за

Луксузни теренци на местото на господските лимузини

луксузни теренци

Фановите на автомобилизмот ги мразат, купувачите ги обожуваат. Големи луксузни теренци повеќе не смеат да отсуствуваат ниту кај традиционалните марки што се олицетворение на изобилството и престижот.

Последната марка што се опираше на ес-ју-визацијата, попушти. Во почетокот на месецов, шефот на Ferrari, Серџо Маркијоне, најави дека сериозно размислува да вклучи теренец во моделската понуда. Секако дека следеше масовна побуна кај фераристите, кои на форумите го толкуваа овој чекор како предавство, грев или крај за марката.

Ferrari уште пред неколку години експериментираше со идејата за теренец со знакот на „cavallino rampante“, но се реши за повеќе умернео решение, со FF

Но, и покрај големиот отпор, можеби теренец со знакот на Ferrari и не е толку лоша идеја? Повеќето престижни марки веќе воведоа вакви модели и продажбата им врви беспрекорно. Првиот чекор го направи Porsche, кој мораше да бара излез од кризата во којашто западна пред преоѓањето во новиот милениум. Традиционалните спортски модели на Porsche и натаму уживаа високо реноме, но продажбата беше слаба.

Две од секои три продадени возила на Porsche се теренци

Во 2002 година се случи пресвртицата. Марката од Цуфенхаузен го воведе Cayenne како трет модел во понудата, по што следеше гигантски скок во продажбата. Porsche веќе со години наназад продава повеќе теренци отколку спортски купеа и родстери. Со вториот теренец Macan, уделот на теренци во продажбата се зголеми на близу 70 проценти.

Porsche Cayenne III

Целиот свет е зафатен од СУВ-манијата. Како што продажбата на спортски модели и лимузини од највисоките класи опаѓа, така расте уделот на теренците. Повеќе се продаваат Audi Q7, Mercedes GLE и BMW X5 отколку A6, E-Class или серијата 5. Една класа погоре, Mercedes го нуди GLS, а наскоро ќе му се придружи и BMW X7. Во исто време, во Инголштат се подготвува електричниот E-tron quattro, додека Mercedes го најавува EQC.

Луксузни теренци ја преземаат доминацијата во највисокиот автомобилски сегмент

Во врвниот сегмент, кадешто цените задираат длабоко во шестцифреното подрачје, теренците се единствениот начин за останување во игра. Bentley веќе втора година го продава Bentayga, како врв во суперлуксузниот сегмент и со дванаесетцилиндарец под хаубата. Во декември следи премиера на Lamborghini Urus, кој ќе парира со спортска нота.

Марките со длабоки традициски траги исто така не се двоумат околу теренците. Maserati го има Levante, Jaguar во меѓувреме се подготвува за третиот теренец во понудата, покрај F-Pace и E-Pace. В година пристига Jaguar I-Pace, со екстра предност – електричен погон и сопствена тркачка серија во рамките на Формула Е.

Rolls-Royce нема уште долго да недостига. Во 2019 година ќе стартува најлуксузен теренец со големата хромирана маска и со фигурата на Емили. Со тоа ќе паднат сите граници за теренците.

Идните луксузни теренци ќе бидат поштедени барем од идејата за дизел

Потешко е со дизелите. Lamborghini Urus и Rolls-Royce Cullinan е сосема извесно дека нема да „доживеат“ дизел под хаубата. Електрификацијата, било преку плагин-хибриди или батериски електричен погон, овозможува големите теренци да ги задоволат актуелните и идните еколошки (и економски) норми. Повисоката цена на електричниот погон е речиси занемарлива во споредба со цената на моделите во луксузниот сегмент.

Што се однесува до Маранело, шефот Маркијоне треба само да почека додека се смири гневот на фераристите. Традиционалните вредности брзо избледуваат во ерата на глобалната дигитализација. Теренецот на Ferrari пристига во 2021 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mercedes

Mercedes го зголемува водството пред BMW и Audi

електричните автобуси на Volvo, 7900 E

Електричните автобуси на Volvo со досег продолжен на 200 km