МагазинТеми

Колку чини лажниот автомобилски луксуз по македонските улици?

Нив не можете да не ги забележите. Тие возат дрско, имаат потреба да бидат први на семафор, го гледаат светот од високо. Тоа се терачите на луксузни „џипови“ од некое друго време. Но, дали тоа уште е луксуз или е само уште една лага произведена во времето во кое што (не) живееме?

Многу од стекнатите логики на однесување зад автомобилскиот волан ја изгубија смислата во последниве години. Ако некогаш за Македонецот беше својствено да избира разумна големина на автомобил, на кого што тој прв ќе му го наполни резервоарот до врв и прв ќе ја искаже својата сопственост над него, автомобил што ќе биде достапен за одржување и соодветен за секојдневните услови на експлоатација во нашата средина на живеење, денес разумното е заменето со екстремно.

Ако во некои многу посреќни времиња можеа Skoda Felicia или Daewoo Matiz да бидат најпродавани модели во Македонија, на периоди со продажби и од преку 2.000 примероци за година, денес најпродавани се возила што којзнае од каде никнаа по нашиве улици. Разумот на денешницава го бара најголемото, најсилното, највисокото и најдебелото возило што може да се добие за парите – воопшто нема да пречи ако тоа возило во исто време е најизвозеното, најстарото и најраскантаното што може да се најде на пазарот. Не само што тоа нема да пречи, туку тоа е и единственото што може да се добие кога разумот ќе се замени со лудило. Големо, прастаро и евтино, место нормално, ново или блиску до ново, а повторно евтино. Притоа, пресудниот предуслов не смее да остане неисполнет: Автомобилот мора да биде од „јака“ марка. Најјака!

[quote_box_left]Ако во некои многу посреќни времиња можеа Skoda Felicia или Daewoo Matiz да бидат најпродавани модели во Македонија, на периоди со продажби и од преку 2.000 примероци за година, денес најпродавани се возила што којзнае од каде никнаа по нашиве улици[/quote_box_left]

Џиновските мерцедеси, бемвиња и алфи (!?) по нашите улици, тротоари и паркови, склопувани по полски, украински и бугарски гаражи и подруми, откако биле украдени некаде по белиот свет, или во подобар случај, биле потопени до таван во големите поплави пред десетина години, послужија само како преодна фаза до последниов стадиум на пројавување на масовната обмана и лага низ државава во автомобилска форма. Новиот кич по македонските улици не се лимузини за „богаташи“, со скршено светло, крило продупчено од корозија и пратечки облак од чад, туку перверзијата кулминираше во џипови за „уште побогаташи“.

Феноменот на евтините луксузни модели по нашиве улици очигледно уште не е изживеан. Проблемот не е во автомобилите, кои и натаму се пристојни за возење и служат на намената, туку е во сопствениците. Сте се прашале некогаш зошто овие евтини џипови мора секогаш да се туркаат да бидат први на семафор и први да стартуваат? Или, зошто оние што навистина можат да си дозволат скап и луксузен автомобил вреден стотици илјади евра не сме ги забележале дека чувствуваат потреба да го прават истото?

Место возила што се достапни, се избираат евтини џипови само заради лажно демонстрирање надмоќ

По улиците низ Европа секако дека е поинаку. Таму каде што вредностите се во вистински сооднос, тој што ќе се обиде да ја манифестира својата евтино стекната шанса за надмоќ не може да заслужи и доживее друго освен да биде исмеван и омаловажен во својата потсвесна потреба. Некоја длабока фрустрација ги тера нашиве лажни богаташи да се сместат во автомобил што ја оддава моќта којашто тие самите не можат да ја постигнат.

range rover 3
Тоа што однадвор уште изгледа пристојно, во внатрешноста покажува длабоки траги од екстремна експлоатација. Тристотини илјади километри сепак не се за занемарување

И повторно, за нашите Felicia и Matiz од нормалните времиња. Овие евтини џипови од денешницава не чинат ниту евро повеќе. Тоа што циркулира по улиците како Porsche, Mercedes или Range Rover вреди исто колку Felicia и Matiz. Никој што има потреба да размислува при изборот на автомобил не станал побогат, туку само ја разобличил воспоставената логика и решил да се изживува место да се вози.

Колку навистина вредат нашите евтини џипови ви претставуваме во продолжение. Заклучокот дали треба да им се дозволи на нивните терачи и натаму да се изживуваат и да ја преземаат превласта по улиците, каде што треба да владеат само сообраќајните правила и цивилни норми на однесување, или пак, тие треба да бидат разобличени и разоткриени во своите евтини намери и да бидат исмеани и омаловажени од јавноста, произлегува по нормалната логика на однесување.

