166
21 shares, 166 points

Време е да се размислува околу изборот на нови гуми за летната сезона. Зошто не треба да се продолжи со зимските гуми кога времето ќе затопли и на што треба да се внимава при изборот на летните гуми, дознајте преку следните три совети.

Совет 1: Само летните гуми обезбедуваат оптимални возни својства во лето

Летните гуми се нарекуваат летни гуми, затоа што се идеални за топлото годишно време. Ова објаснување можеби звучи банално, но има комплексна заднина. Профилот на летните гуми е проектиран за оптимално потиснување на водениот слој при влажен пат, а гумената смеша е многу потврда во споредба со зимските гуми. Причина за тоа се екстремно високите температури на коишто се изложени летните гуми. Од една страна, асфалтот силно се загрева од сонцето, а од друга страна, гумата се загрева под дејство на постојаното триење, особено при високи температури. Цврстата смеша има за цел гумата да ги издржува високите температури, да не се троши прекумерно и првенствено да обезбеди кус пат на сопирање.

Предности на летните гуми наспроти зимските во летни услови на возење:

  • Покус пат на сопирање на сув и влажен коловоз
  • Помало абење и подолга трајност на гумите
  • Пониска потрошувачка на гориво
  • Подобро потиснување на водата на патот

Секако дека е погрешно зимските гуми да се користат во лето, затоа што тие се проектирани за ниски температури и за снег на патот. Патот на сопирање на сув и влажен пат со зимски гуми е значително подолг при летни температури во споредба со летните гуми. При сопирање од 100 километри на час, должината на патот на сопирање се продолжува за дури 18 метри, што е повеќе од три должини на автомобил. Од правилниот избор на гуми зависи дали возилото ќе запре при опасност или застој на патот, или ќе се случи најмалку посакуваното. Околу гумите за цела сезона не постои двоумење. Нивните возни својства се значително послаби во споредба со летните гуми. Друг аргумент за летните гуми е абењето. При температура од околу 20 степени, абењето на гумите за цела сезона е десет проценти повисоко наспроти летните гуми, а кај зимските гуми за дури 15 проценти.

 

Совет 2: Редовна проверка на состојбата на гумите

 

Задолжително е редовно да се проверува состојбата на гумите во периодот до замената со гуми за следната сезона. Притисокот на воздух, длабочината на профилот, староста на гумите и евентуалните оштетувања од налетување во тротоар и слично, како и пукнатините и испакнувањата се фактори што влијаат врз безбедноста. Доколку гумите се во лоша состојба, тоа може во најлош случај да предизвика и незгода. На крајот, секоја гума е добра толку колку што се одржува. Тоа важи и за гумите што постигнуваат највисок пласман на тестовите. Не треба да се заборава на резервното тркало. Правилото е: Притисокот на гумите треба да се проверува при секое второ полнење на резервоарот, односно приближно на секои 1.000 километри.

 

Совет 3: Добриот избор на гуми е пресуден за безбедноста

 

Кусиот пат на сопирање е најважен критериум за безбедноста. Тука најмногу се разликуваат добрите и лошите гуми. Евтините гуми од непознати производители од Азија е најдобро да се избегнуваат. На тестирањата се покажа дека автомобил со такви гуми пролетува со 44 километри на час на местото каде што истиот автомобил со квалитетни гуми веќе запрал по околу 50 метри, додека евтините гуми „запираат“ дури десетина метри подоцна. Поради тоа, ниската цена на гумите не треба да претставува пресуден критериум при изборот.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

166
21 shares, 166 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *