за

Катастрофални резултати од краш тестот на автомобили за 16-годишници

Ligier

EuroNCAP овојпат тестираше автомобили од коишто не се бара никаква безбедносна заштита. Со исклучок на електричниот Renault Twizy, сите кандидати колабираа на тестот.

Овие автомобили се лесни и малечки и според законите во ЕУ смеат да се возат со само навршени 16 години. Проблемот е во тоа што за автомобилчињата од класата L6/7 воопшто не се предвидува безбедносна заштита на патниците. Краш тестот на организацијата EuroNCAP покажа што се случува во случај на судир.

Четири кандидати беа тестирани на челен и страничен судир со брзина од 50 километри на час. Најпознатиот меѓу нив е електричниот Renault Twizy 80. Покрај него на тестот се најдоа уште Tazzari Zero, исто така со погон на струја, како и класичниот голф-карт Club Car Villager и дизелскиот Ligier Ixo. Сите четири возила се хомологирани за патен собраќај, но не како автомобили од класата М, туку како квадови или возила со четири тркала од класите L6e и L7e. Законот нив ги гледа повеќе како мопеди отколку како автомобили и поради тоа постојат ограничувања во моќноста, брзината и тежината. Зависно од моторот, со нив може да се управува веќе со навршени 16 години.

Безбедносното ниво е значително пониско во споредба со обичните автомобили, затоа што хомологацијата се добива без потреба од краш тест. На тестот на EuroNCAP, којшто е посебно приспособен за овие микромобили и далеку е од строгите стандарди за нормалните возила, најлоши резултати покажаа Ligier и Tazzari, кај коишто дури и безбедносните ремени не ја извршија задачата. Кај првиот се откачи држачот, а кај вториот се скрши истиот. Тоа би имало лоши последици при судир. Лошо се покажа и електричниот голф-карт, кој вози максимално 35 km/h. Целата структура на возилото откажа при судирот, без да понуди каква било заштита за патниците. Далеку подобри резултати постигна Renault, кој единствен поседува воздушна перница во стандардната опрема.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Макпетрол воведе ново дизел гориво со биокомпонента Ултра Дизел Био Џет

Mini со пет врати личи на … личи на … кинески Lifan!