  • Понудата е преземена од берзата mobile.de, со избор на возила исклучиво од дилери на користени возила. Понудата на модели во приватна продажба обично постигнува пониски цени отколку кај дилерите.
Mercedes-Benz ML 270 CDI · 2.980 евра

Прва регистрација во мај 2001 година, поминати 383.855 километри, дизел со работна зафатнина од 2,7 литри и моќност од 163 КС, норма на издувни гасови Euro 3, автоматски менувач.

Возилото е од трет сопственик, опремено е со клима уред, алуминиумски бандажи, каросеријата е лакирана во сребрен металик боја, седиштата се делумно обложени со кожа, со грејачи во предните седишта. Присуството на кука за влечење укажува дека некој од претходните сопственици го користел возилото за влечење товар, односно возилото било во потешка експлоатација. Според продавачот, возилото е одржувано според сервисна книшка. Понудата е од дилер што е искусен со продажба на возила за извоз и во огласот наведува дека посредува во царинската постапка и набавката на регистерски таблички за извоз, вклучувајќи и сертификат Еур1.

Уште на фотографиите се видливи траги од експлоатација – напукната кожа на седиштата, оштетени места на каросеријата, изгребани бандажи. Регионалниве дилери ќе ги извршат овие поправки за пониска цена, а веројатно нема да пропуштат да ја вратат и километражата, за да постигнат повисока цена при препродажбата.

Jeep Grand Cherokee 2.7 CRD Final Edition · 2.990 евра

Прва регистрација во ноември 2004 година, поминати 360.000 километри, дизел со работна зафатнина 2,7 литри и моќност од 163 КС, автоматски менувач, норма на издувни гасови Euro 3.

Возилото е со полна опрема, како модел од серијата Final Edition и меѓу другото поседува греење во место, паркинг сензори напред и назад, електрично местење на седиштата, навигација, сончев покрив, темпомат, кука за влечење и алу-бандажи. Дилерот наведува дека цената е фиксна и веќе е редуцирана. Возилото очигледно не се продава веќе подолго време – сé додека не се најде купувач на кого што повеќе му е важно името и формата.

Трагите од експлоатација се јасно видливи, кожата на седиштата е мошне оштетена, исто како и предниот браник, а се забележува дека и воланот е сменет – веројатно поради претрпен судир и активирана воздушна перница.

Volkswagen Touareg 5.0 TDI · 4.800 евра

Прва регистрација во јуни 2004 година, поминати 166.000 километри, дизел со работна зафатнина од 5,0 литри и моќност од 313 КС, автоматски менувач, норма на издувни гасови Euro 3.

Возилото е од прв сопственик, со црна металик боја на каросеријата и целосно кожен ентериер. Дилерот преферира извоз, што значи дека попрво би ја избегнал обврската за двегодишна гаранција за користен автомобил. Содржината на огласот укажува на перфидно наведување на проблематичните зони на возилото. Во набројувањето на опремата, меѓу атрактивните ставки како пневматска суспензија или ксенонски светла, наведено е дека сопирачките протекуваат (?). Натаму, дилерот избегнува комуникација и посредување во документација преку е-пошта, а наведува и дека сите податоци во огласот се без гаранција – тоа ја вклучува и километражата, исто како и можноста дека возилото било оштетено во судир. Сервисната книшка е водена до 161.000 километри – прашање е кога е датумот на таа километража?

Уште во насловот на огласот може да се насети итар дилер, кој наведува дека се работи за модел со популарниот TDI, но не и дека се работи за модел со петлитаркиот TDI, кој е пеколно скап за одржување. Можноста за ТВ-прием во кабината секако дека не треба да претставува агрумент за избор на ова возило. Но, некој сепак го купува. Зарем смее да се пропушти толкаво и толку опремено возило по таа цена?!

BMW X5 3.0 d · 4.980 евра

Прва регистрација во декември 2002 година, поминати 291.000 километри, дизел со работна зафатнина од 3,0 литри и моќност од 184 КС, автоматски менувач, норма на издувни гасови Euro 3.

Зелена металик боја, со штоф на седиштата, опремено со сончев покрив, автоматска клима, греење на седишта, влечна кука, алу-бандажи и ксенонски светла. Според дилерот, возилото е во одлична состојба, што е поткрепено и со гаранцијата за користено возило во траење од 2 години. Веројатно се работи за чесна понуда, но и цената е соодветна на состојбата на возилото. Бојата е малку специфична, но токму поради тоа и понудата е евтина.

Range Rover Td6 Vogue · 8.499 евра

Прва регистрација во мај 2004 година, поминати 206.000 километри, дизел со работна зафатнина од 3,0 литри и моќност од 177 КС, автоматски менувач, норма на издувни гасови Euro 3.

