133
18 shares, 133 points

Во продавниците за авто прибор се нудат голем број адитиви за масло и гориво што ветуваат поголема моќност или пониска потрошувачка. Експертите се едногласни. Овие адитиви се бескорисни.

Адитивите за масло долго време беа хит во продавниците за авто прибор. Тие создаваа тенок слој од тефлон на кошулките на цилиндрите, на клипните прстени, на брегастите вратила и на лежиштата на коленастото вратило, што наводно овозможуваше моторот да работи многу полесно отколку претходно. Уште пред дваесетина години производителите ветуваа подобрувања во моќноста на моторот или во потрошувачката на гориво за десет и повеќе проценти. Но, делотворноста на овие адитиви никогаш не се докажа.

Додатоци во горивото и во маслото, кои го препородуваат моторот, постојат и денес во изобилство, но прашање е колкава е нивната ефикасност? Ветувањата во рекламите на производителите на овие средства се големи, иако за некој степен се поскромни од порано. Заедничко за сите нив е високата ефикасност веќе при една примена, исто како и цената од најмалку 50 евра. Обично се работи за течни средства кои што се додаваат во горивото или во моторното масло.

Доколку адитивите беа корисни, тие веќе одамна ќе беа составен дел во маслата и горивата на водечките марки

Овие адитиви наводно ги отстрануваат мрсните наслаги во моторот, го намалуваат триењето, а со тоа и абењето. Некои ветуваат подобро забрзување и подиректна реакција на гас. Адитивите за гориво ги ослободуваат вентилите во моторот од талозите, ја чистат пумпата за впрскување гориво, го ослободуваат филтерот за честички чад од остатоците или ја намалуваат потрошувачката на гориво.

Иако овие средства постојат до децении, досега ниту еден производител не го одобрил нивното користење во своите возила. Во случај овие волшебни средства да предизвикаат штети во моторот или на возилото, секогаш се губи гаранцијата на возилото. Експертите се едногласни: Кај повеќето производи, поголемо е психолошкото влијание врз возачот, отколку користа за техниката. Кога би функционирале, овие средства веќе одамна би биле составен дел од моторните масла од водечките фирми или во горивата што ги користиме секојдневно во нашите возила.

Постои само мал број на адитиви за масло кои што содржат тефлон и кои го смалуваат триењето меѓу деловите на моторот во речиси немерливо подрачје. Трошокот за ова незначително зголемување на моќноста на моторот и минималното зголемување на трајноста на моторот не се вредни за размислување.

Опасност од протекување масло и оштетување на заптивките

При користење на квалитетни моторни масла и редовно менување на маслото, нема потреба од користење на какви било адитиви за моторот. За изборот на моторното масло секој може да се консултира во сервисните работилници или во специјализираните продавници за авто прибор. Маслата мораат да ги исполнуваат стандардите на производителот на возилото и техничките барања за конкретниот модел на возилото. Синтетските масла на пример можат да ги нагризаат заптивките кај постарите возила и да предизвикаат протекување на маслото. Затоа е неопходно да се побара совет од стручно лице.

Волшебните адитиви се корисни единствено за нивните производители – преку профитот што тие го остваруваат од продажбата

Додатоците што го подобруваат квалитетот на горивата исто така се бескорисни, но и штетни. Современите погонски горива веќе поседуваат адитиви во составот, кои што го оптимираат согорувањето во моторот и го чуваат системот за гориво од талози. Со тоа се исполнуваат сите технички предуслови за оптимална потрошувачка. Главниот фактор што влијае врз потрошувачката на гориво е десното стопало.

Место купување на овие скапи и бескорисни средства со волшебни, а недокажани моќи, подобро е да се почитуваат советите за штедливо возење, со кои што секој возач може да научи стил на возење што ќе доведе до намалување на потрошувачката на гориво и до 20 проценти, но и до зголемување на трајноста на моторот, поради помалото оптоварување. Редовното проверување на притисокот во гумите и внимавањето во возилото да не се оставаат непотребни предмети што ја зголемуваат тежината исто така помага потрошувачката на гориво да се одржува на ниско ниво.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

133
18 shares, 133 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *