148
20 shares, 148 points

Малечкиот кросовер на база на популарниот Peugeot 208 веќе се продава на францускиот пазар. Понудата стартува од 15.200 евра за моделот со 82 КС и потрошувачка од 6 литри во град.

Марката со лавот е во офанзива. Новата генерација на компактот 308 е најавена за наесен, нови модели пристигнуваат постојано во гамата. Едно од изненадувањата е кросоверот 2008, кој го следи принципот на 3008 и како техничка основа го користи популарниот Peugeot 208. Со зголемено растојание од подлогата, просторна кабина со унапредена функционалност и со каросерија во стил на теренец, новакот во понудата на Peugeot се придружува рано во трендот на појавување на мали теренци, кои ги привлекуваат купувачите со ниската потрошувачка, лесното секојдневие, и секако, со цената која што е подостапна отколку на класичните спортски теренци.

Основниот модел со 1,2-литарски бензинец и 82 КС, со ниво на опрема Access чини 15.200 евра на францускиот пазар и доаѓа со 6 воздушни перници, контрола на стабилност, електрика и греење на ретровизори, електрика на предни прозорци, темпомат, дневни светла со светлечки диоди и централна брава со далечинска команда. Во повисокото ниво Active, кое е околу 2.000 евра над основното, дополнително се добиваат клима уред, радио и повеќефункциски екран на допир, кожа на волан, магленки. Третото ниво Allure вклучува уште собирање на ретровизорите, паркинг сензори, автоматска двозонска клима, автоматика на светла и бришачи, алу бандажи од 16 инчи и електрика на задни прозорци и чини 18.850 евра. Најевтин дизел е 1.4 HDi со 68 КС, кој во основното ниво Allure чини 16.700 евра.

Покрај овие мотори се достапни уште 1,6-литарски бензинец со 120 КС и 1,6-литарски дизел со моќност од 92 и 115 КС. По пример на поголемиот кросовер 3008, отсуството на погон на сите тркала се надоместува со напредна контрола на тракција, со пет програми на работа, во зависност од условите на возење и подлогата. Во секој случај, како што се покажа и со 3008, зголеменото растојание од подлогата и робусното подвозје се сосема доволни за излетите надвор од асфалтот за поголемиот круг купувачи.

Цените и стартот на продажбата на новиот Peugeot 2008 на македонскиот пазар уште не се објавени. Според официјалниот ценовник, кросоверот Peugeot 3008 кај нас стартува од 21.990 евра со 1,6-литарски дизел со 115 КС и ниво на опрема Access. Идентичниот модел во Франција чини 25.700 евра. Оттука може да се очекува мошне интересна цена за малечкиот кросовер на база на 208.

[nggallery id=55]


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

148
20 shares, 148 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *