171
22 shares, 171 points

Природниот гас е на добар пат да му се придружи на автогасот како алтернативно гориво што помага за зачувување на животната средина. Паралелно со ширењето на мрежата за полнење метан, Макпетрол ги модернизира и постоечките станици за гориво.

Во време кога квалитетот на воздухот во македонските градови бележи високи вредности на загаденост со штетни материи, добра надеж пристига од нашата најголема компанија за дистрибуција на горива. Макпетрол наскоро ќе ја оспособи и следната пумпа за полнење метан, лоцирана на прометната станица за горива на „Партизанска“ во Скопје. Ова е четврта локација на којашто можат да се снабдуваат со гориво корисниците на метанот, по станиците во „Влае“, во Куманово и во кругот на ЈСП Скопје.

Од компанијата очекуваат дека и природниот гас ќе наиде на одлична прифатеност кај потрошувачите, откако сличен пионерски чекор беше направен со воведувањето на автогасот пред повеќе од две децении или со биодизелот пред девет години. Засега во државата постојат околу стотина возила коишто го користат метанот како погонско гориво, но секако дека проширувањето на инфраструктурата од станици за полнење, како основен предуслов за пазарен пробив на секој нов вид горива, ќе придонесе за поттикнување на интересот за атрактивниот природен гас.

 

Како што наведува г-н Љупчо Георгиевски, директор на дирекцијата за малопродажба на Макпетрол, „во светот околу 13 милиони возила користат погон на метан, од кои над еден милион се во Европа. Просечната годишна стапка на пораст на возилата на погон на метан во Европа во изминативе години изнесува 14 проценти.“ Факторите што влијаат врз постојаниот пораст на интересот за метанот се ниската цена на горивото, поголемата еколошка прифатливост во споредба со фосилните горива, едноставното користење на горивото и задржувањето на вообичаениот досег на возење. Според најавите од Георгиевски, Макпетрол во иднина планира да отвори уште неколку полнилници за метан, со што ќе создаде ефикасна мрежа наменета за возилата кои го користат метанот како погонско гориво.

Овие актуелни модели се испорачуваат фабрички подготвени за метан (CNG):

Audi A3 Sportback g-tron, Mercedes B 200 c, Mercedes E 200 Natural Gas Drive, Mercedes Sprinter 316 NGT, Seat Leon 1.4 TGI, Skoda Citigo 1.0 G-Tec, Skoda Octavia 1.4 TSI G-Tec, Volkswagen up 1.0 EcoFuel, Volkswagen Golf 1.4 TGI, Volkswagen Caddy 1.4 TGI

 

Паралелно со ширењето на мрежата за полнење метан, Макпетрол ги модернизира и постоечките станици за гориво. Бензинската станица „Партизанска“ веќе стартува со новиот концепт на услуги, во согласност со посветеноста на компанијата кон своите потрошувачи. Станицата воведува подобрен ентериер и екстериер, како и нови содржини и производи, со цел позитивното искуство на потрошувачите да биде уште поцелосно. Георгиевски: „Свесни сме и за важноста на квалитетот на услугата, па затоа нашите вработени ќе се потрудат Вашата посета на бензиските станици секогаш да биде пријатна.“

Макпетрол при презентацијата на новите содржини и услуги го прикажа и документарниот филм „Патот на боцата“, преку кој се презентираат стандардизираните постапки околу подготовката и дистрибуцијата на гасот за домаќинство, со цел купувачот да добие квалитетна, сигурна и брза услуга.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

171
22 shares, 171 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *