за ,

Ласерски, диодни и матрични светла: Мал технолошки лексикон

Ксенонските светла веќе долго време не се врв во техниката на осветлување во автомобилите. За само неколку години, производителите развија цела низа нови технологии што веќе се применуваат или наскоро ќе се појават во сериските возила.

Техниката за осветлување во автомобилите постигна значителен напредок во минатите неколку години. Светлото од светлечки диоди и од ласерски зраци во моментов е врв во развојот на оваа техника. Но, напредок има и во неколку практични „детали“. Едно од најкорисните достигнувања во тој поглед е автоматското долго светло, кое се грижи за безбедноста, но и го растоварува возачот од потребата постојано да внимава да не ги заслепува возилата отспротива или пред себе со пуштените долги светла. Целиот овој напредок влијаеше и врз самиот дизајн и конструирање на возилата, особено со предностите што ги нуди осветлувањето со светлечки диоди.

Новата класа Е на Mercedes доаѓа со светла LED-Multibeam со 84 единечни модули
Новата класа Е на Mercedes доаѓа со светла LED-Multibeam со 84 единечни модули, кој ги соединуваат сите досега постоечки технологии и ги надградуваат

Новите технологии на светла се грижат првенствено за безбедноста и за комфорот. Халогените и ксенонските светла и натаму се стандард во возилата, но уште не се „за фрлање“, иако иднината јасно им припаѓа на диодните светла. Халогената техника ќе се користи уште долго време во возилата каде што решава цената, а дизајнот е во подредена улога. Во моментов производителите на автомобили нудат пет нови функции на техниката на осветлување коишто ги подобруваат комфорот и безбедноста, а три функции уште се наоѓаат во фаза на развој.

Автоматско долго светло: При возење на отворен пат, за многумина возачи претставува напор постојано да префрлуваат на соборено светло кога наидува возило. Некои возачи, пак, „забораваат“ да го направат тоа. Автоматското долго светло користи камера што ги детектира возилата отспротива или пред возилото, а во некои случаи дури и велосипедистите на патот, приспособувајќи ја соодветно насоченоста на светлосниот сноп да не ги заслепува другите возила. Долгото светло го задржува снопот лево или десно пред возилото и се „спушта“ на страната од којашто наидува другото возило, за да спречи заслепување. Возачот може во секое време и рачно да го исклучи долгото светло. Оваа техника стои на располагање со ксенонските и со диодните светла.

avtomatsko dolgo svetlo

Приспособливи предни светла: Овие светла се „помладиот брат“ на автоматското долго светло. Распределбата на светлосниот сноп се проспособува според условите на возење, односно различно за град, за отворен пат или за автопат. Во оваа категорија спаѓа и светлото за свијоци, како и неговата „динамична“ верзија, којашто го врти снопот соодветно на движењето на воланот, односно на патот. Заслепувањето на другите возила исто така е намалено.

Светлечки диоди: Во задните светла, трепкачите, позициските и дневните светла веќе долго време се користат светлечките диоди. Во меѓувреме тие ги „освоија“ и предните светла. Светлото од полупроводниците од светлосно технички аспект не е во предност во однос на конвенционалните халогени или ксенонски светла. Единствено поради повисоката температура на бојата се стекнува впечаток дека патот се осветлува подобро. Најквалитетните светла од оваа категорија се вградуваат во моделите од повисоките класи и ја постигнуваат ефикасноста на ксенонските светла, додека во поевтините модели се користат диодни светла со ефикасност иста како кај подобрите халогени светла. Предноста е сепак во тоа што потрошувачката на струја се намалува за три четвртини, а тоа пак во влијае умерено и врз самата потрошувачка на гориво. Предност на диодите претставува и нивниот долг век на траење, кој дури и го надминува и предвидениот век на самиот автомобил.

led svetla

Матрични светла: Оваа техника уште се нарекува пикселна техника. Светлата располагаат со голем број на светлечки диоди што се управуваат одделно. Бројот на овие диоди во моментов се движи од 25 до стотина, но развојот оди во насока на илјада диоди по светло. Секоја диода осветлува одреден дел од патот. На тој начин, светлото може да „произведе“ автоматско долго светло или динамично светло за свијоци без користење на механички делови. Техниката е достапна во моделите од високата класа.

Ласерски светла: Кај оваа техника, светлината исто така произлегува од полупроводник. Ласерските диоди го насочуваат светлосниот сноп кон плочки или сфери од фосфорен материјал, кој дејствува како конвертор, односно го претвора монохроматското ласерско светло во бела светлина. Самите ласерски зраци не би можеле да осветлат ниту точка на патот, затоа што ласерската светлина не е особено силна. Постојат и повеќе безбедносни системи што се грижат ласерските зраци да не излезат од системот. Досегот на светлосниот сноп од повеќе стотици метри се должи првенствено на екстремното вкрстување. Автомобилот сепак мора да поседува нормални долги светла со поширок светлосен сноп. Ласерските светла имаат исклучително мала светлечка површина, приближно колку монета од два денара. Тоа отвора нови можности и за дизајнерите.

DMD: Техника позната од кината и од проекторите што се користат за презентации. Digital Micromirror Devices или DMD се уреди што се состојат од илјадници ситни огледала, коишто во најкратко време можат да го насочат светлото на потребното место или да го исклучат. Резултатот е сличен како кај матричната техника, со таа разлика што се постигнува уште поправилно и порамномерно осветлување на патот. Техничарите уште експериментираат со оваа техника, но до нејзиното созревање за сериско производство ќе минат уште неколку години.

dmd svetla auto

OLED: Органските светлечки диоди уште се во зачеток во примената во автомобилите. Како техника за предните светла тие не одговараат, но затоа по неколку години ќе почнат да се применуваат зачестено за осветлување на кабината, за задните светла и како позициски светла. Техниката е најинтерсна за дизајнерите.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia Optima Sportswagon со премиера на салонот во Женева

Borgward ќе претстави уште еден теренец во Женева