за

Кога 510 КС не се доволни: Brabus Mercedes-AMG GT S нуди 600 КС

Скромен допинг од специјалистот за тјунирање на Mercedes. Суперспортското купе GT во верзијата на Brabus додава 90 КС. Но, тјунерот од германскиот Ботроп има уште неколку фини детали. Премиерата е во Франкфурт.

Тјунерската работилница Brabus е првата адреса кога и Mercedes не може да помогне со доволно ексклузивен и моќен автомобил. Фирмата од Brabus со близу четиридецениско искуство во работата со Mercedes ќе претстави тјунирана верзија на суперспортскиот GT на салонот во Франкфурт. Со 600 КС и вртежен момент од 750 њутнметри, двоседот на Mercedes вози до 325 километри на час.

Зафатот на Brabus се препознава по аеродинамичните додатоци за каросеријата што се оставени необработени и со видлива карбонска структура, како и по сензационално лесните ковани бандажи Brabus Monoblock F. На тоа се надоврзуваат спортско подвозје со дотерување на висината и тврдоста, заедно со спортски издув изработен од титанска легура и снабден со електронска контрола на звукот.

Коњски сили не може да бидат премногу во спортски автомобил

Според Brabus, „човек никогаш не може да има доволно моќност, а особено не во спортски автомобил“. Поведени под ова мото, инженерите од Ботроп му вградија кит за тјунирање B40-600 на четирилитарскиот осумцилиндарец со битурбонатполнење. Контролниот модул едноставно се поврзува со електрониката и освен што влијае врз впрскувањето и палењето, „наредува“ и повисок притисок на натполнење. По вградувањето се добива плус од 90 КС и 100 њутнметри над стандардниот мотор.

Логото на Brabus во маската на Mercedes секогаш предизвикува стравопочит
Логото на Brabus во маската на Mercedes секогаш предизвикува стравопочит

Со 600 КС при 6.400/min и максимален вртежен момент од 750 Nm при 4.800 вртежи, тјунираниот GT S спринтува за 3,6 секунди до сто и постигнува 325 km/h. Сето тоа доаѓа со тригодишна гаранција до 100.000 километри и обврска во погонската спрега да се користат исклучиво скапите масла на Motul. Но, тјунерот и без тоа услужува клиенти што имаат вишок пари.

Како дополнување на контролниот модул може да се доплати за спортски издув од титан, со четири издувни цевки во комбинација од титан и карбон. Покрај тоа што овој издув е за 40 проценти полесен од стандардниот, се оптимира и ослободувањето на моќноста на моторот V8. Посебен детал е електронската контрола на придушувачките ламели во издувните лонци, со копче во кокпитот. Кога е неактивен, системот располага со посебен режим за тивка работа, потивка во споредба со стандардниот модел, за соседите да не ги знаат часовите кога сопственикот на GT си доаѓа дома. Затоа, пак, кога придушниците се отворени, звукот на осумцилиндарецот е уште пожесток и поостар во споредба со стандардниот издув.

За кокпитот се подготвени прагови од карбон, со елементи од благороден челик и со лого на Brabus што ја менува бојата од бело во црвено, заедно со алу-педали и алуминиумски рачки на воланот за контрола на менувачот. Врв во облагородувањето на ентериерот секако дека е скапата кожа што ја користи тјунерот, којашто може да се бојадиса и изработи во која било комбинација што ќе ја посака клиентот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Project 2&4: Возилото од соништата на Honda – и не само на Honda

Тест • Suzuki Vitara 1.6 AllGrip GL PLus