158
21 shares, 158 points

Ото не е личност, туку е автомобил со трикраката ѕвезда на Mercedes во маската, што има поставено рекорд, изминувајќи во изминативе 26 години пат долг колку 22 обиколки на земјината топка.

Дамите обично им даваат имиња на своите автомобили. Таков е случајот со Ото. Госпоѓа Кристина, сопруга на Гунтер Холторф, од милост го крсти Ото овој Mercedes-Benz 300 GD. За Холторф, поранешен пилот и менаџер на авиокомпанија, неговиот син 300 GD е само „обичен“ автомобил за долги експедиции. Германецот во изминативе 26 години, со Ото извозе близу 900.000 километри насекаде по земјината топка и посети 215 држави.

Легендата „Ото“, неговите 899.592 километри и 215-те држави

Во 1988 година, Холторф се пензионира на 50-годишна возраст. Неговиот план е да појде на пат околу светот, за таа цел го купува овој Mercedes G, го испраќа со брод за Најроби, за таму да направи пробно возење. „Кога го купував автомобилот гледав со извесна скепса на рекламниот слоган на Mercedes, дека ‘таму кадешто е G, има и пат’. Претходно имав видено како изгледа светот и имав приближна претстава за тоа што автомобилот мора да го издржи на такво истражување на светот.“

„Сте за авантура низ светот? Тогаш да се запознаеме подобро покрај шише вино“

Во ноември 1989 година, Хер Холторф објавува оглас: „Заинтересирани сте за странски држави, што не се дел од масовниот туризам? Се чувстувате пријатно во дива природа? Активно спортувате, витки сте, немате преголеми барања и сакате да го запознаете целиот свет? Тогаш би било добро да се запознаеме покрај шише вино.“ Пристигаат над 50 пријави на огласот.

Авантуристот Холторф се среќава со три дами. Една од нив е дрезденката Кристине Беме, којашто го чита огласот една недела по уривањето на Берлинскиот ѕид. Таа е „мошне едноставна, симпатична, издржлива.“ Двојката планира кусо патување низ Африка. Меѓу нив не се јавува љубов на прв поглед. Таа се развива со текот на времето. Истото се случува и со довербата во способностите на Ото. Почетната скепса брзо се претвора во голема доверба во робусниот теренец, особено во најтешките ситуации на теренот.

Легендата „Ото“, неговите 899.592 километри и 215-те држави

Од вкупно 900.000 километри, Mercedes 300 GD има изминато дури 250.000 километри надвор од асфалтот. Тоа значи, по макадам, во кал, по импровизирани патеки и карпести предели во високи планини. Овие четвртина милион километри во тешки услови на возење претставуваат оптоварување за механиката и за секој дел од возилото еквивалентно на 2,5 милиони километри по нормални европски патишта. Средноевропски патишта. Освен топографските предизвици, Ото се има соочено и со најразлични метеоролошки екстреми, во сите можни климатски зони по целата земјина топка – почнувајќи од пустинска жега, преку влажни џунгли, до арктички предели во кои замрзнува сé живо.

Освен пружините и амортизерите, возилото е исто како при фабричката испорака

На километражникот на 300 GD пишува точно 899.592 километри и тоа одговара на 22 обиколки на земјината топка. Одговара и на растојанието од земјата до месечината и назад, плус уште две дополнителни обиколки околу Земјата. Притоа, Ото отсекогаш се соочуваше со проблеми од прекумерна тежина. Со опрема за експедиции, храна, резервни канистри за гориво, работни течности, алат, планинарска опрема, резервни делови и резервни тркала, експедицискиот автомобил тежи 3,3 тони. Тоа е за половина тон над дозволената максимална тежина на Mercedes G.

Легендата „Ото“, неговите 899.592 километри и 215-те држави

Само покривот носел 400 килограми. Но, ништо од тоа не го спречи светскиот рекордер да го продолжи патот. „G секогаш беше претоварен и поради тоа му вградивме зајакнати пружини и амортизери за тежок терен. Во сé останато, Ото е во состојба како од фабрика. Целата погонска спрега, со моторот, менувачот и оските, уште се во оригинална состојба. Ниту шасијата, ниту каросеријата немаат покажано знаци на замор.“

Кристине починува од канцероген тумор во летото 2010-то. Холторф го продолжува светското патешествие дури по четири години од смртта на сопругата. Заедно со неа и со Ото, Холторф посетува 215 држави.

Картата за завршната тура низ светот го води Холторф во земји и предели коишто дотогаш важат како непроодни. Тој посетува земји како Северна Кореја и Мјанмар, прави подвиг изминувајќи над 25.000 километри само низ Кина, сам зад воланот на Ото. За Хер Гунтер, тоа се „пионерски тури“, во коишто за првпат се дозволува странско возило со странски возач да ја мине земјата. Маратонецот-автомобил доби место во музејот на Mercedes во Унтертиркхајм, преградие на Штутгарт. Ото е „овековечен“ како светски рекордер и во Гинисовата книга.

Монографија тешка 1.392 грами сведочи за „големината“ на авантурата низ светот

Приказната за авантурата, љубовта и слободата – приказната за Ото, Кристине и Гунтер Холторф, сега е достапна и како монографија, во издание на германската издавачка куќа Riva. Монографијата е на 208 страници, со импресивна тежина од 1.392 грами и достапна е само на германски јазик, но ентузијастите на робусните теренци како Mercedes G-Modell и на неповторливите светски авантури нема да го признаат тоа како јазична пречка.

[FAG id=24619]


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

158
21 shares, 158 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *