за

Лав бодибилдер: Golf GTI е слабак покрај Seat Leon Cupra

Доаѓа уште еден конкурент за GTI и тоа од сопствените редови. Шпанската марка на Volkswagen создаде пакет мускули покрај кого е подобро Golf да не се појавува.

Распоредот на силите меѓу моделите од компакт класата во концернот Volkswagen моментно гласи: Golf GTI е најсилен со 230 КС, Skoda Octavia RS мора да се откаже од 10 КС во корист на кралот на компактите, Audi S3 како премиум модел отпаѓа од секаква споредба. Од следната пролет работите се менуваат. Тогаш приматот ќе го преземе Leon Cupra, со дволитарски турбо со 265, односно 280 КС, со 350 њутнметри и со спринт од 5,8, односно 5,7 секунди до темпо сто. За споредба, на GTI Performance DSG му се потребни 6,4 секунди до сто и исто како шпанскиот брат се откажува при 250 километри на час.

Volkswagen ги отвори сите врати за шпанската марка: Се што има GTI, има и Cupra - плус уште малку повеќе
Volkswagen ги отвори сите врати за шпанската марка: Се што има GTI, има и Cupra – плус уште малку повеќе

Сé што има Golf GTI има и Leon Cupra

Перформансите не се единственото што одушевува кај Cupra. Volkswagen ги отвори сите врати за шпанскиот пакет мускули, па и Cupra сега ја поседува истата хидраулична блокада на предниот диференцијал со електрична регулација како GTI, со чија помош драстично се зголемува тракцијата и во екстремен случај целиот вртежен момент се пренесува на само едно погонско тркало. Со тоа оди приспособлива регулација на подвозјето, со избор на комфорна, спортска и тркачка програма – последнава со име Cupra. Контролата на стабилноста се исклучува во два степена, при што во првиот се исклучува контролата на тракцијата и ESP се става во спортски модус, додека во вториот степен целосно се исклучуваат системите за контрола на стабилноста.

Во верзијата SC со скусено меѓуоскино растојание следува уште поголемо уживање во возењето
Во верзијата SC со скусено меѓуоскино растојание следува уште поголемо уживање во возењето

Leon Cupra за прв пат е достапен со три врати

Во серискиот пакет спаѓа и прогресивното управување со кое и помалите движења на воланот се пренесуваат уште попрецизно на тркалата и се постигнува поагилна управливост во тесни свијоци. На крајот, при мерење на времето на тест патека, новата Cupra покажа значително подобрување во споредба со претходничката. Шпанците декларираат просечна потрошувачка од 6,4 литри за верзијата со мануелен менувач. Вредностите во реалноста ќе се разликуваат, но не премногу, Leon сепак е 110 килограми полесен од претходникот, системот старт-стоп следува во серија, а има и повраток на енергијата при сопирање.

Спортските акценти на работното место на возачот го заокружуваат динамичниот настап на шпанскиот тркач
Спортските акценти на работното место на возачот го заокружуваат динамичниот настап на шпанскиот тркач

Крал на животните е повеќе од крал на компактите

Врвниот модел во понудата на Leon се разликува од послабите браќа по големите отвори за воздух во предниот браник и по диодните светла. Под задниот браник ѕиркаат две овални цевки со хромиран финиш, а под крилата вртат бандажи од 18 или 19 инчи, меѓу чии краци се наѕираат црвените сопирачки клешти. Кровниот спојлер секако не смее да недостига.

Брзиномерот оди до 300 - да се знае кој е најмоќниот меѓу народските компакти на VW
Брзиномерот оди до 300 – да се знае кој е најмоќниот меѓу народските компакти на VW

Шпанскиот тркач ја докажува својата врвна позиција и во поглед на цената. Leon Cupra при премиерата во Женева, во врвната изведба со 280 КС и менувач DSG ќе чини околу 2.000 евра повеќе од најсилниот Golf GTI. Но, и поевтината верзија со 265 КС го остава германскиот спортист да гледа беспомошно како се оддалечува нејзината силуета.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Кина ќе стане најголем пазар за Porsche

Во производството на автомобили уште има рачна работа