за ,

Макпетрол воведе ново дизел гориво со биокомпонента Ултра Дизел Био Џет

По пример на дизел горивото што е стандард во земјите во ЕУ, Макпетрол го понуди новото дизел гориво со 6% биодизел добиен од маслодајна репка. „Био Џет“има предности и за моторот и средината, а чини исто колку обичниот дизел.

По пионерскиот чекор со воведувањето на дизел гориво со блендирана биокомпонента на пазарот, Макпетрол веќе го презеде и следниот чекор –  „биодизелот“ отсега е достапен по иста цена како обичниот дизел. Домашниот гигант во снабдување со моторни горива веќе подолг период инвестира во развој на нови технологии и производи што овозможуваат повисок квалитет и подобри перфоманси, притоа почитувајќи ја животната средина. Во последните неколку години Макпетрол се посвети на производство и промоција на горива добиени од обновливи извори, во конкретниот случај биодизел. Во моментов Макпетрол е единствена компанија на македонскиот пазар која нуди гориво добиено од обновливи извори на енергија.

Најновиот член на фамилијата биогорива во Макпетрол е новиот Ултра Дизел Био Џет, составен од 94% еуродизел и 6% премиум биокомпонента. Со смалувањето на учеството на био компонентата во дизел горивото од осум на шест проценти се овозможи Ултра Дизел Био Џет да се користи во сите автомобили со дизел мотор.

Квалитетот на биокомпонентата, односно биодизелот што влегува во состав на оваа мешавина е во согласност со европскиот и македонски стандард за квалитет на биогориво МКС ЕН 14214, додека еуродизел горивото е во согласност со важечкиот стандард за квалитет на дизел гориво МКС ЕН 590. Ова гориво ги има потполно истите перформанси како и Ултра дизел пауер џет горивото, со тоа што био џетот, поради шесте проценти биодизел, ги намалува штетните материи во издувните гасови. Покрај ова, тој овозможува:

  • Значително намалена емисија на штетни гасови во споредба со другите горива.
  • Поголемата мазивност на механичките делови во системот за напојување со гориво. Во споредба со обичното дизел гориво, биодизелот обезбедува помали внатрешни отпори и поголема трајност на деловите.
  • Подобри детергентски својства, односно способност за растворување на талозите во резервоарот и системот за дистрибуција на горивото и ослободување на моторот од нив;
  • Повисокиот цетански број од обичниот дизел придонесува за поголема култивираност во работата, а со тоа и до помало абење;
  • Повисоката содржина на кислород води кон почисто согорување и намалување на остатоците од согорувањето во моторот и
  • Абењето на моторот се намалува, во споредба со обичните дизел горива, што е докажано со испитувањата направени на моторна рампа.

Сите автомобили кои користат дизел гориво, можат да користат и Ултра Дизел Био Џет. Возачите често пати погрешко го толкуваат значењето на знакот на капачето на резервоарот – прецртаниот знак за биодизел се однесува на 100% чист биодизел, а не и на дизел гориво во кое што е вмешана биокомпонента, односно на блендирано биодизел гориво. Во ЕУ веќе законски е пропишано блендирање на дизел горивото со биодизел од обновливи извори, со учество до 7 проценти, така што на бензинските станици во Унијата веќе неколку години не се нуди чист дизел од фосилно потекло.

Макпетрол самостојно го реализира целиот процес за добивање на крајниот производ – горивото Ултра Дизел Био Џет. Горивото се извезува и во Европа, што е уште еден доказ за придржувањето кон строгите европски стандарди и регулативи при производство на ова гориво. Капацитетот на фабриката на Макпетрол за производство на чист биодизел е прилагодлив и изнесува до 30.000 тони биодизел годишно. За постигнувањето и одржувањето на квалитетот на Ултра Дизел Био Џет горивото, почнувајќи од производството и складирањето на биокомпонентата, блендирањето со кристално чистиот еуродизел, па сè до крајната дестинација – бензинските станици, се грижи независна акредитирана лабораторија.

Kористењето на биодизел горивата, како што е Ултра Дизел Био Џет горивото, отвора и стратешки можности за производство и пласман на биогорива во Македонија. Имено, Македонија поседува природни потенцијали, како и земјоделска практика и искуство за одгледување на маслодајна репка од која се добива биокомпонентата.

Искуствата и технолошките сознанија од садењето и производството на маслодајна репка би ја поставиле индустријата на биогоривата во Македонија во правец на повисоки технолошки постапки, како што е производството на обновливи течни горива и од други извори. На тој начин  Македонија ќе може да се вклучи во  развојните програми на ЕУ, а  биогоривата ќе се произведуваат од сопствени домашни растителни суровини и со тоа ќе се обезбеди економски развој и поголем број вработувања. На тој начин се создава можност Македонија да се позиционира како лидер на Балканот и пошироко во однос оваа технологија.

makpetrol udbj

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

„Циркус со мечки“ за 20-годишнината на Мак Аутостар

Катастрофални резултати од краш тестот на автомобили за 16-годишници