за

Мадридското такси доби 110 електрични возила Nissan Leaf

Nissan ќе испорача 110 примероци од електричниот автомобил Leaf за такси службата во Мадрид. Освен во шпанската престолнина, електричниот Leaf го користат и таксистите во Амстердам и Будимпешта.

Шпанската престолнина наскоро ќе добие 110 примероци од електричниот Nissan Leaf во такси служба. Тоа е досега најголемата зделка за испорака на такси возила со електричен погон. Nissan претходно испорача 100 примероци од Nissan Leaf и комбито e-NV200 за таксито во Амстердам и 65 примероци од Leaf за такси компаниите во Будимпешта.

Според Гарет Дансмор, одговорен за електричните возила на Nissan во Европа, „градовите во целиот свет се соочуваат со огромни предизвици во поглед на лошиот квалитет на воздухот и вклучувањето на возилата со нулта емисија на штетни гасови како Nissan Leaf во такси службите во големите градови е значаен чекор во надминувањето на овие прецизвици.“

До 250 километри со едно полнење на батериите

Nissan Leaf е најпродаван електричен автомобил во светот со над 220.000 примероци. Новата генерација на моделот поседува батерии со капацитет од 30 киловатчасови, што овозможува со едно полнење на батериите да се изминат до 250 километри. Покрај тоа што не ја оптоварува животната средина со штетни гасови, погонските трошоци за Leaf се четирипати пониски во споредба со моделите со обичен погон, а и сервисирањето е поевтино за околу 40 проценти.

Јапонската марка досега има испорачано близу 800 примероци од двата модела со електричен погон Leaf и e-NV200 за такси компании во Европа, со најмногу возила во такси служба во Холандија, Велика Британија и во Шпанија. Градот Мадрид од следниот месец ќе започне со одобрување грантови за компаниите што ќе вклучат електрични возила во својот возен парк, секако вклучувајќи ги и такси компаниите. Шпанската престолнина паралелно инвестира и во изградба на полначи за струја за електрични возила во регионот на градот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Genesis ќе претстави уште пет нови модели до 2020 година

Aston Martin и Zagato во двоен дизајнерски напад