за ,

Македонија: Три од четири автомобили се постари од 10 години

Според статистиката, дури 75 проценти од нашите автомобили се постари од десет години, додека уделот на возила стари до две години е намален за 5,5 пати во споредба со 2008 година.

Позитивните ефекти од анахроното ослободување на увозот на стари автомобили отсуствуваат целосно и во официјалниот статистички преглед што на крајот на минатиот месец го објави Државниот завод за статистика. Податоците покажуваат јасно дека уделот на патнички автомобили постари од 10 години во минатата година е поголем за 16 проценти во споредба со 2004 година, кога учеството на оваа старосна категорија во вкупниот број на регистрирани патнички автомобили во Македонија достигнал најниско ниво во разгледуваниот период. Уште поалармантен е податокот дека уделот на патнички автомобили стари до 2 години е намален дури за 5,5 пати во споредба со 2008 година! Овој тренд укажува дека возниот парк во Македонија ќе продолжи да старее со уште порапидно темпо, а паралелно со тоа ќе продолжи и влошувањето на безбедносната слика на нашите патишта, исто како и екстремното загадување на животната средина со штетни издувни гасови од автомобилите.

За десет години возниот парк во Македонија се зголемил за само 16 проценти

Според официјалната државна статистика, во минатата година во Македонија биле регистрирани вкупно 346.798 патнички автомобили, што претставува зголемување од 15,7 проценти за период од десет години. Тоа значи дека доколку во 2003 година на паркингот пред зграда имало 20 автомобили, лани биле три повеќе. Во тој поглед, кампањата „автомобил за секого“, што се промовираше како социјална мера и досега требаше да обезбеди рапиден пораст на степенот на моторизација во државата, очигледно дека не го постигнала посакуваниот ефект.

Број на регистрирани возила во Македонија во 2013 година. Избор: Државен завод за статистика
Број на регистрирани возила во Македонија во 2013 година. Избор: Државен завод за статистика

Големите варирања во бројот на регистрирани патнички автомобили во последните десет години, особено меѓу 2003 и 2004 година, со 299.809 наспроти 249.403 регистрирани автомобили, нé потсеќаат на периодот кога масовното регистрирање на автомобили на бугарски таблички доживуваше кулминација. Поголемиот дел од овие 50.000 автомобили конечно „се појавуваат“ во државната статистика дури во 2010 година, откако во периодот се случија измени во законските рамки за управување на „бугарските автомобили“, како и во акцизите за увозот на користени возила.

Куманово, Тетово и Гостивар меѓу градовите со најмногу автомобили

Статистиката натаму открива дека од вкупно 346.798 патнички автомобили во Македонија на крајот на 2013 година, на територијата на Скопје се регистирани 128.788 автомобили или 37 проценти. Следни градови со најголем број на регистрирани патнички автомобили се Битола со 19.582 возила, Куманово (17.260), Тетово (13.084), Гостивар (10.771) и Прилеп (10.173). Прва регистрација во минатата година имале 31.927 патнички автомобили, од кои 9.814 автомобили или 30,7 проценти се во десетте скопски општини. Последниов податок укажува на тоа дека во последната година се зголемил уделот на „нескопски“ регистрации во вкупниот број на нови регистрирани патнички автомобили во Македонија.

Тука веќе почнува да се прикажува застрашувачката реалност. Од овие 31.927 автомобили што првпат влегуваат во евиденцијата на МВР во минатата година, само 2.185 автомобили се нови, односно се произведени во 2013 година! Тоа не се ниту десет проценти од овие автомобили. Државниот завод за статистика понатаму наведува податок за 225.619 автомобили во македонскиот возен парк, коишто се постари од 13 години, односно се произведени до 2000-та година. Тоа значи дека 65 проценти од нашите автомобили потекнуваат од минатиот милениум, односно два од три автомобили се постари од 13 години.

Во 2008 година, дури 9,4% од регистрираните автомобили биле понови од две години, додека уделот на овие автомобили во 2013 година паднал на само 1,7 процент!

Инстантна погибија на возниот парк во Македонија се случува од 2008 година, кога се продадени 18.000 нови возила во државата. За споредба, додека во 2008 година дури 9,4 проценти од вкупно регистрираните патнички автомобили биле понови од 2 години, во 2013 година нивниот удел достигнува само 1,7 процент! Од 263.000 регистрирани автомобили во 2008 година, 25.000 биле понови од две години, додека од 347.000 автомобили во 2013 година, само 6.000 спаѓаат во најмладата категорија во статистиката. Оттогаш е трајно прекинат позитивниот тренд во обновувањето на возниот парк, којшто бележеше рапидна динамика на зголемување од 2004 година. Македонија лани имала најнизок удел на нови автомобили во возниот парк од 2000-та година наваму.

Значително намалување на уделот на возила стари до 5 години на сметка на возилата со старост над 10 години. Извор: Државен завод за статистика
Значително намалување на уделот на возила стари до 5 години на сметка на возилата со старост над 10 години. Извор: Државен завод за статистика

Лошата автомобилска политика ги „убива“ и сите други категории на старост. Во 2010 година, Македонија имала 38.000 автомобили или 12,2 проценти што биле стари до 5 години. Лани, уделот на оваа старосна категорија паднал на само 5,8 проценти или 20.000 возила. Затоа, пак, постојано се зголемува уделот на најстарата категорија во статистиката, на автомобили постари од 10 години. Во 2004 година, околу две третини од македонските автомобили биле постари од 10 години. За лани, државната статистика наведува дека три четвртини или 75,2 проценти од нашите автомобили се постари од 2003 година – или вкупно 261.000 автомобили. Никогаш досега Македонија не возела постари автомобили, ниту пак понебезбедни, како што се покажува во сообраќајните статистики, или пак, понечисти, како што може да се почувствува секој ден на улиците и во болниците.

