за

Клима уредот може да биде извор на бактерии во кабината

Клима уредот не придонесува само за комфорот, туку и за безбедноста во возењето. Но, при нередовно одржување тој може да стане избор на бактерии, габички и други микроорганизми.

При летните жештини, единствено клима уредот помага во кабината да се одржува пријатна температура. Но, тој претставува и важен фактор за безбедноста во возењето. Со зголемувањето на температурата во кабината значително се намалуваат концентрацијата и времето на реакција на возачот, со што се зголемува опасноста од незгода. Многумина возачи сепак забораваат дека и клима уредот треба редовно да се одржува, затоа што тој претставува идеална хранлива почва за бактерии, габи и други микроорганизми. Особено е препорачливо одржувањето на разладниот уред да се изврши пред заминување на летен одмор.

Надразнети дишни патишта, очи и слузница – тоа се вообичаените симптоми што укажуваат на неопходност од чистење на клима уредот. Штетните организми најчесто се присутни во внатрешните канали на клима уредот, каде што е темно и при работата на уредот се создава кондензирана вода, како одлична подлога за размножување на микроорганизмите. Кога при вклучувањето на уредот почнува да се шири непријатна миризба, тоа е краен знак дека системот е контаминиран до тој степен што мора итно да се изврши дезинфекција или темелно чистење на клима уредот и на целата внатрешност на возилото, заради уништување на микроорганизмите.

За тоа да се спречи, уредот треба редовно да се носи на одржување во сервисна работилница барем еднаш во годината. Производителите самите го препорачуваат тоа, имајќи во предвид дека годишно испаруваат околу 8 проценти од разладното средство, при што ослабнува дејството на системот. Во рамките на одржувањето спаѓа и замена на филтерот за полен, којшто спречува поленот и други алергенски честички да навлезат во кабината. Повеќето возачи избегнуваат замена на овој филтер, заради намалување на трошоците за одржување на возилото, но оваа привидна заштеда може да отиде на товар на здравјето. Во продавниците за авто прибор се достапни и спрејови за дезинфекција, коишто можат во извесна мера да помогнат, но не се толку делотворни колку темелно чистење во сервисна работилница.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Сокриен е Jeep Renegade – кој ќе го најде, негов е

Магазинот „auto motor und sport“ за тестот на BMW i8