134
18 shares, 134 points

Втора година по ред, продажбата на лимузини и комби модели од средната класа бележи нагорна линија на европскиот пазар. Тоа во голем дел се должи и на одличната продажба на неколку нови модели во класата.

По долгогодишно губење на пазарната трка со спортските теренци и кросоверите, лимузините и комби моделите од средната класа повторно го освојуваат духот на европските купувачи. Втора година по ред, продажбата на овие класичари во автомобилската понуда е во нагорна линија. Позитивниот тренд сепак се должи на одличната продажба на само неколку модели, првенствено на новата генерација на Skoda Superb, но и на Renault Talisman и Toyota Avensis.

На првото место и натаму е неприкосновен Volkswagen Passat, но веднаш зад него е братот од концернот, Skoda Superb, којшто се катапултираше на врвот, преземајќи го местото на традиционалните модели како Ford Mondeo или Opel Insignia. Поттик во сегментот доаѓа и од некогаш моќните Французи. Renault Talisman е веќе на осмото место, на позиција што претходниците Laguna и Latitude ја пропуштаа со години.

Продажбата во сегментот се очекува да го надмине нивото од 2012 година

Како резултат од пристигањето на силни старо-нови играчи во сегментот, продажбата на лимузините и комби моделите од средната класа до крајот на годинава треба да достигне 688.000 примероци, што е за близу 60.000 примероци повеќе отколку лани. Доколку продолжи сегашната динамика, оваа година ќе биде најдобра за моделите од средната класа по 2012.

  Марка и модел Продажба Тренд
1 Volkswagen Passat 91.927 +3,3%
2 Skoda Superb 38.648 +93%
3 Ford Mondeo 33.578 +1,5%
4 Opel Insignia 33.284 -15%
5 Peugeot 508 18.123 -9,2%
6 Toyota Avensis 15.980 +42%
7 Mazda6 13.499 +2,1%
8. Renault Talisman 9.368
9. Hyundai i40 8.946 -11%
10. Citroen C5 4.449 -28%

Растот во продажбата сепак е привремен. До крајот на деценијава се предвидува вкупната продажба да опаѓа постепено до околу 600.000 примероци. Сегашниот пазарен удел од 4,4 проценти на европскиот пазар ќе се намали на 3,5 проценти. Тоа е далеку од 2000-та година, кога моделите од средната класа достигнуваа продажба од 1,7 милион примероци и пазарен удел од единаесет проценти.

Три причини го предизвикуваат падот во продажбата на класичните модели во средната класа. Прва причина е растечкиот интерес на купувачите за спортски теренци и кросовери, чијашто понуда расте постојано и веќе ја опфаќа и најниската ценовна класа. Некогаш големите играчи веќе го напуштија сегментот, вклучувајќи ги Honda, Fiat и Nissan. Истото наскоро ќе се случи и со Citroen и со нивниот C5, а постои неизвесност и околу наследникот на Toyota Avensis.

Моделите од премиум сегментот се продаваат повеќе од стандардните модели

Силен удар доаѓа и од лимузините и комби моделите од премиум сегментот во средната класа. Продажбата на моделите, како Audi A4 и Mercedes C-Class, лани за првпат беше повисока отколку на волуменските модели. Ford се обиде да реагира на овој тренд и го понуди луксузното ниво Vignale за неколку свои модели, но ефектот е незначителен, затоа што само околу два до три проценти од купувачите на Mondeo се решаваат за ова ниво. Од Ford сепак очекуваат набрзо да ги достигнат планираните десет проценти учество на Vignale, како што нивото станува достапно и за останатите модели во понудата на марката.

Доколку продажбата во средната класа се расчлени, тогаш има јасен победник. Комби моделите од средната класа лани достигнаа удел во продажбата од 62 проценти, што е близу двојно повеќе отколку во 2000-та година. Тоа од друга страна се должи на моментното расположение на германските купувачи, коишто се решаваат за комби модел почесто отколку во која било друга европска земја.

Дизел моторите доминираат во сегментот, со 87 проценти. Пазарните експерти советуваат дека производителите ќе мораат да ја зголемат понудата на хибридни и електрични модели во средната класа, доколку сакаат да ја задржат или подобрат продажбата во сегментот. За производителите сепак е поисплатливо да инвестираат во развој на спортски теренци и кросовери, коишто можат да ги продаваат насекаде низ светот, за разлика од комби моделите, за коишто постои солиден интерес единствено на европскиот пазар.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

134
18 shares, 134 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *