за

Колку „Prologue“ се крие во новиот Audi A8

Audi A8, Audi prologue

Четвртата генерација на Audi A8 го покажа носот уште во 2014 година, преку студијата Prologue. Новиот изглед наиде на одобрување, на Audi конечно требаше да му се случи дизајнерска пресвртница. Знаменосецот е тука, заедно со сите стилски обележја на првиот од серијата концепти Prologue.

Марк Лихте е главниот „инженер“ во Audi во моментов. Новиот дизајнер секако дека не задира во техниката, неговиот инженеринг е новиот изглед на марката од Инголштат. Критичарите и публиката долго време негодуваа околу зачмаеноста на дизајнот, кој полека почна да подзамирисува како застојана вода. Дека дизајнот пали и кај арогантно одгоените премиум марки, докажа Mercedes. Таму се случи комплетна стилска трансформација, безмалку препишување на историјата. Трите краци моментно ги носат најмногу автомобили од премиум сегментот.

Техниката на Audi A8 напредуваше, дизајнот мируваше

Audi A8. Легенда, технолошка авангарда, роден како спортска лимузина со префинети манири, којашто во средината на 90-те ги фати на препад „седумката“ и S-Class кога се појави со алуминиумска каросерија. Оттогаш минаа повеќе од две децении. Техниката напредуваше, дизајнот стагнираше.

Лихте е човекот што има задача погледите на јавноста да ги насочи кон техниката на Audi. Поточно, да ги врати. Во „Vorsprung durch Technik“ повеќе никој не верува ако нема видлив доказ за тоа. Во дизајнот, особено. Лихте го објаснува изгледот на новиот A8: „Тој го отелотворува нашето ново разбирање на луксузот и престижот. Маркантната линија со големата и исправена маска, заедно со еднаквото нагласување на сите четири тркала, ја пренесува самоувереноста на луксузната лимузина нанадвор.“

Audi A8 2017 1954

Audi prologue 2014 1954

Револуцијата се случи, иако последиците не се толку очигледни. Audi A8 сепак е знаменосец на марката, неговата клиентела е сериозна и благородна. Тука не може да се очекуваат слободарии како кај Q2, разликите повеќе треба да се бараат во деталите. Директната споредба со изгледот на Prologue на првиот од серијата концепти што го најави стилскиот препород во Audi – открива дека серискиот модел испочитувал барем девет десетини од концептниот автомобил.

Audi A8 2017 4954

Audi prologue 2014 2954

Во дизајнерскиот говор на Audi A8 се зборува за спортска нота, лесна конструкција и погон quattro. Прво се забележува развлечената и исправена маска, која веќе ги има отфрлено сите траги од „јарешката брадичка“. Поставена ниско, таа ги поставува реперите од коишто почнуваат светлата. При доплата за матрични диодни светла со висока резолуција, ламелите што имаат фунција на дневно светло се надоврзуваат во иста линија со највисоката ламела во маската. Најголемата отстапка од Prologue е во големината на светлата. И заканувачкиот поглед е прикриен. Има додадено и многу хром.

Ниската појасна линија прави Audi A8 да изгледа лесно

Страничната силуета е речиси идентична кај Prologue и салонскиот A8, иако концептот беше креиран како луксузно купе со две врати. Како што објасни Лихте, предните и задните тркала се нагласени подеднакво. Тоа треба да укаже на гените од quattro, да ја оправда спортската странична линија. Пријатно освежување е нискиот долен раб на прозорците, на „линијата на појасот“. Audi A8 не изгледа како германски тенк, туку оддава впечаток на лесен чекор. Завршниот мајсторски потег е работ веднаш под прозорците, којшто се протега по целата каросерија. Во слична форма, тој се забележува и кај Prologue. Типично за Audi, праговите се исфрлени нанадвор. Повторно типично, масивниот трет прозорец.

Audi A8 2017 5954

Audi prologue 2014 5954

Опашот не е „заборавен“, напротив. Тука е завршната точка во изведбата на новиот дизајнер. Задниот дел од наведнат нанапред и дава впечаток како лимузината да се движи додека стои во место. Главниот трик е во светлечката лента по целата ширина, со дебела хромирана рамка во средина. Мошне благородно.

Audi A8 2017 3954

Audi prologue 2014 6954

Дизајнот е жив во новиот A8. Тоа е ефектот од анимираните фунции на светлосните елементи. При отклучување, една светлечка точка во предните светла се движи однадвор кон внатре, потоа светнува сина диода, за на крај позициските светла да се вклучат постепено однатре кон надвор. Уште поимпресивни ефекти имаат задните светла со органски светлечки диоди. Тоа е веќе филм.

Во продолжение уште неколку агли за споредба меѓу концептот Prologue и серискиот Audi A8:

Audi A8 2017 2954

Audi prologue 2014 3954

Audi A8 maska evolucija

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Кои се десетте најслабо продавани автомобили во Европа?

Кои се десетте најслабо продавани автомобили во Европа?

тркачка патека, Нордшлајфе, Нирбургринг

На оваа тркачка патека 90 години се вози „туристички“