Автомобилите ни остареа колку автобусите. Камионите се понови

Нашите автомобили остареа речиси колку автобусите низ државава. Од 3.200 автобуси со македонски регистерски таблички во 2013 година, дури 2.500 автобуси или 78,1 проценти се постари од 10 години. Позитивен пример даваат единствено камионите-влекачи во државава. Додека во 2000-та година, 64,3 проценти од влекачите биле постари од 10 години, лани нивниот удел е намален на 49,0 проценти. Влекачите циркулираат низ државите во ЕУ, кадешто важат строги еколошки норми и уште поригорозни технички контроли, па транспортните претпријатија немаат друг избор освен постојано да го обновуваат возниот парк.

Во статистичкиот преглед на државниот завод за 2013 година се наведуваат и податоци за користеното гориво. Во 2009 година, околу 77 проценти од патничките автомобили користеле бензин како погонско гориво, наспроти 19 проценти со дизелски мотор и 4% со погон на автогас. Само 43 автомобили се регистрирани со хибриден погон. За лани, статистиката наведува удел од 62% на автомобилите со погон на бензин, дури 35% на автомобили со дизелски мотор и 2,9 проценти на автомобилите со погон на автогас. Хибридни автомобили имало само 34. Ова не толку неважно поглавје во статистичкиот преглед евидентира целосна промена на соодносот на погонските горива, односно удвојување на возилата со дизелски мотори.

Удвоен уделот на дизели, филтрите за честички ПМ10 и ПМ5 отсуствуваат

Исклучително вредната и детална статистика на заводот за жал уште не наведува колкав удел од возилата со дизел мотор поседуваат филтер за честички чад. Фактот дека најголемиот дел од дизел автомобилите во нашиот возен парк се постари од 2000-та година, наведува на заклучок дека тие воопшто не го поседуваат овој филтер што меѓу другото ја намалува емисијата на неразградливи честички ПМ10 и ПМ5. Екологијата што е главен „мотор“ на развојот на автомобилската индустрија, во нашата автомобилска политика е тотално занемарена.

На крајот, колкав е степенот на моторизација на македонскиот народ во споредба со соседите и со „најавтомобилските“ нации во светот? За таа цел, се повикуваме на статистиката на светска банка, според којашто Македонија во периодот 2009-2013 има 152 автомобила на 1.000 жители, наспроти 151 автомобил во периодот 2004-2008 и 137 автомобили меѓу 1999 и 2003 година. Во тој поглед, Македонија е на слично рамниште со Украина. Кај соседите, ситуацијата е следнава: Србија има 231 автомобил на 1.000 жители, Бугарија 366, Грција 460, Албанија 93. Во светски рамки предводи богатиот Лихтенштајн со дури 743 автомобили на 1.000 жители, пред Монако, Луксембург и Исланд, па Италија со 605 и Германија со 531 автомобил на 1.000 жители.

Бугарските регистарски таблички ни го погубија возниот парк

Каде вози автомобилска Македонија? Право наназад. Кога на народот му недостигаат пари, новите автомобили остануваат во салоните, а старите на плацевите под отворено небо. Чиста демагогија се официјалните произнесувања дека ослободувањето на увозот за стари автомобили е социјална мера што ќе овозможи секој да седне во свој автомобил. Државата Македонија со ништо не го олесни купувањето на автомобили, туку само ја промени нормалната логика и купувањето на нови автомобили од пониските класи го преориентираше на најстарите автомобили на странските плацеви за користени возила од највисоките класи. Сé според мотото: Подобро 15 години стар „џип“ отколку нова „корса“.

Место да понуди субвенција во висина од неколку илјади евра, за нееколошките и небезбедни автомобили да се заменат со понови и почисти, актуелната власт пред крајот на минатата декада реши да појде по кефот на педесетте илјади сопственици на автомобили со бугарски регистерски таблички, во паника за задржување на моќта на нивното гласачко расположение, укинувајќи ги сите воспоставени пазарни и логички норми. Тоа го означи почетокот на пропаѓањето на македонскиот возен парк, коешто доколку не биде прекинато во видно време, ќе доживее завршница кога сите ќе загинеме на улиците, или со повеќе среќа, кога ќе се задушиме од штетниот воздух.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

2 коментари

Одговори
  1. Апсолутно сте во оправо освен една замерка, НЕ СТЕ ВО ПРАВО, Видете ја просечната плата во државава намалете ја за инфлацијата од пред 15 години и пресметајте колку проценти од населението може да си дозволи нов автомобил и за колкав циклус би се исфрлиле воизлата постари од 10 години.
    Воопшто немате никакаква информација или идеја за системите на ЛПГ/МЕТАН што значи тоа за загадување.
    И во исти ќош ставате комерцијални возила од кои некој прави пари/бизнис и патнички возила кои се патнички и се основна потреба – речиси неизбежни 🙂
    Поздрав

  2. Vo vrska so uvozot na stari avtomobili treba da se izvadat i statisticki podatoci za kolku šteta e na praveno vo smisol kolku povredeni , kolku zaginati , kolku devizi se odleani za rezervni delovi , kolku e zgolemeno zagaduvanjeto na vozduhot

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

20 години од првиот модел на Skoda под концернот Volkswagen

Шампионска серија од BMW M4 за победата во DTM