за

Колекционерите се палат на јапонски олдтајмери

Nissan Skyline GT-R од 1970 година нема некој посебен изглед. Но, под хаубата работи шестцилиндарец

Донеодамна беше незамисливо некој што е надвор од Јапонија да се заминава со идејата да направи колекција од јапонски лимузини од средната класа. Но, во минатото лето, еден Nissan од 1972 година беше продаден за 242.000 долари на наддавање во Монтереј, во САД. Викендов во Аризона се одржува ново наддавање, на коешто реномираната аукциска куќа RM Auctions очекува да продаде лимузина од Nissan од 1970 година за најмалку 100.000 долари.

Станува збор за Skyline GT-R, меѓу ентузијастите познат како „хакосука“, што во превод значи „коцкест“. Моделот има интересна историја. Претходникот на Skyline, под моделското име Prince, се појави во 1957 година, а во 1964 година неговата верзија S54 Skyline 2000 GT почна да учествува и на трките со сериски автомобили, оставајќи го зад себе дури и Porsche 904 GTS. Брзата лимузина победи на повеќе од 50 трки во Јапонија.

Третата генерација под фабричкиот код C10, од којашто потекнува конкретнава лимузина, се појави на пазарот во 1968 година, со 2000 GT-R како топ модел во гамата. Под хаубата работи линиски шестцилиндарец со работна зафатнина од два литра, две брегасти вратила и четири вентили по цилиндар, којшто со три карбуратори Mikuni-Solex N40PHH постигнува моќност од 160 КС. Менувачот е со пет степени на пренос.

Од лимузинската изведба се изработија само 832 примероци. Подоцна се појави и купето со фабрички код KPGC10, на коешто трките му лежеа уште подобро. Познавачите особено го ценат звукот на шестцилиндарецот во овој автомобил што се смета како претходник на Godzilla, како што подоцна се нарекуваа моделите Skyline R32, R33 и R34. Но, дали звукот е доволно вреден да се платат 100.000 долари?

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Автопроизводителите проверуваат дали имаат терористи меѓу вработените

Мобилниот на Lamborghini не само што е грд, туку и пеколно е скап