок.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

163
21 shares, 163 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *