за

Милионски возен парк на синот на протераниот украински претседател

Украинските активисти пронашле 20 луксузни возила во магацин во близина на Киев. Се претпоставува дека тие му припаѓаат на синот на екс претседателот Виктор Јанукович.

Во магацинска хала оддалечена 40 километри од главниот град Киев, украинските активисти на „ЕуроМајдан“ пронашле најмалку 20 луксузни возила, меѓу кои еден Bentley, неколку скапи модели на Mercedes и пикапи опремени со огнено оружје. Овој возен парк проценет на вредност од околу девет милиони евра му припаѓа на Виктор Јанукович јуниор, 33-годишниот син на поранешниот претседател на Украина.

Во прилогот во траење од околу три минути на телевизиската станица TCH се открива дека автомобилите биле сокриени во халата во текот на вчерашниот ден. Неколку возачи ги оставале возилата и веднаш заминувале. Сопственикот на халата е извесен Игор Прилипко и тој не знае кој е сопственик на луксузните автомобили. Не постои потпишан договор, а регистерските таблички се отстранети од возилата.

Активистите ги откриле регистерските таблички во еден од пикапите и тие им укажале дека станува збор за возила што се дел од возниот парк на Виктор Јанукович јуниор. Неколку од табличките биле штотуку издадени. Синот на поранешниот претседател пред три години учествувал во украинскиот шампионат во рели со International MXT Pick-up, вреден 100.000 евра. Токму присуството на ова рели возило укажало на сопственикот на возниот парк.

Најскапо возило е блиндираниот Jeep Conquest Knight XV, чија што вредност се проценува на половина милион евра. Другите возила се Brabus кабриолет од класата G (околу 110.000 евра), Mercedes C126 SEC, SLS AMG, класа S од генерацијата W121, VW Phaeton, Range Rover Sport, како и Bentley Brooklands.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Нови времиња: Ford Focus претставен на саем за мобилни телефони

Малечки возила ќе го преплават салонот во Женева