Зелената металик боја повеќе е заштитен знак на британските возила за благородници. Ентериерот е комплетно изведен во кожа, а секако дека возилото, исто како и повеќето други понуди во овој сегмент на цени, поседува влечна кука. Во огласот се наведува дека дозволената тежина на приколка изнесува 3.500 килограми. Сосема е веројатно дека и претходникот го користел возилото за влечење јахта или приколка за тркачки коњ.

Подолу во огласот се открива за што всушност се работи. Турбополначот е заменет, но моторот и менувачот се во врвна состојба и има вградено „телевизори“ внатре. Повици од непознат број се непожелни за овој дилер, но затоа тој ќе посредува во извозната процедура и обезбедувањето таблички за извоз.

Во опремата спаѓаат паркинг сензори напред и назад, електрика на седиштата, говорни команди, навигација, сончев покрив, греење во место, спортски пакет и ксенонски светла. Сомнително е тоа што гумите и бандажите изгледаат премногу ново – дали старите гуми можеби би откриле дека станува збор за оштетување во подвозјето и неправилно трошење на профилот? Сомнително е и тоа што на хаубата и во целиот долен дел од каросеријата нема никакви траги од експлоатација, вклучувајќи ги и природно очекуваните удари од камчиња. Дали возилото е прелакирано и зошто?

Porsche Cayenne · 8.998 евра

Прва регистрација во август 2005 година, поминати 241.000 километри, бензински мотор со  работна зафатнина 3,2 литри и моќност од 250 КС, автоматски менувач, норма на издувни гасови Euro 4.

Омилениот избор на купувачите на евтини луксузни џипови. Каросеријата е во црна боја, исто како и кожата на седиштата. Возилото е опремено со паркинг сензори напред и назад, електрично местење на седиштата и грејачи во нив, сончев покрив, навигација, темпомат и влечна кука. Одржувањето е евидентирано во сервисната книшка. Дополнителната оперма вклучува ксенонски светла, бандажи од 18 инчи, местење на висината на задната оска. Последнава опција повторно наведува дека првиот сопственик ја нарачал истата заради влечење товар. Последниот сервис е извршен на 226.000 километри. Фиксна цена. Многу работи се премолчени во огласот и вистинската состојба ќе се дознае само на лице место.

За споредба како изгледаат приватните понуди: Моделската верзија Cayenne S од приватен продавач чини 7.350 евра, со прва регистрација во септември 2004, со поминати 200.000 километри, 4,5-литарски V8 со 340 КС, со двајца претходни сопственици. Продавачот наведува дека технички преглед не е извршен и мора да се заменат гумите и сопирачките облоги. Во делот на предното десно крила има траги од удар, а има и „ситна“ грешка во електриката – во инструментите постојано се покажува дека е отворена возачката врата. Честопати се случува дилери да се „маскираат“ како приватни продавачи и да ја избегнат обврската за двегодишна гаранција. Во случајов, очлигледно е дека се работи за таков случај. Продавачот наведува дека „на возилото му е потребно малку љубов“, што не значи друго освен „земи го ако немаш попаметна работа.“ Се користи и продавачка психологија – „луѓе што не можат да си дозволат Porsche нека си најдат друго“. Возилото е гаражирано, со нови заптивки на вратите, нови индикциски калеми, ново оригинално далечинско (!!) Ова е навистина жешка понуда. Постојат и понуди што се префрлени на автогас, со цени што стартуваат од 13.000 евра. Тука поевтино се префрлува на евтиниот автогас.

Audi Q7 3.0 TDI quattro tiptronic · 10.999 евра

Прва регистрација во април 2004 година, поминати 288.511 километри, дизел со работна зафатнина од 3,0 литри и моќност од 232 КС, автоматски менувач, норма на издувни гасови Euro 4.

Каросеријата е лакирана во сина металик боја, возилото е од прв сопственик, со комплетно кожен ентериер во кремаста боја. Со прв сопственик, овој модел уште држи цена на пазарот и засега е поредок на нашите улици, но како што пристига новата генерација на моделот, соодветно ќе почнат да паѓаат и цените, па може да се очекува набрзо да следува поголем наплив од огромниот теренец, особено кога за половина до една година ќе се сменат по еден или повеќе следни сопственици. Опремата е комплетна, со паркинг сензори напред и назад, електрично местење на седишта, навигација, грејачи во седишта, темпомат, но и влечна кука (!) и ксенонски светла. Последниве можат да бидат голем трошок во случај на оштетување, така што изборот на користено возило со ксенонски светла не е секогаш умен избор. Одржувањето е евидентирано во сервисната книшка и возилото уште е изложено во салонот на дилерот, како репрезентативен примерок.

Ознаки
loading...

Слични објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Откриен е Adblock

Ќе ни помогнете доколку ја исклучите вашиата блокада за реклами

Notice: ob_end_flush(): failed to send buffer of zlib output compression (0) in /home/automedi/public_html/wp-includes/functions.php on line 3729